28 Април, 2024
0.0447

За ќеифот се работи!

Објавено во: Колумни 11 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Мојот познаник вози најново Ауди, а домот му се распаѓа. Секогаш го паркира во близина на  масата на која седи во кафулето, а автомобилот секогаш е бесперокорно чист, едноставно блеска. По неколку години кај истиов човек требаше да одиме дома, кога влеговме во станот се изнeнaдивме: таванот испукан, стар мебел, неуредно..руина. Абе Васко, возиш Ауди, а види дома како ти е? Брат, што да правам за ќеифот се работи, кога ќе ја збрмчам на облаци сум! Се ми е таман. Другарче пак, многу добро момче, кое го знам со години, отиде на работа во Словенија, и таму се занимава со потешки физички работи, и знам дека не заработува многу, на една веселба малку поднапиен остави две плати на музиканти. Во обид малку да го прибереме, и да го сопреме во намерата уште да троши, потсетувајќи го дека многу тешко заработува, за толку лесно “да ги фрли во вода парите” тој ни возврати, оставете ме  да уживам, еднаш се живее! Да еднаш се живее, но подобро еден месец да се одмориш да не се мачиш и да не се потиш, отколку за 5 минути со леснотија да потрошиш сума на пари кои макотрпно си ги заработил. Џабе беа добронамерните совети, меракот беше голем! Епа такви сме понекогаш, нерационални, спонтани, да не речам будалести. Вакви примери кај нас има колку сакаш, а Скопје денес дефинитивно е град на контрасти. Барокна зграда спроти трошна куќичка, голема жештина уште во април а на околните планини врвови покриени со снег. Полни кафулиња, а над 30 проценти стапка на невработеност. И сето тоа колку и да е несватливо и нелогично, од друга страна е симпатично, и покажува колку сме сите различни  и дека  задоволство наоѓаме во различни нешта. Но не е се така наивно и едноставно! Разликите стануваат се поголеми, подлабоки, како на материјално така и на  духовно поле.  Добро е да можеш да наоѓаш задоволство во одредени работи, но за жал повеќето луѓе едвај крпат крај со крај, и насмевката се поретко се појавува на нивното лице. Поразувачка е констатацијата  дека голем број на луѓе поради  нискиот стандард   се во состојба да испешачат десетина километри,  и голем број на  продажни места,  да ги проверат цените на производите кои ги интересираат, и на крај  да купат од тоа место каде се најефтини, макар тоа било разлика од еден до два денара. Без оглед на фактот дека ќе изгубат многу време во патување, дека ќе се изморат, тие се задоволни што успеале да заштедат некој денар, за себе, за семејството.  Па и не е толку убава сликата на автобуси во вторник и недела преполни со пензионери, кои користат прилика негде да отидат, да се видат со пријатели, или само да прошетаат, колку да не се дома. Тоа значи дека овие луѓе се толку очајни што ако треба два, три дена ќе трпат болка но третиот ден ќе одат на лекар, бидејќи тогаш има бесплатен  автобуски превоз. А каде се студентите и субвенциите за нив? Па нели иднината е во младите луѓе! И како човек да не посака да излезе од дома кога на ТВ е бомбардиран од пораки на политичари,  А кога нема избори се збори кога треба да има следни итн. Всушност кога убаво ќе се размисли за повеќето луѓе листата на работи кои не им се допаѓаат е многу поголема, од оние позитивните. Дали треба почесто да ги заборавиме неубавите работи, и за ќеифот почесто да разговараме! Интересно е како странците кои доаѓаат во Скопје колку се изненадени од тоа дека кафулињата се преполни со млад свет, преку целата недела. Кај нив се излегува само за викенд, а кај нас дење- ноќе, кафулињата се полнат.  Не им се верува дека сме толку сиромашна земја, а сепак  никако не можеме да се отакажеме од ќеифовите. На крај и не е толку важно кој е виновен за се ова што ни се случува, а особено младите тоа не ги интересира. Тие сакаат живот во кој ќе имаат слобода, материјална и духовна независност, можност за избор во секоја животна ситуација, а не среќата и радоста да доаѓа само на моменти, тогаш кога нештата се работа на ќеиф! Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД