29 Март, 2024
0.0245

Втората светска војна за Русија и Јапонија никако да заврши!

Објавено во: Колумни 25 Јануари, 2019

Добивај вести на Viber

Во вторникот што измина во Кремљ се сретнаа претседателот на Русија Владимир Путин и јапонскиот премиер Шинѕо Абе. Главна тема на разговорите беше прашањето за мировниот договор меѓу двете држави, кој се’ уште го немаат потпишано, иако од крајот на Втората светска војна поминаа над 70 години. Причината за тоа се Курилските острови на кои претендира Јапонија, а кои Русија ги смета за свои по поразот на Јапонците во војната.

Рускиот претседател и јапонскиот премиер досега се сретнале над дваесет пати. Тие еден на друг се обраќаат на „ти“. Средбата во Москва во вторникот беше нивна четврта за последните шест месеци. И секогаш главна тема на нив се Курилските острови. Пред доаѓањето во Москва, а на пат за Давос, Абе замина на гробот на неговиот татко и се заколна дека 2019 година ќе го реши прашањето на островите. Неколку дена пред пристигнувањето на Абе во јапонската јавност се крена врева дека во најмала рака се е решено дека брзо ќе има договор, што од руска страна беше дочекано небаре на нож. Мораше да се јави дури и Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи, да ги демантира пишувањата на јапонските медиуми и да го критикува приодот на Јапонците кон преговорите. Особено што на 14 јануари тој имаше средба со неговиот јапонски колега Таро Коно.

Разговорите за четирите Курилски острови меѓу Русија и Јапонија се водат со децении, но и со децениски паузи во нив, кога тоа прашање и не се споменува. Се нудеа разни формули за решавање, но ниту една до ден денес не донесе плод. Проблемите со Курилските острови се влечкаат уште од времето на Руската империја. Во 1905 година по Руско-јапонската војна во која Јапонија беше победник таа ги завладеа островите и јужниот дел од полуостровот Сахалин. Во 1945 година Советскиот Сојуз стапи во војна со Јапонија исполнувајќи го договорот од Јалта, каде што на Конференцијата зеде обврска за тоа, но еден од условите бил под советска контрола да биде Јужен Сахалин и Курилските острови. По капитулацијата на Јапонија СССР во свој состав го вклучи Сахалин и целиот Курилски архипелаг. Советскиот Сојуз се откажа од потпишување на Мировниот договор со Јапонија, кој во Сан Франциско во 1951 година го потпишаа земјите кои во Втората светска војна војуваа со Јапонија. Една од причините за тоа беше отсуството во договорот на ставови кои ја зацврстуваат припадноста на Курилските острови и Сахалин на Русија.

Во ноември минатата година на Источно-азискиот самит во Сингапур Путин и Абе се договорија за основа на разговорите да биде Заедничката декларација од 19 октомври 1956 година помеѓу СССР и Јапонија. Во неа е нагласено дека двете држави престануваат да бидат во воена состојба, па воспоставување на дипломатски и конзулски односи. А советската влада се согласува да и ги предаде на Јапонија островот Шикотан и група неколку ненаселени острови, под услов фактичката контрола на Токио врз островите да биде воспоставена еден ден по потпишување на мировен договор.  Декларацијата е ратификувана во декември 1956 година од парламентите на двете земји. Но натамошните преговори меѓу Москва и Токио не донесоа ништо ново. Во 1960 година Јапонија и САД склучија договор за безбедност, а Советскиот Сојуз како одговор ја анулираше обврската за враќање на островите. Односно дека ќе и бидат вратени на Јапонија само под услов од нејзина територија да бидат повлечени сите странски војски. И така е до ден денес.

Путин лани во септември предложи да се склучи Мировен договор беа какви било претходни услови до крајот на годината. А потоа врз основа на тој договор, како пријатели, да се решаваат сите спорни прашања. Јапонија не го прифати овој предлог. Но затоа направи мало „попуштање“ прифаќајќи ја за основа во преговорите Декларацијата од 1956 година. Таканаречената формула „2+2“ со години се појавува, но ниту Јапонците, ниту Русите не ја поддржуваа до крај. Не сакаа да ја применат. А таа е основата на сегашните преговори. Русија да врати два од четирите острови. И во Русија и во Јапонија има противници на ваквото решение, но Путин и Абе по средбата во Кремљ навестија дека преговорите продолжуваат. Веројатно ќе се разработуваат финесите на договорот. Според прес секретарот на Путин, Димитриј Песков, битна е неопходноста од зацврстување на атмосфера на заемна доверба, а за што е потребно и развивање на економската соработка. Тој најави дека ќе има уште многу средби на високо ниво. А тоа значи дека решение во блиска иднина ќе нема.

Според некои руски експерти на руската страна во преговорите и’ е важно да продолжи преговорниот процес, но да не доведе до резултат. А на Јапонците им е важен резултатот, но тие разбираат дека се’ засега се „ритуални танци“. „На Русија резултатот сега не и е важен од причина што се’ се менува многу брзо, па е нерационално фиксирање на резултат, зашто се може да се случи во блиска иднина, ако се суди според тоа, како сега се развива светот“, вели за БиБиСи, Фјодор Лукјанов. 

Постојат сомнежи дека јапонската желба, онаа на Абе, годинава да биде решавачка за прашањето на островите најверојатно нема да се оствари. Но некои експерти велат дека таков е стилот на јапонската дипломатија – упорно да се навраќа кон едно исто прашање, да се притиска во една иста точка. Но тешко е да се верува дека таквиот притисок на Јапнија ќе донесе успех. Овде не станува збор само за предавање на два острови на Јапонија. Со таквиот потег се отвораат многу прашања од аспект на економијата и на безебедноста. Во јавноста после преговорите официјално не се зборува ништо за нив, но тие лебдат околу.  Не случајно Русија инсистира во односите со други земји да се форсира дипломатијата „два на два“. Тоа значи средби на министрите за надворешни работи и за одбрана меѓу партнерите. Такви средби има и со Јапонија. Русите сигурно бараат гаранција дека на евентуално вратените острови нема да се дислоцираат американски воени сили, кои сега се наоѓаат на југот од земјата. Неодамна еден американски генерал изјави дека „засега САД не планираат да носат војски на територијата на островите“. Се  вели засега.  А тоа значи дека некогаш ќе се доближат до територијата на Русија поблиску отколку од Аљаска. Можеби Русија ќе бара некакви гаранции од Јапонците за ова да се спречи. Згора на тоа островите сега и овозможуваат на Русија лесно да го контролира влезот на пловила во нејзините води.

Економската полза од водите и огромното количество био маса во нив се исто така важни за двете земји. Според јапонски извори во реонот на островите се создадени услови за риболовство и преработка на морски продукти, а тој реон со столетија се сметал за еден од трите најголеми риболовни реони во светот. Вкупната површина на акваторијата на Курилските острови ако се земе предвид екномската зона е речиси 300 илјадиквадратни километри. Таа во најголем дел и припаѓа на Русија. Според некои податоци годишниот улов на риби и морски продукти од страна на Русија во таа акваторија е околу три милиони тони. А вкупниот улов што го остварува Јапонија годишно е четири милиони тони. Освен ова на островите има рудни богатства. А не е исклучено и присуство на нафта и гас. Затоа во разговорите станува збор и за заедничка експлоатација на сите богатства.

Како што се гледа враќањето на, макар и два, острови на Јапонија покренува цела низа од други прашања кои мора да бида преговарани. Ќе бидат вклучени дипломати, воени експерти, економски експерти...Се со цел мирот и официјално да завладее меѓу двете држави, да заврши војната која се' уште,  на хартија, не е завршена. Што, ако и покрај големите сомнежи, дојде до договор? Што со Путин и Абе? Путин ќе биде прогласен за мировник, за човек кој ставил крај на Втората светска војна во Русија. Уште тоа му треба, како контрапункт на руските ангажмани во Сирија и Украина. Веројатно ќе му годи. Абе, пак, доколку се постигне договор ќе ја исполни заклетвата дадена на грбот на неговиот татко, а ќе го споменуваат и како човек кој вратил дел од „историските северни територии“, како што ги викаат Курилските острови во Јапонија. А ако нема договор годинава? Ништо, Русите и Јапонците ќе имаат теми за разговор и во наредните децении. Ако светот остане како што е сега.

Мирче Адамчевски 


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?