Вучиќ вели дека кога косовски терористи упаднаа во Диво насеље, ги немаше Рама и ЕУ да проповедаат
Објавено во: Македонија, Балкан 28 Септември, 2023
Српскиот претседател Александар Вучиќ го поврза нападот од Бањска во северно Косово со настаните од 2015 година во Диво насеље.
Тој ги обвини албанските власти дека се лицемерни. Вучиќ во синоќешното обраќање на РТС изјави дека албанските власти држат предавања за европски вредности, а албански терористи во Куманово нападнале и убиле осум македонски полицајци.
„Тогаш имаше голем конфликт во Куманово кога албански терористи, вистински терористи ја нападнаа меѓународно признатата суверена држава Македонија, земја која е членка на ОН, многу важен детаљ. Убиени се дури осум македонски полицајци. Што се случи? Тогаш го немавме ниту Рама ниту некој од ЕУ да проповеда“, рече Вучиќ и покажа слики од „државниот погреб во Приштина“ во 2015 година, во униформи на ОВК.
Вели дека правеа комеморација за сите Албанци убиени во Куманово.
„Ова е Бег Ризај, еден од убиените терористи, а ова е споменикот кој му е поставен во познатото Дечани. Рамуш Харадинај го посетува споменикот и полага цвеќе. Толку од нивните принципи, европската иднина и се останато“, истакна Вучиќ.
Српскиот претседател вели дека „не знае што сакала групата вооружени Срби“, но и дека „веќе година дена има информации дека луѓето на Косово се подготвуваат на отпор“.
„Србија го одбележува Денот на жалоста поради трагични настани. Одбележуваме Ден на жалост за тројцата загинати Срби и за убиениот полицаец. Тоа е цивилизациска одлука и сериозна одлука. Еди Рама не ја кажа вистината, прогласивме Ден на жалост за сите убиени“, рече Вучиќ.
Рече дека нема оправдување за убиениот косовски полицаец, но и дека тој немал право да биде на северно Косово. Во настаните во Куманово, загинаа осум македонски полицајци, а четириесетина беа повредени во престрелката со вооружената група од Косово. Десет членови на групата од Косово загинаа.