02 Мај, 2024
0.0472

Време е за сериозни дебати!

Објавено во: Колумни 11 Декември, 2014

Добивај вести на Viber

Многу е симптоматично што власта и по девет години ангажман, речиси ниту еднаш јавно не кажа дека направила некоја грешка. Во одржувањето на таквиот имиџ таа е подготвена да се послужи дури и со манипулации. И кога јавно и аргументирано  ќе и се укаже дека одредени нејзини потези се контрапродуктивни , од таму молк, дури и во ситуации кога се работи за очигледни незаконитости во нивното работење зад што се крие невидена раскалашеност, нестручност, неодговорност. Да биде несреќата поголема, во повеќе наврати и најодговорните во власта, настојувајќи да избегнат било каква критика, се ставаат во функција на објаснување па и одбрана на разни незаконитости и непримерни однесувања. На се’ што не им оди во прилог тие не се осврнуваат, верувајќи дека она за што не се разговара јавно-не постои. Оттука, крајно време е да се почне да се  дебатира за однесувањето на власта, а не само за она за што таа сака да  се зборува. А власта го зборува она што на народот сака да му се пласира. Опозицијата била виновна за забавувањето на интеграциските процеси во евроатланските институции, затоа што јавно критикувала неповолни состојби во медиумите, во правосудниот систем, во администрацијата. Во немоќта опозицијата да наметне дебата, полемиките со власта редовно завршуваат со заклучок дека опозицијата е крива за неповолните трендови во развојот на земјата, за порастот на јавниот и вкупниот долг во земјата, за големите неусогласености во условите за стопанисување на домашните и странските инвеститори, високото непродуктивно трошење на буџетски средства, порастот на нееднаквоста во општеството, нерамномерниот регионален развој во државата, нетранспарентноста во работењето на државните институции. Концептот кој го протежира власта е да се фрли вината на тој што ја пренесува неповолната вест, а не на тој што влијаел да се генерираат неповолни состојби. Иако во нормално поставени демократски системи овој концепт е  бесмислен, кај нас тој се’ уште дава резултати. Бидејќи нема контра одговор, нема ниту дебата за проблемите што ги  наметнува опозицијата, а тоа значи дека  неможе да се очекува да разговара за генераторот на проблемите и начинот на нивно решавање. Тие и натаму продолжуваат со критика кон опозицијата, без критички однос кон сопствените грешки  и застранувања. Досега, речиси и да нема пример кога власта ги прифатила критиките на опозицијата. Тие по правило се отфрлаат со негодување проследено со „контра критика“ на тоа што опозицијата го работела кога била на власт. Не се зборува за тоа дали аргументите се валидни или не, туку се докажува дека тоа што сега го работи власта е подобро од тоа што го работела опозицијата. Како да е доволно да се биде подобар од полошиот? А кога тоа не помага и немаат доволно аргументи да се справат со опозиционерското однесување, како што беше на 24 декември 2012 година, при донесувањето на буџетот за наредната година, се пристапи, наместо кон примена на законското решение за такви случаи, кон исфрлање на опозициските пратеници од собраниската сала и на новинарите од галеријата на Собранието, а притоа никој не понесе одговорност . Бидејќи односот кон опозицијата е апсолвиран со примена на сила, на ред се и сите други кои се  осмелуваат јавно да се спротивстават на политиките на власта или на некој од проектите на власта. Неодамна на мета се најдоа и студентите кои јавно протестираа против очигледно конфузната реформа во високото образование за воведување на таканаречениот државен испит. Од највисоко место беа предупредени дека нивното демонстрирање на незадоволство од реформата ќе се смета за опозиционерско, бидејќи тие се поттикнати од опозицијата, од младите на СДСМ и од невладините ореганизации што ги финансира Фондот отворено општество. Како да е забрането да се делува опозиционерски? Како опозицијата да е страно тело во државата и нешто што треба да се избегнува? Во контекстот во кој е речено, предупредувањето не е игра на зборови. Добро се знае во државава кој дава работа, кој истерува од работа, кој кого помага финансиски, кој е најголем бизнисмен, кој поттикнува и кој сопира определени активности и тн.. Иако не е казниво да се биде опозиционер,  обележувањето дека некој е таков не е безазлено. Притоа, не е важно дали тој навистина партиски припаѓа на опозицијата или не. Доволно е што се осмелува јавно да искаже незадоволство кон власта. А потоа, власта си знае. Окупираноста на власта со опозицијата упатува на тоа дека таа веќе ги исцрпи своите развојни ориентири и тоа сака да го сокрие со повеќе критика на однесувањето на опозицијата, отколку во атмосфера на спротивставени мислења објективно да ги анализира своите активности и од тоа да извлече заклучоци за развојот во наредниот период. Без активно учество на опозицијата тешко е да се обезбеди забрзување на развојот и побрзо вклучување во евроатланските интеграции. Затоа на потез е власта во односот кон опозицијата. Власта повеќе не може сама ниту во дефинирањето ниту во остварувањето на суштинските општествени цели. Како одговорна за состојбите во земјата, таа  во тоа треба да ја вклучи и опозицијата. Во таа смисла почетен чекор е да почне да ја почитува, а не да се заканува на секакво опозиционерство. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина