28 Април, 2024
0.0260

За интелектуалците – со големо „И“ и оние другите…

Објавено во: Колумни 11 Јануари, 2015

Добивај вести на Viber

Време-невреме, време на поделби и прогони, време на маркирање и на сомничење, време на твои и мои, наши и ваши, време на бранители и апологети, време на рационални и емоционални, време на вечни бунтовници и вечни конформисти, чувари на каузата и вкоренетата мисла и авангардисти, време на јавашлук и разузданост, но и тивок и нечуен молк, време на интелектуалци-со големо И и оние минорните, затскриени под плаштот на егоистичките интереси, секако добро наплатени и наградени-е такво е денешново време кое го битисуваме. И бол и бес-синоним за денешнината, е како визионерски звучи овој наслов на романот на великанот на македонскиот пишан збор Славко Јаневски, како да мислел на денешново наше совремие. Дали партиското и материјалното треба и може да биде над професионалното? Гнев на душава имам, и чувство на постојан немир, болка во градите и мисли невидено мрачни, а по природа сум вечити оптимист, но сивилото што не навјасало ми го бледнее и тоа малку позитивно што се обидувам да го изнедрам со сила и од петни жили што се вели. А зошто е тоа така е мошне јасно и нема потреба од дополнителни појаснувања, никогаш, повторувам никогаш, по мизерно не сум се чувствувала, а знам дека и голем дел од моите колеги, од професорската фела, го делат истото чувство. Видно вознемирени,  навредувани, етикетирани како неработници, паразити, легачи и хедонисти, луѓе без изграден морален систем, професори кои само ги уживаат бенефитите, а не ги сработиле, соголени до гола кожа, понижени, секојдневно сме сведоци на континуиран рафал од страна на медиуми и портали, но и за жал наши колеги, кои во името на фелата, во името на добробитта за повисок квалитет во високото образование, секојдневно рафално ги фалат предложените реформи и небаре се вонсериски кога говорат од устите им тече мед и млеко. И да не ги знаеш и да не прочепкаш подлабоко и да мислиш дека исклучиво тоа го прават само и во името на науката и образованието и во името на прогресивни промени ќе воскликнеш браво за нив-ете имало вистински едукатори. Но само малку ако подѕирнете ке видите дека на повеќето од нив биографиите им се далеку од импозантни, дел од нив добро си го наплатувале интелектуалниот труд, дури и на места кои апсолутно немаат допирни точки со нивната професија и сето тоа ни наметнува само едно прашање Зошто, зошто се закрвуваш против фелата, зошто имаш потреба да изустиш гневни зборови и да блуеш отрови против оние кои се твои, да твои колеги, соработници, пријатели? Дали партиското и материјалното треба и може да биде над професионалното? Доблесно е да бидеш искрен Скромноста во ова сурово секојдневие и не е доблест, но доблесно е да бидеш искрен и да ја говориш вистината, секогаш и секаде, без преседан. Бидејќи ако виорно браниш нешто што само по себе е небулоза, ако гласно воскликнуваш да живеат реформите кои значат унапредување, а не читаш внимателно и меѓу редови дека и ти ќе бидеш утре од истите окован во пранги, и ако навредуваш без скрупули твои колеги - добронамерници, тоа не те прави доблесен, ниту морален, ниту добар едукатор, напротив, тоа е класична морална патологија и морална хипокризија. Ова е време на обединување на интелектуалната елита Еден ден, да еден ден ќе заврши сета фама, сета бука, но ќе остане петна, ќе остане доказ и показ за една интелектуална битка, без оглед дали ќе биде добиена или загубена, еден ден ќе треба да се исправиш и пред оние кои ги едуцираш да одговориш во чие име и за кого си ја водел битката и тој ден, кога ќе се погледнеме сите во очи, некои ќе бидат насолзени, некои гордо ќе гледаат, а некои ќе ги закопаат главите во песок, како ноеви, бидејќи за туѓи каузи одработувале и други интереси биле пред професионалните. Ова е време на обединување на интелектуалната елита, како никогаш до сега, ова е време кога јасно и гласно треба да се чуе воскликот на интелектуалецот, на професорот, на создадетелот, творителот, научникот, ова е време кога сите не обединува една и само една и  единствена кауза, која не познава партија, боја, нација, религија. Историјата памти  и генерациите кои доаѓаат ќе оценат и проценат кој бил во право и за чија иднина некој се залагал. За сегашноста и иднината на нашите деца и на сите деца кои ја сакаат ова наша мила татковина и кои сакаат за живеат во неа-за нив се работи. П.С. Јас прва сум за реформи во високото образование, но реформи кои ќе потекнат од Универзитетот, реформи кои ќе значат стимул за студентите и нивен прогрес, но и предизвик за професорите, реформи кои нема да не оковаат во пранги, туку ќе ни дадат слобода на избор,  реформи кои ќе значат вложување во науката, истражување, реформи со кои нема да се урнисува автономијата на универзитетите, реформи кои ќе го прилагодат образованието со пазарот на труд, реформи кои со сласт и ум ќе ги впијат и на кои ќе им се радуваат сите вклучени во образовниот процес. За такви реформи во секое време и тоа треба да е единствената кауза која ќе не води сите директни учесници во образовниот процес. Д-р Татјана Стојаноска Иванова, Институт за социологија, Филозофски факултет-Скопје        

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД