Во Русија почнува изградбата на „Јужен поток“
Објавено во: Свет 07 Декември, 2012
На компресорската станицата „Рускаја“ во Краснодарската област во јужна Русија денеска почнува изградбата на гасоводот „Јужен поток“.
Генералниот директор на компанијата „Газпром Трансгас Краснодар“ Игор Ткаченко изјави дека компресорската станица „Рускаја“ во неспоредна близина на Црното Море ќе биде најголемата на светот и оти обемот на гас, кој ќе го транспортира ќе достигне 63 милијарди кубни метри годишно, што е десет отсто од вкупната побарувачка на гас во Европа.
Во изградбата на „Јужен поток“, кој ќе транспортира руски гас во Европа по дното на Црното Море, ќе бидат вложени околу 15,82 милијарди долари.
Подморската делница на гасоводот ќе води од компресорската станица „Береговаја“ на рускиот брег на Црното Море до Бургас во Бугарија. Вкупната должнина на подморската делница ќе изнесува околу 900 километри на максимална длабочина од два километри.
Гасоводот ќе минува низ Бугарија, Србија, Унгарија, Словенија и Италија, а останатите држави ќе бидат приклучени преку краците. Македонија ќе биде вклучена во гасоводот „Јужен поток“, со крак. За тоа каде ќе биде кракот со кој ќе се приклучи Македонија кон гасоводниот систем ќе се прави дополнителна проценка со цел да се пронајде најекономскиот и најисплатливиот начин.
Со цел „Јужен поток“ да биде пополнет целосно до капацитетот од 63 милијарди кубни метри, рускиот систем за транспорт на гас ќе биде проширен со изградба на дополнителни 2.446 киломери гасоводи и десет компресорски станици, со вкупен капацитет од 1.437 мегавати. Тој проект, наречен „Јужен коридор“, ќе биде реализиран во две фази, до декември 2019 година.
„Јужен поток“ е од стратешко значење за енергетката безбедност во Европа и планирано е да биде пуштен во употреба до крајот на 2015 година.
Акционери на „Јужен поток“ се рускиот „Газпром“, кој има половина од сопственоста во заедничката фирма, а другата половина ја поседуваат италијанската ЕНИ, француската ЕДФ и германскиот БАСФ.
Сергеј Икоников, претставникот на „Газпромекспорт“ во Македонија вчера изјави дека присуството на македонска делегација на почетокот на работите за изградба на гасоводот зборува за реалните и потенцијалните можности за соработка со Руската Федерација.
- Ја поканивме Македонија да учествува на церемонијата како реален и потенцијален партнер, кој се уште нема потпишано договор со Русија, рече Икоников.
Осврнувајќи се на руско-македонската соработка во областа на гасот, тој нагласи, дека вклучувањето на Македонија во „Јужен поток“ е логично и неопходно. Во моментов, додаде тој, руската страна го разгледува македонското барање за корекција на проектот и за вклучување во „Јужен поток“.
Вклучувањето на Македонија во „Јужен поток“ е договорено на 3 јули годинава во Нижни Новгород за време на 6. заседание на Мешовитата руско-македонска меѓувладина комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка. Останува уште да се склучи меѓудржавен договор за конечно вклучување на Македонија во „Јужен поток“
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.