14 Мај, 2024
0.0243

Во светот на богатите

Објавено во: Колумни 28 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Во индустријата на финансиски услуги не постои унифицирана дефиниција за поимот „приватно банкарство“. Банкарите се согласуваат дека услугите од сферата на  приватното банкарство ги користат лица со големо богатство и силно изразени деловни интереси. Кое богатство ќе биде третирано како големо зависи од ставот на конкретната финансиска институција и демографските карактеристики на пазарот. На пример, прагот за богати клиенти од развиените земји е значително повисок од прагот за такви клиенти од земјите во развој.

Во сферата на приватното банкарство, банките нудат широк спектар на услуги на своите клиенти. Таквите услуги опфаќаат управување со средствата на клиентот (совети за инвестирање, управување со инвестициите), offshore услуги, старателски сметки, трансфер на средства, кредитирање, финансирање на домашната и меѓународната трговија итн. Голем број банки основаат приватни инвестициски компании. Тие компании се посебни правни лица и имаат задача да работат со клиентите во сферата на приватното банкарство. Приватните инвестициски компании нудат доверливост на сопственоста на средствата и вршат централизирано управување со средствата на клиентите. Приватни инвестициски компании често се формираат во земји кои имаат многу мали даноци или воопшто немаат даноци. Приватноста и доверливоста се основни елементи на приватното банкарство. Покрај стандардните услуги, клиентите можат да побараат од банката нивната сопственост врз одредени средства или капитал да остане тајна. Во таков случај, банката станува фидуцијарен сопственик на средствата и капиталот, иако функционира во име и за сметка на својот клиент. Кога банката функционира како фидуцијарен сопственик, таа има статутарни, договорни и етички обврски да ја чува тајноста на својот клиент. Приватното банкарство се потпира на личната комуникација, целосната дискреција и креирањето на меѓусебна доверба помеѓу банката и клиентот. Овој вид на банкарство подразбира голем степен на флексибилност, односно прилагодување на банкарските производи и услуги на потребите на клиентот. Исто така, кај приватното банкарство постои индивидуализиран пристап, односно секој клиент се третира како посебен случај, а банката настојува да излезе во пресрет на неговите индивидуални желби и потреби. Една од карактеристиките на овој тип на услуга е што истата може да се даде и надвор од просториите на банката. Не е мал бројот на банки во светот кои услугата на приватно банкарство ја обезбедуваат во деловните простории на клиентот, па дури и во неговиот дом. Се разбира, услугите во сферата на приватното банкарство воопшто не се евтини. Големите светски банки наплаќаат огромни провизии од своите клиенти. Тие го наплаќаат управувањето со средствата, ги наплаќаат инвестициските совети, ја наплаќаат дискрецијата. Обично висината на провизијата зависи од видот на производот или услугата, но често таа провизија може да биде зголемена поради влијанието на други фактори. Сосема за крај, да се свртиме кон светот на бројките. Средствата кои на глобален план „се вртат“ во приватното банкарство се изразуваат во илјадници милијарди американски долари. Само за илустрација, водечка банка во светот во сферата на приватното банкарство е швајцарската UBS која во 2013 година управуваше со 1.705 милијарди долари на своите клиенти. Веднаш зад оваа банка се американските Bank of America (1.673 милијарди долари), Wells Fargo (1.400 милијарди долари) и Morgan Stanley (1.308 милијарди долари). Овие бројки се навистина фасцинантни. Посебно за нас што живееме на овие простори. Па сепак, it’s only money! д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка