30 Ноември, 2020
0.0209

Втора мајка за Карабах – американска

Објавено во: Колумни 26 Октомври, 2020

Доцна синоќа од САД стигна веста дека денес наутро во 8 часот по локално време стапува на сила хуманитарно примирје во Нагорно Карабах. Овој пат во режија на Американците. Станува збор за втор обид, втора мајка, за да зацари мирот во тој дел на Кавказот, мир меѓу Азербејџан и Ерменија. Првиот обид за примирје беше на Русија. На 10 октомври по повеќе од десет часа преговори со своите колеги од Азербејџан и Ерменија, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, најави постигнување на хуманитарно примирје. Но тоа не се почитуваше ниту еден ден. Лавров одново, по телефон, повика на примирје на 17 октомври, но без резултат.

Неделава што измина министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан беа во Вашингтон. САД се копретседатели на Минската група при ОБСЕ, заедно со Русија и Франција, формирана пред речиси триесет години за решавање на  прашањето на нагорно Карабах. Територија, која е дел од Азербејџан, но која прогласи независност по  распадот на Советскиот Сојуз и воените дејствија во почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Очите и надежите на Москва и на Париз беа свртени кон Вашингтон за да видат каков ќе биде епилогот од средбите на Мајк Помпео, американскиот државен секретар, со колегите од завојуваните страни.

Стејт департментот испрати соопштение за примирјето, во кое се нагласува дека „САД дадоа придонес во интензивните преговори меѓу министрите за надворешни работи  и копретседателите на Минската група, за да ги приближат Ерменија и Азербејџаан кон мирно решавање на конфликтот околу Нагорно Карабах“. Дека преговорите во Вашингтон ќе дадат некаков резултат можеше да се суди според изјавите на американските официјални лица вклучени во нив. Како што соопштија од Стејт департментот министрите за надворешни работи на Азербејџан и на Ерменија, Џејхун Бајрамов и Зограб Мнацаканјан се сретнале со Стивен Биган, заменик на државниот секретар. Ден пред тоа министрите беа примени во одвоени посети од државниот секретар Мајк Помпео. И двајцата министри дале уверување дека нивните земји се подготвени да почитуваат хуманитарно примирје. Помошникот на Трамп за национална безбедност Роберт О’Браен во интервју за телевизијата CBS изјави дека САД ги туркаат властите на Азербејџан да го прифатат режимот на примирје со Ерменија, која го прифатиле тој предлог.

Настроението на Американците, се чини,  беше проерменско. Американскиот претседател Доналд Трамп во своја изјава зборуваше само за Ерменците кои се „многу добри луѓе“  и дека во САД има многубројна ерменска дијаспора. Азербејџанците како да не постојат. Доналд Трамп на предизборен митинг во Њу Хемпшир изјави дека може да го реши проблемот со конфликтот во Нагорно Карабах. Како што пренесоа медиумите, за него конфликтот е „лесен случај“. Дотолку повеќе ако знаеш како се прави тоа.

Алексеј Пушков руски сенатор, по изјавата на Трамп напиша на Твитер дека „Трамп го игра својот репертоар: Тој лесно ќе го реши конфликтот во Карабах. Зашто тој знае како се прави тоа. Конфликтите во Авганистан, Сирија, Либија, Украина, како и проблемот со Северна Кореја тој веќе ги „реши“. Но тој и не знае да даде друг одговор, иако знае дека САД не се способни да решат ниту еден од тие конфликти“. Потсмевањето на Пушков со Трамп само говори за сериозноста на состојбата во Нагорно Карабах, кога Пушков го става него во низата со големи држави. Нагорно Карабах е територија малку поголема од 4.000 квадратни километри, но по војната во деведесеттите години Ерменците од таа територија се проширија на околу 11.000 квадратни километри освојувајќи седум соседни азербејџаански окрузи, кои ги сметаат за заштитен појас..

Вчера кратка изјава даде и Илхам Алиев, азербејџанскиот претседател кој рече дека им се врши притисок. Ако можеа да го игнорираат рускиот притисок, и тие и Ерменците, тогаш очигледно Американците добро ги притегнале. Дури и  турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека: „Некои Американци му се јавуваат на мојот брат Илхам и му велат дека ако Турција застане покрај Азербејџан, тие ќе воведат санкции кон Турција“. Официјално Мајк Помпео од своите колеги од Азербејџан и Ерменија побарал да се прекине огнот и да се пријде кон конкретни разговори. Тоа истото го бараше и Русија. Министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан во четврток ќе се сретнат со копретсдателите на Минската група во Женева. Веројатно тоа ќе биде и прв состанок на кој конкретно ќе се разговара не само за примирије, туку и за практични решенија за иднината на Нагорно Карабах. Зашто, токму замрзнувањето на конфликтот десетици години е доволен повод незадоволниот Азербејџан да се обиде со војна да го врати Карабах во свој состав.

Дали е можно такво нешто? Минатата недела претседателот на Комитетот за разузнавање во американскиот конгрес, демократот Адам Шиф,  повика САД да ја признаат независноста на Нагорно Карабах! „САД нема да седат настрана во време додека Азербејџан и Турција водат војна против Арцах(ерменски назив за Карабах), убивајќи стотици војници и мирни жители и создавајќи десетици илјади бегалци“, изјави Шиф во Конгресот. Тој спомна загинати 800 ерменски војници и десетици мирни жители. Сегашната војна и зборовите и активностите на Ердоган и Алиев тој ги поврза со погромот на Ерменците од пред сто години во Турција. Нагласувајќи дека: „не можеме да дозволиме историјата да ни се повторува“. Ако се знае дека Шиф е многу влијателен политичар, тогаш не може да се спие на увото дека неговите сегашни изјави се само притисок врз Азербејџан и Турција. Последнава и така им е трн во ногата на Американците со руското оружје,  авантурите во Медитеранот и авторитарното владеење на Ердоган. За признавање на независноста на Карабах прозборува и ерменскиот претседател Армен Саркисјан. Тоа ќе се направи ако „стане јасно дека Баку нема намера да ја решава ситуацијата по мирен пат“.

Никој, освен учесниците во разговорите, не знае како настапиле Американците во нив. Што нуделе, и со што се заканувале. Претседателот на Азербејџан и премиерот на Ерменија, Илхам Алиев и Никол Пашинјан во изјава за агенцијата ТАСС изјавија дека се подготвени за средба во Москва. Дека се подготвени и за руски мировни сили во Нагорно Карабах. Алиев вели дека Азербејџан е подготвен да го усогласи режимот на прекин на огнот, но Ерменија мора да изрази приврзаност кон принципите усогласени порано со Русија, САД и  Франција. А во прв ред територијалната целосност на Азербејџан. Пашинјан, пак, вели дека фактичката позиција на Ерменија цело време е дека „правото на самоопределување на Нагорно Карабах, неговиот статус, има стратешки важна улога за нас“. Кога има вака дијаметрално спротивставени ставови тешко дека може да се зборува за компромис.

Како што претпоставивме минатата недела во текстот посветен на новата руска надворешна политика, Дебатниот клуб „Валдај“ беше домаќин и на претседателот Владимир Путин. И тој, меѓу другото, зборуваше за надворешната политика на Русија. Едно од прашањата кон него беше токму ситуацијата во Нагорно Карабах.  Дали Русија би избирала страна во конфликтот? За Путин тоа е невозможно, бидејќи таа има посебни врски и со Ерменија и со Азербејџан. Според него, Во Русија има над два милиони Ерменци и околу два милиони Азербејџанци. И тоа не само гастарбајтери, туку и оние кои живеат  во Русија постојано. Милијарди долари тие луѓе испраќаат кај своите семејства надвор од Русија. Тие луѓе имаат мошне блиски врски со Русија на хуманитарно ниво, меѓучовечки односи, деловни, семејни...Па затоа за Русија и Ерменија и Азербејџан се еднакви партнери, вели Путин. Со Ерменија Русија ја поврзува христијанството, но во Русија околу 15 проценти од населението исповеда ислам. Секако Русија не го заборава она што се случило со Ерменците во периодот на Првата светска војна. И конфликтот околу Нагорно Карабах е почнат врз етничка почва. Кога се направени жестоки злосторства против ерменскиот народ. Но истовремено за Путин разбирливо е дека ситуацијата при која значителен дел од територијата на Азербејџан е изгубена не може да трае вечно.

Путин рече дека во текот на многу години предлагале најразлични варијанти за решавање на кризата за стабилизирање, долгорочно, на ситуацијата. Имало моменти кога се чинело дека се на чекор од решението, но тоа не се случило. И денес има конфликт во најлоша варијанта. Според Путин од двете страни во судирот во изминатиот период има по околу две илјади загинати, а таа бројка се приближува кон пет илјади. СССР, во Авганистан за 10 години имал 13 илјади загинати. Путин верува дека Минската група може да донесе решение, кое најмногу го сака токму Русија поради блиските односи и со двете страни во судирот. „Затоа ние заземаме таква позиција, која би ни овозможила да се користиме со довербата и на едната и на другата страна и да имаме улога како посредници во решавање на тој конфликт за зближување на позициите“, рече Путин. Едно од решенијата кои се предлагале во изминтите децнии било на Азрбејџан да му се вратат пет од седумте области што ги освоиле силите на Нагорно-Карабах. А потоа да се спроведе референдум.

Никој не знае што ќе им се предложи на Ерменија и Азербејџан во Женева на 29 октомври. Веројатно нешто налик на подготовка за почеток на преговори. Преговори кои можеби би довеле до компромисно решение кое би отворило пат за решавање на многу замрзнати конфликти, но и до  незадоволства. На територијата на поранешниот СССР има повеќе такви конфликти со меѓународно непризнаени, но територии кои не се под контрола на матичната држава. Тука е и Косово, кое се бори за признавање. Ќе има ли калкулирање? Кои ќе бидат и какви образложенијата на одлуките?

Може да се случи во Женева да не се совпаднат интересите на големите. И тие конфликти да бидат и натаму замрзнати. Никој во такви ситуации не ги есапи интересите на малите. Тие можат да бидат топовско месо. И за нив да се проговори кога ќе се јави воен конфликт и кога ќе гинат илјадници луѓе. Токму затоа компромисот е најважен. Но како да се дојде до него, кога имаш меѓусебно закрвени страни? Запад обично нуди морков и стап. Русија, пак, во случајов не сака да се замерува ниту со една страна од конфликтот. А што пак со Турција, која се обидува да биде фактор на постосманските територии? Како што, на пример, сега дува ветер во крилата на  Азербејџан. А не е милувана ниту од САД, ниту од Франција, кои заедно со Русија се „„главни“ во Минската група, каде што Турција е членка. Ќе биде интересно во Женева.

Мирче Адамчевски

.


Можеби ќе ве интересира

Путин ќе чека уште две недели, па да му честита на Бајден

Путин ќе чека уште две недели, па да му честита на Бајден

Довршување на Букурешт

Довршување на Букурешт

Македонија треба времено дa го замрзне спорот со Бугарија до март 2021

Македонија треба времено дa го замрзне спорот со Бугарија до март 2021

Бошко Буха политички екплодираше на својата нагазна мина!

Бошко Буха политички екплодираше на својата нагазна мина!

Претприемничко банкарство – состојби и перспективи

Претприемничко банкарство – состојби и перспективи

Маја Санду ќе ја трга Молдавија понастрана од „Линијата на огнот“

Маја Санду ќе ја трга Молдавија понастрана од „Линијата на огнот“

Зошто барањата на Екатерина Захариева можат да ги поништат македонско-бугарските односи

Зошто барањата на Екатерина Захариева можат да ги поништат македонско-бугарските односи