26 Април, 2024
0.1517

За насилството, агресијата, спортот…

Објавено во: Колумни 08 Август, 2014

Добивај вести на Viber

“Ненасилството е најсилната сила со која располага човештвото” - Махатма Ганди, сентенца која е најмногу цитирана во последната деценија, максима која и те како е неопходна денес, во ова турбулентно време во кое живееме. Малку е можеби чудно, денес, во ера на информационен бум, во ера на техничко -технолошки развој, во ера на информатичка експанзија, одредени социо -патолошки проблеми да се етаблираат и да бидат во фокусот на општествените случувања. Одредени општествени девијации, во совремието, не само што не го изгубија здивот со прогресот и новитетите и не се маргинализираа, напротив, се уште се на врвот на настани и општествени случувања кои ја загрижуваат општествената јавност и се повеќе бараат посветеност од страна на научната и стручна елита. Ние сме заглавени во еден цикличен круг во кој толеранцијата и дијалогот се посакувани интерпретации, но никако да станат наше секојдневие. Говорејќи за ненасилството, толеранцијата, мирната трансформација на конфликти, мислиме за еден современ начин на справување со дејанија и активности кои ја загрижуваат општествената јавност, и пред се на начин на справување кој по сите параметри и специфики одговара на едно развиено општество, општество во кое се етаблирани вредносни и морални ориентации и норми и општество во кое инцидентите се минорни и секвентни, односно инцидентите се јавуваат со релативно слаба фрекфенција и се споменуваат како изолирани случаи. Ова би било слика за нормално и посакувано општество во кое поединците и групите ќе развиваат дијалог и преку интеракција меѓусебна ќе се интегрираат во современите општествени текови. Но реалноста е малку поинаква и сето она гореспомената, посебно кај нас е идилична замисла која е далеку од реалната секојдневна глетка. И наместо научната и стручна во фокусот на својот интерес да ги има промените што со себе ги носи глобалното општество, наместо да пишува и говори за прогресивните идеи и нивна реализација, наместо да се занимава со просперитетите кои итаат со брзи чекори напред, ние сме заглавени во еден цикличен круг во кој толеранцијата и дијалогот се посакувани интерпретации, а мирниот и слободен начин на изразување на идеите и вољата се претпоставка кон која се стремиме и постојано насочуваме, но никако да станат наше секојдневие. Сиве овие години насилството се етаблира во животот на обичниот човек Она што е наша реалност и секојдневна преокупација, можеби пре сурово кажано, е насилството, кое не само што не го загуби чекорот со совремието, напротив, се јавува зачестено и во сите форми кои се познати на стручната и научна јавност:психичко, физичко, семејно, образовно, спортско. Се говори и пишува за насилството во континуитет, се организираат јавни дебати и се бараат експерти, но она што предничи во сите овие ситуации е моментните и привремени решенија кои се спроведуваат. Сиве овие години насилството се етаблира во животот на обичниот човек, посебно насилството и агресијата во спортот станаа декор на секој натпревар. Секоја спортска манифестација се одржува со трепет и страв од инциденти. Секој натпревар, во кој противници се вечни меѓусебни ривали, има индиции да прерасне во ризичен натпревар. Како во сон да ја живееме секоја утакмица и наместо да ја следиме со страст, ние ја следиме со трепет. Сонот за убавина и сладострастие во гледањето на натпревари остана сон и посакувана слика, а реалноста ни нуди вандализам и страв. За време на натпреварите позитивните емоции се маргинализираа и на површина испливаа негативните, на површина испливаа ниски страсти, вулгарности и примитивизам кој ни оддалеку не наликува и не доликува на човекот како највозвишено битие. Хулиганите ги истераа од стадионите и спортските арени оние вистински уживатели на спортот Спортските манифестации треба да се празник за очите, радост за душата и благодет за срцето. Тие треба да ги сплотат и интегрираат вистинските вљубеници во спортот, кои со срце и душа го очекуваат секој следен натпревар и самите исчекувања од нивна страна се проследени со тремор, позитивно нетрпение и сладостраст за новиот предизвик. А што ни се случува - хулиганите ги истераа од стадионите и спортските арени оние вистински уживатели на спортот, оние вљубеници кои спортот искрено го сакаат и следат, оние спортски зависници кои живеат со спортски дух и кои секојндевието им е исполнето со спортска мисла и спортска игра. Хулиганите и вандалите се декор на секој натпревар и со право ќе кажам, без срам и страв дека некој ќе ме осуди и ќе ми замери, но тие луѓе, дел од нив членови на навивачки групи, не го сакаат спортот, не се искрени вљубеници во спортските манифестации, не се вистински чествувачи на спортскиот дух. Можеби прегрубо ќе звучи, но тие се емоционално полни со негативизам и го исполуваат тоа на спортските натпревари. Оние кои предизвикуваат и манифестираат насилство не се ништо повеќе од обични и фрустрирани лица, кои сакаат да ја уништат секоја драж која со себе ја носи спортот. Доста е со синтагмата дека спортските натпревари служат за стимулирање на адреналинот и катарза, тоа можеби исклучиво ако се сфати во позитивна смисла, бидејќи ако се продолжи со ваквиот начин на спортско навивање, нема да остане ни с од спортските вљубеници и спортските манифестации. П.С. За институциите на системот и начинот на реакција и потребата од корените промени во спортот во следната колумна. Д - р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет - Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД