29 Април, 2024
0.0420

Војна - можна и светска!

Објавено во: Колумни 28 Февруари, 2022

Добивај вести на Viber

Во моментот кога ќе ги читате овие редови во Припјат на границата меѓу Украина и Белорусија треба да се водат преговори меѓу руски и украински претставници. За што би преговарале, ако не за воспоставување мир во Украина по почетокот на руската „специјална воена операција“, израз кој се заменува со еден збор – војна.

 Преговорите беа најавени пред некој ден. За нив проговори краинскиот претседател Зеленски, кој ја повика Русија за нив. Русите прифатија, но нешто се случи и Украинците ги одложија прегворите. На брифингот во Стејт депарментот минатата недела, Нед Прајс, прес секретар, на прашањето дали можеби САД „отворено ги замолиле Украинците да не учествуваат во предложените преговори, не рече ни да, ни не. „ Како што реков, во контекст на непрекинатата инвазија, дипломатијата под вперено оружје не е вистинска дипломатија. Тоа е принудена дипломатија. Тоа е принуда прикриена како дипломатска учтивост. Тоа не е нешто што може да стави крај на овој конфликт онака, како што ние знаеме дека треба да заврши“, одговори Прајс.

Само некој ден по таа епизода двете страни, Москва и Киев, одново решија да преговараат. Претседателот на Украина Владимир Зеленски не верува во некој резултат од претстојните преговори на двете делегации, но смета дека треба да се проба. „За утре ниту еден граѓанина на Украина да не се сомнева дека јас како претседател не сум се обидел да ја сопрам војната, кога имало барем мала шанса“, изјави Зеленски. Поголем оптимист е украинскиот министер за надворешни работи Димитриј Кулеба. „Во ваквите преговори нема ништо лошо. И ако резултат од нив биде мир и ставање крај на војната, тоа неопходно треба да се поздрави, изјави Кулеба на еден брифинг. Како што пренесоа медиумите, украинската страна има намера на преговорите да ја „слушне“ позицијата на Русија и да се „искаже што мисли таа по повод таа војна и дејствувањето на Русија“. Но „за капитулација на Киев не станува збор. Украина нема да оддаде ни педа од својата територија“, рече Кулеба.

УСЛОВИ

Според рускиот заменик министер за надворешни работи Андреј Руденко, Русија на преговорите има намера да ги разгледа мировните прашања. „Во прв ред ќе разговараме за мирот, на кој начин во Украина може да дојде мир, што треба за тоа да се направи, за да не се повторат сите тие настани, чии сведоци бевме во 2014 година“, изјави Руденко. Тој веќе поставува услови. Веројатно смета дека во моментов Русија е во таква позиција, иако од теренот, барем засега не може да се добие таква слика, па да се поставуваат услови. Ова од причини што и по четири дена од руската инвазија таа наидува на силен отпор. Украинците во изминатите осум години, кога го изгубија Крим без испукан куршум, многу научија и ја возобновија донекаде својата воена сила. Згора на тоа добија и тони, тони оружје од Запад. Сигурно вредно и над една милијарда долари. Но не знаеме какво е руското гледање на ситуацијата. Веројатно тоа им дозволува да зборуваат за услови. „Главен услов...е исполнување на  оние барања за кои зборуваше нашиот претседател. Тоа е барањето за демилитаризација и за денацификација на Украина. Нормално за тоа се потребни определени чекори од страна на нашите украински колеги“, забележа Руденко. Тој очекува рационален приод од своите украински соговорници за поставените барања.

На преговорите им претходеа настани кои беа нивна предигра. Ни јас не очекувава таков драматичен пресврт. Се’ мислев дека натрупаната војска на украинската граница ќе се повлече, откако САД ќе ја убедат Украина да седне да ги спроведе Минските договори, и дека ќе почне дијалог за гаранција на руската безбедност, побарана во документот испратен до САД и НАТО во средината на декември лани. Најнапред пропадна дијалогот. Најавата на Русија доколку тој пропадне, а се бараше неширење на НАТО, Украина и Грузија да не влезат во Алијансата, па писмени гаранции за безбедноста на Русија и нераспространување на ударни системи на територијата на Европа, беше дека ќе се преземе „воено-технички“ одговор. Што се подразбира под тоа видовме на 21 и на 24 фебруари. Во инсценирана постановка, снимени кадри однапред, седнат еден наспроти десетина- дваесет министри, депутати..,како сцена од Северна Кореја, недостасуваа само тефвтерчињата и пенкалата во раце, Владимр Путин најави признавање на сепаратистиките територии на Донбас. Другиот ден стана збор дека тие се признати во рамките на некогашните административни граници, а сепаратистите под контрола имаа само една третина од териториите!.

Веќе тоа беше знак за загриженост. Што значи тоа?. За да се земат под контрола тие територии ќе треба да оди кон нив. А за такво нешто треба војна. Тоа ли е целта на стоилјадната руска војска на украинските граници?  Дали е тоа онаа мала инвазија за која прозборе Бајден во еден момент на искреност, за која рече дека ќе има и мали реперкусии. А ако е голема инвазија, рече тој, реперкусиите ќе бидат поголеми. Подоцна соработниците мораа јавно да го коригираат. Демек немал мала или голема инвазија. Во најмала рака човекот погрешно се изразил. Се наметнува прашање дали нема некаков договор меѓу него и Путин? На 24 фебруари загриженоста стана стварност. Путин  покажа дека целта не е само Донбас. Целта е Украина. Отворена војна.  Руските војски навлегоа во Украина.

СПЕЦИЈАЛНА ВОЕНА ОПЕРАЦИЈА

 „Добро е познато дека во текот на 30 години ние упорно и трпеливо се обидувавме да се договориме со водечките земји на НАТО за принципите за еднаква и неделива безбедност во Европа. Како одговор на нашите предлози ние постојано се судиравме или со цинични измами и лаги, а Североатлантската алијанса во тоа време, без оглед на  сите наши протести и загрижености, постојано се шири. Воената машина се движи и, повторувам, се приближува директно до нашите граници“, рече Путин во образложението на својата одлука за почнувањето на „специјалната воена операција“. Украина, која во меѓувреме воено е „натоизирана“ треба да се демилитаризира и денацифицира! Со воена сила и со жртви не само воени, туку и граѓански.

Можеше ли да се спречи војната? Секако. Само немаше слух за тоа. Два месеци и повеќе се испорачуваше лицемерие и од Западот и од Русија. Ќе ви даваме оружје велеа од Западот и испраќаа тони оружје. Ќе ви даваме оружје, ама ако дојде до војна нема да ве браниме, нема да се вклучиме директно, бидејќи не сакаме војна со Русија велеа Американците. Конкретно Бајден. И постојано цело време уште од есента наваму се трубеше дека утре или други ден ќе има војна. Дека Украина ќе биде нападната. Како да кобеа. Па ако знаевте уште тогаш дека ќе биде нападната зошто не презедовте мерки тоа да не се случи? Не можеше ли САД, најсилната армија во светот и најголемата економска сила да ја седне не маса Русија и да се договорат за некои работи, заради чие неостварување денес крвари Украина? Сигурно дека можеа да го направат тоа. Ама како некому да одговараше да има војна меѓу двете соседни земји. Од друга страна Русија лицемерно постојано одговараше на најавите за војна дека нема намера да напаѓа на Украина. Само еден ден пред мерките на Путин, рускиот амбасадор во Вашингтон тврдеше дека „нема да влеземе во Украина“. Сигурно е едно и двете страни се подготвуваа за војна. Едните вистинска, а другите посредна. Со санкции и користење на Украинците како топовско месо.

„Ова не е почеток на војна, ова е спречување на развојот на ситуацијата, која може или можеше да доведе до глобален воен судир и крај на војната што се водеше [во Донбас]“, рече Марија Захарова прес секретар на руското МНР. Според Захарова, пред почетокот на операцијата во Донбас, Москва го добила одбивањето на Вашингтон да преговара. „Американската страна испрати официјален одговор до руската страна во форма на порака од американскиот државен секретар [Ентони Блинкен], во која на прилично безобразен начин, детално беше наведена нивната неподготвеност да преговараат со Русија. Сето ова Москва го прими пред да започне специјалната операција“, рече таа.

МАКЕДОНСКО ИСКУСТВО

За да се избегнеше војната во Украина доволно беше сите таму вклучени и Русија и Украина и САД и Франција и Германија да дојдат во Македонија. Да го проучат Охридскиот договор. И кај нас во 2001 година од Косово имаше инвазија на „терористи“, според генералниот скретар на НАТО, Џорџ Робертсон, кои со воено искуство од судирите со Србија почнаа да војуват против неподготвената македонска војска. Борбите ескалираа, па „терористите“ прераснаа во „бунтовници“, па во „борци за човекови права“. Како и да е, се седна во Охрид под чадорот на меѓународната заедница и се донесе Охридскиот договор. Многу Македонци тогаш викаа што бараат Албанците, ако од Македонија им се помили Албанија или Косово нека одат таму. Но Договорот се постигна, Па се промени македонскиот Устав, па се амнестираа, дури и борци кои беа осомничени за воени злосторства, па се донесоа други промени, правилна застапеност, а албанскиот јазик се промовираше во втор државен. Па еве поминаа повеќе дваесет години, а Македонија живее во каков, таков мир и спокојство.

Екстремистите во Донбас се кренаа на оружје, поддржани од надвор, поради укинувањето на рускиот јазик како државен. Тоа беше една од првите мерки што ја донесоа „револуционерите“ од Мајдан, само неколку дена по земање на власта. И почнаа борби за човекови права. Се’ заврши со одземање територии, кои прогласија независност, но кои Русија и покрај нивното барање не ги призна, туку изјави дека тие се дел од Украина, сметајќи дека ќе се спроведат Минските договори. Што предвидуваа тие: промена на уставот на Украина, децентрализација, амнестија, но не на воени слосторници, прогласување на рускиот јазик за државен, па избори и на крај украинските сили да ја преземат контролата врз границата со Русија. Многу голема сличност со Македонија, ама очигледно таму Западот не сакаше да притисне, како кај нас, да се спроведат договорите. Седум години не се спроведе ниту првата точка траен прекин на огнот. Постојано имаше обвинувања, де од украинска, де од руска страна. Гарантите Франција и Германија, како да не беа гаранти, а САД велеа дека Минските договори треба да се спроведат, ама не сакаа да се вклучат во нивното спроведување. Затоа велам барем да се обидоа да дојдат до Македонија.

САНКЦИИ

Воените дејства веднаш беа дочекани со санкции. Не ад хок, туку подготвени. Со пресметани ризици за Западот и штети за Русија. САД упорно градеа антируска коалиција. Беа испраќани повици до многу држави за вклучување во неа. Голем дел ги прифатија. Такви санкции не можат да се подготват за неколку дена. Врз нив сигурно е работено со денови, а можеби и месеци. Американскиот претседател Џо Бајен инсистираше на единство во ЕУ и НАТО и пошироко. И нормално, тоа е еден од начините да се војува со Русија, кога не знаеш како таа ќе се однесува, кога ќе ја „откачиш“ од преговори за нова безбедносна архитектура во Европа. Се вовдоа сериозни економски санкции и за државата и за банките и за поединци, па дури и за Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Денес кој знае каква возбуда ќе има во Москва на пазарите на пари. Рубљата може од 83 рубљи за долар да скокне дури на 200 рубљи за долар. Европското небо е речиси затворено за руските авиони. Хрватите отидоа до таму што во знак на протест не изведуваат дела од руски композитори, со украинско потекло! Прочуениот Петар Илич Чајковски, на пример. Во Вашингтон не знаат дали ќе забранат гостување на Бољшој театарот. Многу кредитни картички на Русите се болкирани и не можат да ги користат надвор од Русија. Западот реши Русија да биде економски уништена. Дали ќе може да се направи такво нешто?

Според „Вашингтон пост“ Русија во последните осум години ја зголемила својата заштита од санкции. Рускиот народ го прифати падот на животниот стандард со намалување на потрошувачката на увезена стока за повеќе од една четвртина.Руските компании ги платиле долговите кон странските кредитори, со што за една третина е намален нивниот долг. Со стегање на ременот државата успеала да ги зголеми девизните и златните резерви. Централната банка има резерви од 630 милијарди долари. Дури рускиот извоз да биде  под санкции 100 насто во текот на една година, земјата ќе може да купува увозни стоки со исти темпа и ќе и останат девизни резерви. Но и покрај се’ и покрај изјавите од Вашингтон дека не сакаат да му наштетат на народот, бидејќи тој не ги носи одлуките за војна, на пример, сигурно е дека обичниот народ ќе биде погоден од санкциите, а доколку тие траат подолго ќе имаат сериозно влијание врз народот. А рускиот народ за тоа ќе ги обвини Американците, а не неговите политичари, како што не еднаш било досега.

Вчера дојде вест дека ЕУ одобриле нови санкции против Русија, дека ќе и дадат офанзивно оружје на Украина во вредност од 450 милиони евра. Капак на се’ беше изјавата на Џо Бајден дека алтернатива на воведувањето на крупните санкции од страна на Западот против Русија во врска со настаните во Украина би бил почеток на трета светска војна. Тој воопшто не помислува што зборува. Зошто не седне со Русија да разговара за тоа што треба да се преземе за да нема трета светска војна?

БОРБЕНО ДЕЖУРСТВО

Санкциите, изјави како на Бајден и други политичари, натрупувањето на војски на НАТО на границите со Русија или блиску до Русија и испораките на оружје во Украина како да беа повод Путин на средбата со министерот за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на генералштабот валериј Герасимов, да нареди за поставување на „силите за одвраќање на руската армија во состојба на посебен режим на борбено дежурство“. Причина за ова, според Путин, е тоа што лидерите на земјите од НАТО „си дозволуваат агресивни искажувања на адреса на Русија“. „Гледате дека западните земји преземаат не само непријателски дејства во однос на нашата земја во економска сфера, ги имам предвид нелегитимните санкции, за кои сите веќе знаат, но и највискои функционери од водечки земји од НАТО си дозволуваат агресивни искажување на наша адреса“ , рече Путин.

Ова значи дека станува збор за стратешките сили за одвраќање кои се основната боева моќ на вооружените сили на Русија и се назначени за спречување и одвраќање агресија против Русија и нејзините сојузници, а исто така и уништување на агресорот, во тие рамки и со користење на нуклеарно оружје! Зарем не почнува да мириса на нулеарна војна? Стратешките сили за одвраќање вклучуваат во себе стратешки офанзивни и одбранбени сили. Првите се опремени со ракетни и авионски комплекси со интерконтинентални далечини и прецизно оружје со голем дострел. Во стратешките офанзивни сили влегуваат и делови од стратешки бомбардери, подморници, бродови и морска ракетоносна авијација со крилати ракети. А во стратешките одбранбени сили влегуваат системите за противавионска, противракетна  и противвселенска одбрана.

Министерката за одбрана на германија Кристина Ламбрехт наредбата на Путин ја оцени како закана. Според неа сега е потребна „студена глава“ во оваа сложена ситуација. Сега треба да реагира НАТО и да реагира не внесувајќи свој ввлог во ескалација. Во САД е воведен втр степен на борбена готовност на вооружените сили. Такво нешто се случувало за време на карипската криза и во време на операцијата „Пустинска бура“. Путиновата наредба претставникот на САД во ОН ја нарече неприфатлива ескалација. За Јенс Столтенберг потегот на Путин е „опасна реторика“. Претставникот за печат на Белата куќа Џен Псаки вели дека „НАТО никогаш не и се заканувало на Русија, исто како и Украина, додавајќи „ние имаме можност да се заштитиме себе си“.

ПУТИН НЕ ИЗГУБИЛ НИТУ ЕДНА ВОЈНА

Може да се зборува дека Путин на овој начин уште повеќе го зголемува влогот во играта. Тој постојано го прави тоа. Неколку пати презема потези кои можат да му донесат успех, но и катастрофален пораз кој би значел негово збогум од власта. Интересен е приодот на „Њусвик“ кон ова. Па така според „Њусвик“: „Сега кога се одвива борба меѓу Русија и Западот, кога е во прашање судбината на Украина, мора да се запомни еден важен момент. Владимир Путин не изгубил ниту една војна. За време на дваесет и неколку години колку што Путин е на власт, за време на воените конфликти во Чеченија, Грузија, Сирија и Крим, тој постави јасни, остварливи воени задачи за неговите вооружени сили што му овозможија самоуверено да објави победа на рускиот народ и на претпазливата на меѓународната заедница. Неговата специјална операција во Украина веројатно нема да биде исклучок“.

„Њусвик“ продолжува: „Аналитичарите предвидуваат дека по падот на Киев, операцијата ќе го отстапи место на процесот на политичко решавање, што ќе резултира со влада во Киев, пријателска на Русија. До 25 февруари, украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе размислуваше за понудата на Москва да преговара за „неутралност“ во соседна Белорусија. Доколку се случат овие преговори, Путин ќе може да ги повлече војниците од Украина и да ја заврши операцијата, а притоа да му зададе понижувачки удар на Западот. Според воените аналитичари и експерти за Русија, можеби токму ова е најважната точка. Акциите на Путин сега дефинитивно гарантираат дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО. Постапките на Путин, исто така, ќе послужат како строго предупредување за земјите кои порано биле дел од Советскиот Сојуз за можните последици од преголемото приближување до Западот“.  

КОМЕДИЈАНТОТ СТАНА ХЕРОЈ

Во очекување на резултатите од евентуалните утрешни преговори треба да се каже дека засега во постојниот конфликт украинскиот претседател Владимир Зеленски е пример за претседател кој ги заштитува интересите на својата земја. Можат од него да учат и нашиве политичари. Ме потсетува на чилеанскиот претседател Салвадор Аљенде кој загина во пучот подготвен од американска ЦИА во 1973 година со автомат во раце заштитувајќи ја својата држава. Комедијантот одеднаш станува херој. Рејтингот му расте вртоглаво. Се обраќа на состаноци на највисоките западни раководители со итни, ултимативни барања, со емоции, кои ги кршат нивните срца. На пример:„Ме гледате можеби за последен пат..“ Или „Слушајте ние овде гинеме за европски идеали“. И така Западот  полесно носи санкции кон Русија.

Инаку за целата ситуација во Украина голема вина има и Зеленски. Тој стана претседател со ветувањата дека ќе донесе мир во земјата. Но неискуството политичко и стравот од  олигарсите и крајните десничари, дека можеби ќе му оневзможат да стане претседател по втор пат, го оддалечи од носењето мир во земјата. Тој во едно интервју на сепаратистите дури им се закани да си одат во Русија, ако  ја сакаат неа и ако сакаат Донбас да влезе во нејзин состав. Во едно друго интервју тој пак рече дека ќе распише референдум за изградба на ѕид со кој Донбас ќе се огради од другиот дел на Украина. На тој начин, наместо да работи на носење мир во земјата, од над 70 проценти гласови од избирачите кои го поддржаа, пред нападот од Русија тој имаше малку над 20 проценти доверба од испитаниците.

За крај дел од еден текст од Хенри Кисинџер, некогашниот амњрикански државен секретар, објавен во „Вашингтон пост“ во далечната 2014 година. Според него Украина треба да има право слободно да ги избира своите економски и политички асоцијации, вклучително и со Европа. Потоа  Кисинџер вели дека „Украина не треба да влезе во НАТО, позиција што ја зазедов пред седум години кога последен пат беше покрената“. Кисинџер смета дека Украина мора да биде слободна да создаде каква било влада во согласност со волјата на нејзиниот народ. Мудрите украински лидери би се одлучиле за политика на помирување меѓу различни делови од нивната земја. На меѓународно ниво, тие мора да заземат позиција споредлива со онаа на Финска. „Овој народ не остава сомнеж за својата ригидна независност и соработува со Западот во повеќето области, но внимателно избегнува институционално непријателство кон Русија“, вели Кисинџер. И предупредува: „Доколку не се постигне кое било решение засновано на овие или слични елементи, одењето во насока на конфронтација ќе се забрза. Времето за тоа ќе дојде доволно брзо“. И дојде тоа време. Беа потребни само неполни осум години. Ќе бидат ли мудри украинските лидери да се одбегнат натамошните конфронтации,. И конечно ќе им помогнат ли САД и Русија на украинските лидери сами да си ја решаваат својата судбина. Или пак и натаму ќе продолжи играта околу Украина со постојано зголемување на влоговите. Ако веќе не е достигнат плафонот. И е пред експлозија.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД