19 Март, 2024
0.0504

За да триумфираат на едни избори, Македонците прво ќе треба да се победат самите себе!

Објавено во: Колумни 10 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Кој ќе победи на предвремените парламентарни избори во среда? Олигархијата се разбира, претставена во нејзините подизведувачи и кукли на конци- доминантните политички парии. Кој ќе изгуби? Се разбира пак  народот,кој пак ќе остане  гол, осиромашен, искраден, трауматизиран и без никаков елан во себе. Ќе му дојде ли памет на тој народ, после триесет години повеќепартиски избори, да не гласа за своите џелати и се уште да го негува стокхолмскиот синдром? Веројатно и за жал не. Во блиска нам Хрватска, на парламентарните избори кои се случија пред неколку денови , победата ја однесе владејачката десница, но се случи нешто кое заслужува внимание. Политичка платформа претставена од невладини организации, активисти за зачувуање на зеленилото и урбаниот градски концепт, протестирачи-граѓани, освоија доволен број од  гласовите  и ќе бидат институционално претставени преку  хрватскиот Сабор. Уште повеќе ќе се валоризира нивниот глас, и уште повеќе на тежина  ќе добие нивната борба за оттргнување од  канџите на хрватската олигархо-мафија на зелениот и урбаниот простор, на институциите на системот и на се што било запоседнато, узурпирано и дезавуирано од страна на организираниот криминал ( читај еуфемистички: „политичките  елити“). Се разбира, доколку се искрени овие хрватски урбани интелектуалци и граѓани, за тоа за кое се борат, и доколку позади нивната борба не се наоѓа гола борба за власт, пари, моќ и функции. Останува на времето да покаже кој е во право.

Има ли за Македонецот рај, на крајот од тунелот?

Зошто во оваа последна наша дупка на Балканот, надвор од  двете доминантни политички мастадонти не се појави посериозна граѓанска алтернатива, која ќе го артикулира(ше)  гласот на урбаното/ граѓанско јадро? Која ќе ја канализира енергијата на една интелектуална маса која бара вистински и суштински промени во целото општество, а не козметичка  постизборна шминка ? Дали тоа  ние немаме  кадровски капацитети, кои  ќе сакаат навистина нешто да променат на хоризонтот на политичката  сцена, или како што вели еден мој бугарски пријател, политички активен на соседската политичка сцена: „ да фрли камен во зачмаеното/ застоено политичко блато“, во кое удобно и мирно си пливаат и егзистираат големите алигатори? Веројатно немаме, ниту кадровски капацитети, ниту пак критична маса која ќе може да произведе такви капацитети да направат суштински и коренити промени. Што да очекувате од народ, чија младина под налетот на транзицискиот неморал, распад и хаос, е со „ вредности “ кои ги учат дека треба да се срамат доколку нивната мајка е  хигиеничарка, пазарџика  или кафекуварка? Или пак нивниот татко е таксист, градежен работник или чувар? Во средно училиште овие деца се срамат од професиите на своите родители и тоа го кријат. Напротив, се гордеат доколку нивниот татко е успешен бизнисмен ( читај : во повеќето случаи  е криминалец , кој „ се снашол“ и го изиграл законот), а мајка им е успешна менаџерка ( читај: во повеќето случаи , добро му го „ менаџира“ патентот и  времето  на својот работодавец).  Како тоа ние да ги поставиме работите на прав колосек и како да создадеме едно општество за сите, но со вистински и правилен вредносен ориентир, кој ќе ни донесе развој и благосостојба во наредните триесет години?!

Да излеземе од нашата македонска димензија, и да се трансферираме во нова- нормална!

 Бев запрепастен, кога во една статија прочитав, како на  јапонските пензионери во нивната култура и матрица на општествено живеење  им било всадено дека треба да се грижат за малите јапончиња-првоодделенчиња, кои често се губеле низ невидениот хаос и гужва во Токио и во големите јапонски градови додека да стигнат до своето училиште. Имено, Јапонците се до толку умни и интелигентни, па смислиле начин како да го решат и овој проблем, кој неретко се појавувал. На  малите првоодделенци јапончиња им биле облекувани жолти елеци ( едни други жолти елеци во Франција беа синоним за нешто друго),  се со цел доколку се изгубат, делуваат дезориентирано или пак побараат помош од некој повозрасен, да им се помогне да се качат во вистинскиот трамвај, метро или автобус за да може да стигнат до своето училиште. Пензионерите пак, тоа го сметале како обврска, дека доколку забележат мало јапонче во жолт  елек, како се однесува збунето и дезориентирано да му пријдат и да му понудат помош, а доколку му е потребна и да го однесат до училиштето. Тоа се Јапонци, тоа е Јапонија. Да ги преселите на Марс,  ќе бидат исти, можеби и  подобри. Нам пак, да ни ја дадете целата планета Земја, и сите нејзини ресурси, пак нема да станеме подобри, напротив може само да и ја дое*еме мамата. Тоа е! Познатиот новинар Бранко Тричковски често пати користи една своја реченица со која изнесува свое тврдење: никој никаде на целава планета, а можно е и во сите галаксии, не живее подобро со помалку работа и талент од Македонците. Што сакал авторот да каже со ова? Дека и ова што го имаме,како плата, материјално добро и ресурси со кои располагаме,  со нашата мрза, и нашиот (не)ефикасен и  (не)ефективен минимален труд и работа кои ги вложуваме, ни се многу и не ги заслужуваме. За да имаме повеќе, треба прво да излеземе од себе  и да се победиме самите себе! 

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?