29 Март, 2024
0.0243

Време ли е за оптимизам: Што очекувам од членството во ЕУ

Објавено во: Колумни 22 Јуни, 2018

Добивај вести на Viber

Пред пет-шест години истражував некои фактори од кои би требало да се очекува да ги туркаат националните економиите кон нивната максимална ефикасност, раст, развој. Во моделот беа вклучени повеќе параметри почнувајќи од инвестициите, демографскиот раст, продуктивноста, ценовната стабилност, монетарната и кредитната избалансираност, јавниот долг, даночната ефикасност, вработеноста, употребата на високите технологии, увозната зависност и уште многу други фактори. Еден дел од варијаблите се однесуваа и на довербата кон владините политики, перцепцијата за корупција и така натаму. Се разбира во анализата ги внесов како споредбен контингент и земјите кои беа или се уште се на исто развојно ниво со Република Македонија, но и земји кои го фатиле „приклучокот“ со развиениот свет. Сакав да се обидам да ги споредувам факторите на растот на земјите со средно ниво на развиеност (во кое спаѓа и Македонија) и, можеби да го „уловам“ моделот кој би можела и Македонија да го следи кон успехот. Статијата е објавена во меѓународно списание со голем фактор на влијание. Сепак, меѓу заклучоците може да се забележи дека секоја земја има свои специфичности, предности, но и сопствени фактори на назадување. Дел од факторите кај некои земји беа одлучувачки, но тие фактори за другите земји беа беззначајни. Некои од споредените земји во деведесеттите години беа на пониско рамниште од Македонија, а денес се далеку понапредни (Романија, Бугарија, Естонија). Но зошто?

Истражувањето покажа дека не може да се следи одреден пат, туку секоја земја мора да го пронајде својот специфичен развоен модел. Сите овие земји го поминаа транзициониот пат, на еден или друг начин, поуспешно или помалку успешно, покусо или подолго, со повеќе или помалку трауми. Оние кои го проголтаа стоички „горчливиот залак“, со надеж дека побрзо ќе фатат приклучок со развиениот свет, веќе бележат високи стапки на раст и високи нивоа на БДП по глава на жител. Некои од нив кои беа многу поназад од Македонија во деведесеттите години денес имаат за пет-шест пати повисок БДП на жител. Тоа што остана карактеристика за најмалку успешните земји беше дека транзицијата ја „одглумија“, односно приватизацијата, либерализацијата, демократизацијата, институционализацијата ги сфатија само формално, а не суштински. Тие продолжија со  обично пренесување на сопственоста од државниот кон приватниот сектор, но главните конци на економијата остана да ги држи државата, односно политиката; усвојуваа закони кои не ги спроведуваа; задржаа низа популистички политики, па и политики на политичка диктатура и останаа на крајот од колоната. Таму најуспешни бизнисмени беа оние кои беа најблиску до државната и политичката бирократија. Успешноста беше загарантирана доколку се впрегне и корупцијата во политиката на донесувањето одлуки. Таму многу порентабилно (поефтино) е да се вложи во корумпиран бирократ (политичар, партија) отколку да се бараат форми за рационално и ефикасно инвестирање и раст на конкуренцијата и компаративните предности. На тој начин бизнисот и политиката влегоа во симбиотична, нераскинлива и долгорочна врска на персонални унии. Едните ги поддржуваат другите и така мора да остане на долг рок, затоа што и едните и другите имаат голема полза од оваа нерскинлива коруптивно-клиентелистичка врска која постојано се регенерира и пронаоѓа се пософистицирани фроми на прикажување на успешноста, најчесто преку финансиски контролираните  медиуми.

Таквиот след на работите создаваа и специфичен облик на бизнис организација која, се разбира, е субоптимално економски рационална и неефективна. Таквата организација не бара нови пазари, нема потреба од нови технологии, нема потреба од финансиски издржана производна структура. Целата економија станува субоптимална. Извозот (конкурентноста) не е доволен да го балансира увозот. Дефицитот се покрива со приватни трансфери, односно со пари кои се испраќаат од странство. Вработувањата не се дел од деловните стратегии, туку „услуга“ на некој од државниот или политичкиот естаблишмент.

Тоа што беше главна карактеристика за оние кои „го откачија“ друштвото на економските лузери и заминаа во клубот на развиените земји е доследното држење до институционалните вредности и капацитети. Институциите во оваа смисла се сфатени како „правила на игра“ и отсуство на „дискрециони права“ на политиката и државната администрација.

Токму тоа се добива со влезот во Европската Унија. Законите важат еднакво за сите. Нема привилегирани, нема пријателски, роднински, партиски, верски, етнички и какви и да се други приоритети. Граѓанинот е средиште на социјалниот и економскиот живот. И на политичкиот. Знаењето и способностите се критериум за избор. Инвестиционите иницијативи се договорно, правно регулирани и релативно заштитени, барем од непријателски кражби и преземања. Интелектуалниот труд се вреднува пазарно и правно. Многумина кои денес стравуваат да инвестираат за да не испровоцираат одредено внимание од „сомнителни“ државно, политичко криминални структури, ќе се отворат, ќе стекнат доверба и своите пари посигурно ќе ги инвестираат. Многу млади, кои денес веќе ги имаат куферите во раце, можеби ќе и дадат шанса на својата земја и ќе ја побараат својата иднина таму кадешто се навикнати да живеат и кадешто имаат најмногу роднини и пријатели. Се разбира доколку најдобрите ја добиваат работната шанса. Способностите ќе дојдат до израз.

Тоа го очекувам да го добиеме со влезот во Европската Унија. Но, членството во ЕУ носи и долгорочна стабилност на финансискиот, банкарскиот, правниот, социјалниот систем. Економскиот систем очекувам да биде многу поотворен и поделотворен. Очекувам многу посовршен систем на социјални права. Очекувам државните агенции да започнат да се бават со својата државна активност. Да не се мешаат во економијата, освен во заштитата на конкуренцијата, одржувањето и изградбата на инфраструктурните објекти и објекти од т.н. општествен стандард (здравство, екологија, образование, рамномерна распределба на доходот, социјална правда). Очекувам правно и законско извршување на деловните договори без оглед кој е учесник во нив (граѓанин, фирма, државна агенција). Очекувам законитост, точност и вистинитост при регистрацијата на имотите во катастарот и другите имотни регистри. Очекувам пораст на важноста на интелектуалниот и менаџерскиот труд. Очекувам повисок квалитет на работничките права и сигурност на помалку работно способните граѓани - солидарност. Очекувам повисоки пензии од капитално финансираните пензиски фондови. Очекувам многу пообилни инвестиции.

Сепак, сето ова што јас го очекувам и што е извесно со влегувањето во европската зедница, многумина го сметаат за пречка за своите интереси кои се во спротивност со европските вредности. Тие ќе пружат голем отпор.


Мирољуб Шукаров


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?