20 Август, 2019
0.0442

Вози Диме

Објавено во: Колумни 10 Ноември, 2018

Во култниот филм „Кој тоа таму пее Мишко возеше со врзани очи, пред вчудовидените и преплашени патници, а татко му постојано настојуваше да вози и во рикверц.

Мојот сосед Диме, возач во ЈСП, пријатно ме изненади со информацијата дека тој прв го вози двокатниот скопски панорамски автобус сити тур. За да нема двојба со уводните забелешки од текстов нему ни на крај памет не му е да ја вози турата низ Скопје со врзани очи, ниту пак назаечки, што би се рекло. Тој е сериозен и стамен возач на возило кое насекаде во светот има значајна улога во туристичката презентација на метрополите пред туристите и намерниците.

Како негов патник, верувам, искрено, меѓу првите скопјани, по градоначалникот и ВИП гостите на промотивното возење, ги затворам очите, нема да ги врзам, а во рикверц се враќам, многу години наназад, за да ја поминам турата, по истата траекторија, на крилата на спомените  и сеќавањата за некое Скопје од минатото.

Тргнуваме од пред паркчето, карши Собранието, каде што има комплекс администартивни згради во кои е сместен Извршниот совет на СРМ. Зад него се кулите покрај Вардар, а во меѓупросторот црквата Света Елена и Костадин и балетското училиште. Во комплексот дуќани имаше и еден за поправка на машини за пишување со познатото големо уво што носи пенкало Пеликан.

По улицата Вељко Влаховиќ се движиме кон крстосницата кај Путник. Пред да ја пресечеме Маршал Тито, ја поминуваме првата скопска самопослуга, пред која зимно време се формираше долга лизгалица  на која се одвиваа лизгачките вештини во рамките на дисциплината како први така други. Карши неа офицерскиот ресторан Вардар, со познатото бифе за пиење однанога (коњопој), во кое набрзина навраќаа пред и по работа љубителите на капката, кои дома мораа да стасаат точно навреме, но веќе наврнати. На оградата на Католичка црква постојано имаше поседнато луѓе, особено навечер зашто тука течеше реката наречена корзо, полноводна река со млади и помалку млади шетачи, учесници во ритуалот на секое медитеранско место и балканска касаба, желни за дружба и убави средби.

Патот не води покрај Рекорд, местото на состанок на многу љубовни двојки, кои можеби сега шетаат внуци и правнуци, продавница за текстил, со модерен излог, со автобуска станица за многу насоки. Зад долгата зграда беше Македонија филм со бифето во кое газдуваше Сута, познатиот угостител, каде што генерации скопјани поминуваа часови и часови  во пријатна атмосфера, учејќи ги од стариот кафеански волк манирите за однесување во вакви значајни простори. За малку да ги заборавам Вкус и Музички магазин. Тие два дуќана се неспоиви по производите што ги продаваа, но за нас беа значајни, таму имаше највкусен бурек со сирење (читај урда) и со месо, како и најнови изданија на грамофонски плочи, но и музички инструменти.

Кога ќе се помине Шкаперда, во неа некогаш беше и матично (да ти е мерак да застанеш пред службеникот со избраницата на срцето за да го кажеш судбоносното да), се доаѓа до плоштад Слобода, со паркчето на средина и со Аероклубот, а во заднина Домовите на градежниците и на културата Кочо Рацин, во кои имаше и кина, каде што ги гледавме филмовите од кои здивот ни застануваше. Се уште ја гледам рекламната плаката на филмот Река без повратка (оригинален превод) со Мерилин Монро и Роберт Мичам, а се  сепнувам од Чичо, киначот на карти покрај кого сакавме да шмугнеме без билет во Градежни.

Кај деветокатница, со аптеката во приземјето, се врти десно, по Булевар ЈНА. Широк крвен сад на сообраќајниот крвоток на Скопје, поврзницата на Водно со Вардар. Липите беа белегот на булеварот. Неизбежен реквизит за романтичните пополноќни прошетки во двојка (по можност мешана), уште ако е јуни, гарниран со опојна миризба. И кога сме кај миризбата, забележителна е онаа летната, кога пред или по полноќ ќе поминеа прскалиците жешкиот асфалт и водата произведуваат  впечатлива мешавина на летен скопски парфем, кој остава трага до раните утрински часови врз заспаниот град. Во чело е домот на часните сестри, кои во слободно време одгледуваа темјанушки и расад за пипер и скопски јабучар.

Движејќи се кон Партизанска, од десна страна остануваат два објекта-книговезницата Росмил и кројачкиот дуќан Милер. Росмил го држеа Роса и Миле, кои немаа деца, па по нивното природно заминување занаетот и дуќанот ги оставија на помошникот скопски албанец, кој долго ја продол-жуваше работата околу укоричувањето книги и дипломи, на пример. Милер беше кројач со педигре. Шиеше исклучиво за мажи. Беше келав, но од незнам какви побуди тоа го криеше со црна перика, која ја откриваше неговата фалинка уште од авион. Другата малку кој ја знаеше-сакаше да се коцка.

Отспротива беше детската библиотека, со фигура на еленче (или срничка не ме фаќајте за збор) на самиот влез. Во неа се доаѓаше често, библиотекарките не знаеја по име, но го знаеја и нашиот вкус. Покрај задолжителната лектира, која како и сега е досадна за читање, ни препорачуваа книги за кои едвај да бевме чуле, но ги голтавме и прераскажувавме во долгите летни седенки у маало.

На крстосницата со Партизанска, на која беше знаменитата Средба, во која се седеше малку подоцна и се чекаше 2-ката што поминуваше 15 минути по полноќ. Тука изгледавме едно цело светско првенство во кошарка, на кое СФРЈ надмоќно го освои првото место, на општо задоволство.

Женска гимназија, со споменикот на скопските партизани е знаменитост од разгледниците, покрај Камениот мост и Официрски. Името останало од некои стари времиња, кога гимназијалците учеле во Мушка, а поубавите и понежните ученици во црни кецели и со качкетчиња со броеви на класот, во прекрасното полукружно здание покрај Вардар. Дворот на гимназијата беше место за играње фудбал меѓу маалата и за фанта. Тука царуваа бимбовци, скопско маало со репутација на фраери, тепачи и гулабари.

Дрвеното мовче со пасажот кон Офицерскиот дом се приказна за себе. Музичкото училиште има посебно место во сеќавањето и спомените на секој скопјанец. А кафеаната Зора рапсодија или можеби одисеја за едно живеење опеано и опишано безброј пати. По мовчето се доаѓаше до театарот и еврејско маало. Од левата страна Калето, а пред него зградата на тогашната Цека, покрај која имаше стрмнина како родена за зимски радости на оние што гравитираа тука, а и Водњанска од безбедносни причини (безмилосните водњанци) им беше недостапна за санкање.

На патот кон чаршија и кон златарските работилници на Рубин-кармин поранешен турски казамат, зад дебела дрвена порта е Свети Спас, црква која ги покажуваше сите вредност и треперливи и непроценливи убавини дури откако ќе се влезе во неа и ќе се види даборезот, но и саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев во нејзиниот двор.

Не знам зошто но мојата генерација безброј пати се имаше качувано на Водно, но никогаш или многу ретко на Кале. Некако ова безначајно закрепено возвишение беше загатка. Знаевме дека зад sидините има воен музеј, но и ресторан со стриптиз програма. Ресторан во кој се доаѓало со љубовница, скришно на пијачка и лумпарајка, а потоа на жешка претстава. Многу подоцна почесто доаѓавме на Кале за Прочка, кога ечеше од зурли, тапани и гајди, а свеста ни се вртеше од убавите носии, но и од оние што ги носеа.

Француските гробишта ни беа енигма, долго пред да дознаеме дека тие убаво зачувани и секогаш негувани гробови со еднолични белези, само крст со име и презиме, се последното пребивалиште на француски војници кои далеку од татковината се бореле во оваа вукојебина, наречена Балкан, ги оставиле коските, не знаејќи зошто, всушност, се борат и кого убиваат во Првата светска војна.

На скалите од другата страна на гробиштата често имаше наседнато луѓе за време на фудбалските натпревари на градски. Не ми е јасно ни ден денес што всушност гледале, но да се следи Вардар и да се бодрат неговите играчи е голема работа, макар и од дистанца!

Налик на белградското сајмиште во близина на Дизел централата во шеесеттите никна куполата на нашиот саем, со неколку други изложбени простори во кои имаше и спортски приредби, кошаркарски натпревари, боксерски мечеви, па дури и хокејарски, од меѓународен маштрап.

И уште една купола, овој пат неколку, на Даутпашаиниот амам претворен во ликовна галерија, од десната страна, со Пајко маало во заднината, а од лево старата чаршија со Бит пазар, но и со малцински театар каде што беше сместено киното Братство, а некаде по уличињата и Напредок, во кој покрај индиски и мексикански срцепарателни филмови, играа и меки порно творби од типо Опа цупа у кревету.

Со Серава  длабоко под нозете се доаѓа до црквата заштитничка на градот Богородица, малку понадесно од неа Света Мина, на калдрмата од десната страна на меѓата река Соколана и Мушка гимназија. Низводно, по истиот кеј се доаѓа до францускиот конзулат и библиотеката, а Крњево ја штити отстапницата.

Преку мостот се доаѓа до филозофскиот факултет со огромна биста на Борис Кидрич, од десно економскиот  техникум со Уред и пожарната во втор ред. Пред да се дојде до воената пекарница и подвозникот, од десно остануваат група стари зданија за кои знаевме дека се градени во време на Информбирото и дека ги граделе затвореници. Ниту знаевме што значи тој странски збор, ниту пак зошто лежеле затвор тие градители и на многу слични згради во Мичурин и по Дебар маало.

По зградата наречена армоника се доаѓа до зданието на Автомакедонија, а карши неа железничката станица за која велеа дека некогаш била најубавата на Балканот, а низ неа пуфкала и локомотивата на Ориент експрес.

Кога се врти по Маршал Тито од десно останува бутката во која се печеше познатата плескавица ала вардарец. Кафаната Крушево со летната бавча  беше во паркче малку пониско од околниот терен и беше во дебела сенка и во зелена жива ограда. Можеби затоа не знаевме што се крие таму, само слушавме приказни за Павче и Зене, како и за Мица и Јагода, за разни певаљки и големи џумбуши на скопските бекрии и боеми.

Сега скоро го прочитав сведоштвото за оревот во бавчата на Бристол и многу ми дојде убаво, некоја си англиска кокона доживеала убава и возбудлива ноќ во хотелот со азган мамче од овие краишта (земи момче македонче па да видиш што е рај-ѓоамити).

Оставајќи ја палатата Кранго и Инвалидскиот дом, каде што билијард учеа голем број скопски махери за карамбол и кегли, се доаѓа до Собранието, некогашното седиште на Вардарската бановина, а карши зградата на полиција (парламентарна демократија со полициски шмек) а ла Версајска Југославија.

Еве не на последното вртење лево, паркчето карши Собранието, со единственото подземно јавно ве-це, а во чело од лево ни паѓа во очи малку повисоко здание од околните со фурна во приземјето. Од почит спрема фурната и синот на фурнаџијата имаше прекар Фурна, квалитетен кафански фраер и мајстор за фанта и кладење.

Тука некаде со временска дистанца од петшеесет години ги отворам очите во двокатниот сити тур автобус што го вози Диме, кој во шкафчето во кинескиот двоспратен римејк на скопските  олд тајмери има микрофон за водичот и кравата што си ја става зависно од патниците. Ова мое замислено патување со помош на мапата на Скопје во која е вцртана турата за туристички разглед заврши. Не е можно а да не сум утнал нешто, па макар и одредницата пред или по земјотресот, немам претензија за документаристика, само чепкам по сеќавањата!

Ова му дојде некако како враќање во иднината, една од првите творби на љубимиот ни на нашата генерација Деникен. Чиста асоцијација и ништо повеќе.

 Mojсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кубеш и Рада

Кубеш и Рада

НАДЕЖТА ПОСЛЕДНА УМИРА - КАЈ НАС РЕТКО ВЕЌЕ КОЈ ЈА ИМА!

НАДЕЖТА ПОСЛЕДНА УМИРА - КАЈ НАС РЕТКО ВЕЌЕ КОЈ ЈА ИМА!

Русија - „Back in the USSR“

Русија - „Back in the USSR“

Полувековно другарство

Полувековно другарство