„ВРИЕ“ ВО АРГЕНТИНА: Државата отпушти 15.000 државни службеници, a тие со тапани упаднаа на работните места
Објавено во: Економија 04 Април, 2024
„Врие“ во Аргентина. Државата отпушти 15.000 државни службеници, а тие упаднаа на своите поранешни работни места.
Аргентина денеска објави дека укинува 15.000 владини работни места како дел од кампањата на новиот претседател Хавиер Милеј за намалување на јавната потрошувачка, а отпуштените функционери упаднаа на нивните работни места, некои со тапани. Тие бараат да се укине одлуката.
Портпаролот на претседателот, Мануел Адорни, на прес-конференција ги најави отпуштањата, опишувајќи ги како клучна алатка за реорганизација на јавниот сектор.
„Тоа е дел од она што го правиме за да ги намалиме трошоците на државата“, им рече Адорни на новинарите.
Разрешените државни службеници, додаде тој, „можеби немале посебно дефинирани работни задачи“.
Стотици отпуштени вработени, од кои некои беа известени за нивните отпуштања минатата среда, а други во претходните недели, денеска упаднаа на нивните поранешни работни места во Буенос Аирес и во други градови. Земјата се соочува со висока инфлација и сиромаштија.
Фото: EPA-EFE/JUAN IGNACIO RONCORONI