Добивај вести на Viber
ЈП „Водовод и канализација“ ќе продолжи со реализација на СКАДА-системот за попрецизно следење и управување со водоводната мрежа, пишува Утрински весник. Претпријатието распиша тендер за економски оператор кој во наредните 36 месеци ќе го спроведува системот, заради посовршено лоцирање на водоводните дефекти и нивно отстранување. Понудите ќе се доставуваат најдоцна до 25 октомври, кога ќе биде и нивното јавно отворање.
СКАДА системот ќе дава попрецизна слика и за неконтролираното истекување на водата. Во случај на зголемена потрошувачка, ќе може да се утврди дали станува збор за дефект или за нелегално приклучување на мрежата.
„СКАДА значи 24-часовно следење на мрежата 365 дена во годината. Ќе имаме достапни и најпрецизни информации колку вода се произведува во Рашче, колку е протокот, притисокот и брзината на водата, колку точно се испорачува во Маџари, во Аеродром, Сарај, во високите и во ниските зони. СКАДА ќе утврдува дефекти и преку диспечерски систем. Ќе имаме увид на сите 39 градски резервоари. Воведувањето на системот на ниво на цела мрежа треба да се одвива етапно во текот на следните неколку години“ - вели директорот на „Водовод“, Стојан Србиновски.