23 Март, 2019
0.2645
    ADIN 691    0%     ALK 8430.59    0.36%     GRNT 826.25    2.01%     KMB 5672.66    -0.24%     MKSD 211    -0.27%     MPOL 389    0%     MTUR 5030    -1.37%     RMDEN17 98    -0.28%     RZLE 18    -14.29%     STB 1180    -1.31%     STIL 112.87    -0.99%     UNI 2300.35    0%

Во САД „поткашлуваат“ - во Русија паѓа рубљата!

Објавено во: Колумни 11 Јануари, 2019

Во САД „поткашлуваат“ - во Русија паѓа рубљата!

Со што ќе се соочат Русите по исчезнувањето на празничниот мамурлак. Мамурлак насобран од празнување кое трае и продолжува од пред крајот на декември, католичкиот Божик, па се до прославата на Стара Нова година. Во Русија ова е традиција настаната во капитализмот. Дваесетина дена работат само оние кои што мораат да работат по силата на работните места. Сите други слават. 

Е, кога ќе исчезне мамурлакот, некаде од понеделник, ќе почнат уфкања, туфкања, незадоволства, па и пцуења. Народот ќе се соочи со мерките кои се воведоа , а кои беа речиси неминовни. Затоа што руската економија веќе неколку години е во застој. Што од санкциите, што од ниските цени на енергетските суровини, што од отсуството на вистинските структурни реформи во економијата. Непродуктивните трошоци и корупцијата дополнително си го прават своето.

Во мај минатата година претседателот Владимир Путин го потпиша таканаречениот „Мајски декрет“ во кој се напишани целите за економскиот раст во Русија до 2024 година. Претседателот сака руската економија да расте со темпа повисоки од оние на просечната светска економија и до 2024 година Русија да влезе во петорката на најголеми светски економии. Освен тоа Русија сака да ја намали сиромаштијата за два пати. За реализацијата на оваа цел во федералниот буџет се предвидени трошоци за 12 национални проекти, кои вклучуваат  расходи за здравство, за образование  , а исто така и изградба на патишта и обнова на постојната инфраструктура. За сето ова до 2014 година треба да се потрошат околу осум трилиони рубљи. Што според сегашниот курс на рубљата во евра е околу 104 милијарди. 

Од каде ќе се наоѓаат овие пари? Од овој месец во Русија данокот на додадената вредност(ДДВ) од 18 се зголеми на 20 проценти. Не се знае како тој ќе влијае врз потрошувачите. Некои велат дека ќе се зголеми инфлацијата, па би добила и двоцифрена вредност, но руската Централна банка  има искуство и алатки за борба со неа. И покрај тоа за Русите инфлацијата  е бетер од данок. Особено за сиромашните. Тие се уште не ги заборавиле финансиските кризи од крајот на деведесеттите години на минатиот век и онаа од 2008 година. Лани власта донесе одлука да ја зголеми пензиската возраст, но се уште не е јасно какви и колкави ќе бидат ефектите од пензиската реформа. А народот е незадоволен, бидејќи власта со години тврдеше дека ќе нема зголемување на возраста, па сепак го направи тоа. Лани се воведоа и некои нови даноци, кои ќе важат од оваа година. На пример на самовработување-фриленс во неколку руски региони. Зад централната власт со свои даноци не заостанува и регионалната. Па и таа воведува разни давачки. Се зголемуваат вредностите на казните за некои прекршоци и тоа драстично. Не помалку и цените на комуналните услуги. Кон крајот на минатата година во Русија имаше бензинска криза која беше решена со притисок на власта и горивата не поскапеа. Одуката за тоа е одложена, но сигурно за месец два и цените на горивата ќе отидат нагоре. Тоа е од полза и на државата  која собира пари од акцизите.

При сето ова тешко дека државата ќе успее да собере пари за реализација на „Мајскиот декрет“ на претседателот. Пред Нова година во Кремљ кај Путин, по однапред подготвен список, се собраа шеесетина претприемачи. Десетици од нив вкупно „тежеа' над 200 милијарди долари. Лани еден од помошниците на Путин заговараше  извозниците во некои области(металурзите на пример) да плаќаат „данок“ на дополнителната добивка остварена од ослабената рубља. Тогаш се кренаа бизнисмените, но и некои министри и таа идеја не се реализираше. Стануваше збор за милијарди долари.  Затоа сега истиот помошник го организираше собирот на бизнисмените и не побара од нив да плаќаат „данок“. Но сега власта и бизнисмените најдоа компромис. Бизнисот „доброволно“ се согласи да финансира крупни инфраструктурни и други проекти. Можеби неколку трилиони рубљи. Прилог на бизнисмените во остварување на „Мајскиот декрет“!  Инаку од каде би се пополнил буџетот за тој декрет. Писателот и национал-болшевикот, Едуард Лимонов, вели „на државата и требаат пари, а од каде ќе ги земе, освен кај олигарсите. А да ја урне идеологијата на олигархискиот капитализам не се решава еден од нејзините верни синови ВВП( вака го пишуваат претседателот Путин, б.а.), па и ќе одземат, засега дел од парите, мотивирајќи го тоа со – специјални проекти“. Тој очекува вакви списоци да се подготвуваат и понатаму. Затоа што на државата пари ќе и бидат потребни постојано.

И навистина на руската економија нема да и цутат рози оваа и наредните години. Малкумина веруваат дека Русија ќе успее да влезе во петорката најсилни економии во светот до 2024 година обезбедувајќи темпо на раст поголемо од светскиот просек. За такво нешто потребно е цените на нафтата и гасот да растат. Но предвидувањата се дека тоа нема да се случи. Дури и сегашните цени би можеле да паднат. Што значи тоа за економија која зависи од извозот на тие суровини не треба да се зборува. Кон Русија веќе се воведени санкции економски кои на долг рок покажуваат влијание, иако таа веќе се навикна да живее со нив. Тие санкции продолжуваат. А од САД веќе има најави за воведување на нови групи санкции. Во Конгресот има поднесено законски проекти кои предвидуваат нови санкции, во тие рамки и против рускиот државен долг и државните банки. Се оди до таму што има предлози и за исклучување на Русија од меѓународниот платен систем – SWIFT. Со секоја најава на санкции доаѓа до паѓање на рубљата. Во САД „поткашлуваат“, а во Русија паѓа рубљата. А што ќе биде ако покрај најавените санкции Западот добие „идеи“ и за нови санкции?

Опасноста од надворешните влијанија врз руската економија не завршува кај санкциите. Во САД веќе зборуваат за почеток на рецесија годинава. А исто така и во забавување на растот на светската економија. Последново може да доведе до намалување на побарувачката на главните извозни артикли на Русија, а со тоа и на паѓање на цената на нафтата. Ризик за Русија може да биде и трговската војна меѓу САД и Кина. И Светската банка во отчетот за Русија вели перспективите за економски раст од 2018 до 2020 година 

остануваат мали. А неблагопријатните фактори ги надминуваат благопријатните. За банката благопријатен факт е раст на цената на нафтата над прогнозираното ниво. А во неблагопријатните се вбројуваат ризиците од заострувањето на трговските противречности во светот и зголемувањето на цените на бензините. 

За  олеснување на борбата со санкциите руската Централна банка се ослободи од голема сума долари од своите резерви. Деновиве Централната банка на Русија извести дека по воведувањето на драстичните американски санкции во април лани, кога под удар паднаа голем број руски олигарси, банкари и нивни компании, за два месеци вложувањето на Русија во американски хартии од вредност се намалило од 96 до помалку од 15 милијарди долари.  Парите од американските хартии од вредност биле претворени во активи во евра, јуани и јени. Вкупно руските резерви во долари биле намалени од 201 на 100 милијарди долари. Централната банка ваквите потези ги објаснува со „геополитичкиот ризик“. Тука се има предвид навиката на САД да замрзнуваат активи на централни банки, како што беше со Иран и со Либија, кога беа замрзнати десетици милијарди долари. Некои медиуми пишуваат дека во 2017 година Ројтерс известил дека чиновници на американското министерство за финансии и други владини агенции, периодично добиваат достап до тајни информации за сметките кои централните банки на разни земји ги држат во Федералната резервна банка на Њујорк. Според Ројтерс во 2014 година американските чиновници направиле обид да ги следат движењата на сметката на руската Централна банка. 

И ако државата се ослободува од доларот граѓаните обратно се повеќе го засакуваат. Го сметаат како валута која штити од инфлацијата. И главно така ги чуваат своите заштеди од обезвреднување. Лани рубљата изгубила околу 20 проценти од својата вредност. Според одредени податоци  некој месец Русите трошат за купување на американската валута до пет милијарди долари. Ова особено кога почнуваат разговорите за намалување на цената на нафтата или за воведување на нови американски санкции. Инаку најмногу долари се купуваат пред почетокот и во екот на годишните одмори. Па така лани во јули Русите купиле 800 милиони, а во август над две милијарди долари. Побарувачката на долари расте и со зголемувањето на нивниот одлив од земјата. Според Централната банка на Русија, лани од земјата се одлеале околу 55 милијарди долари. Година се очекува таа бројка да надмине 70 милијарди долари. 

Што очекуваат Русите годинава, кога прогнозите не се оптимистички. Во една интернет анкета на порталот „Слободен печат“ речиси 30 проценти од учесниците во неа велат дека очекуваат девалвација на рубљата и влошување на економската состојба во земјата. Над 21 процент намалување на личната материјална положба. Речиси 20 проценти сметаат дека нема ништо да се промени и се’ ќе остане по старо. А над 16 проценти очекуваат оставка на владата на премиерот Димитриј Медведев. Само неполни четири проценти очекуваат подобрување на личната благосостојба, а економски скок на Русија речиси шест проценти од учесниците во анкетата.

И така по мамурлакот Русите ќе има со што да се соочат. „Мајскиот декрет“ бара жртви. Како и секогаш први на удар ќе бидат најсиромашните. А олигарсите? Тие ќе си изнесат голем дел од 70-те милијарди долари надвор од земјата. За да ја подобрат благосостојбата на државите каде што се банките во кои тие ги вложуваат своите пари. Очигледно не и веруваат на својата земја во која ги водат бизнисите и ги остваруваат добивките. Но тоа им го дозволува и системот, кој тие максимално го користат.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Назарбаев – идејниот татко на Евроазиската унија, замина за да остане

Назарбаев – идејниот татко на Евроазиската унија, замина за да остане

Колку се реални листите на меѓународните организации?

Колку се реални листите на меѓународните организации?

Улогата на управувањето на земјоделството-Фактор за надминување на кризи

Улогата на управувањето на земјоделството-Фактор за надминување на кризи

Дунек ни за лек!

Дунек ни за лек!

Крим и Косово – пазар меѓу САД и Русија

Крим и Косово – пазар меѓу САД и Русија

Изгледи за светската економија во годината на свињата

Изгледи за светската економија во годината на свињата