28 Април, 2024
0.0243

Време на илузии!

Објавено во: Колумни 23 Декември, 2014

Добивај вести на Viber

Отсекогаш сум се чудел како некој може да се задолжува за да оди на одмор или пак на новогодишна прослава. Да потроши нешто што го нема, за само неколку мигови на задоволство, а да не  му е важен фактот дека следните месеци нема да може да си ги плати сметките за струја, вода, парно... “Не ме интересира, ако треба и ќе гладувам со месеци, ама за Нова Година има да блескам, ќе си го направам ќеифот!”  Вистина е дека живееме за мали моменти на среќа, но  секако, доколку стандардот биде подобар, нема ниту да размислуваме за ова.  Уште пожално е што  живееме во некој свет на илузии каде се надеваме дека нашата состојба ќе се промени без  ништо посебно да направиме. Но тоа е животен стил, а сите сме различни. Некој си живее од денес за утре безгрижно без да се оптеретува, додека друг е стегнат и се нешто планира. Не знаеш што е подобро, или на кого му е поубаво. А ние Македонците дефинитивно сме интересен народ! И да немаме за леб, од некои задоволства не се откажуваме! Доаѓа Нова година, можеби најочекуваниот празник, период на големи очекувања и промени, но и на наметната еуфорија, на трошење, на забава и уживање. Доволно е во вашата омилена продавница да се најави макар мал попуст, за да веднаш се создадат турканици, како работите без пари да се даваат. За повеќето ова е убав период од годината, на атмосфера која понесува, на надеж, период на посакување желби, на моментална среќа. На огномет кој брзо создава ѕвездено небо, за по една минута или неколку секунди, повторно  заврши со  темнина! Дали е доволно  неколку минутно воодушевување во огнометните рафали, ако цела година те придружуваат стравот, незадоволството и секојдневните егзистенционални проблеми. Не случајно на пример  компанијата Кока Кола си го присвоила Дедо Мраз. Тоа е така бидејќи пикот на продажба оваа светска компанија го достигнува токму за Божиќните  и Новогодишните празници. Секое дете на пример мисли дека Дедо Мраз е љубител на Кока кола! Живееме во време на индустријализација, на наметнати потреби, на наметнато однесување, на недостаток на слобода и можност за изразување на личните чувства. Не знаеме кој повеќе очекува од нас, дали претпоставениот, пријателите, семејството, огласувачите или оние кои ја водат државата. А сите се упорни, себични и никако не се откажуваат во остварувањето на своите цели! Огласувачите агресивно не убедуваат да купиме одреден производ, бидејќи според нив истиот ќе ни го направи животот поубав, додека други преку јавните гласила не убедуваат дека се е супер, дека живееме најубаво на светот (само не сме свесни за тоа)! Живееме во свет на илузии! На поединци кои глумат колку многу работат, кои постојано се жалат колку многу работа имаат (а времето им поминува во зборување) на луѓе кои на фејсбук постираат фантастични  фотографии (а реално и не личат на нив)! Живееме во време кога сакаме  да оставиме впечаток, и за тоа да го оствариме не ги бираме средствата и начинот, време кога доминира површноста и тривијалноста. Кога е невозможно, а да не се изнаслушаш еден куп глупи муабети. Сепак новогодишната еуфорија е феномен кој не бледнее, и тоа не е нешто што е карактеристично само за нас, туку за цел свет, период кога сакаме да направиме нешто убаво за себе, за најблиските..Период кога посакуваме Новата година да ни биде убава!  Желбата е нешто што никој не може да ни го одземе, па макар тоа да е и илузија. Ако Дедо Мраз ги топли детските срца, зошто да не ја негуваме таа приказна, независно кој и зошто ја промовира. Ако илузиите ни го олеснуваат животот, нека ги има. Но да не дозволиме илузиите да не заведат, целосно да ни ја искриват реалноста, да не успијат. Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД