02 Мај, 2024
0.0507

За образованието, политиката и авторитетите…

Објавено во: Колумни 01 Декември, 2014

Добивај вести на Viber

Реакцијата на студентите по прашањето на спорниот испит ги разбранува духовите во нашата жабокречина нa општествени вредности. За првпат после долго време се вознемирија и духовите од Илинденска б.б. Имено, по  многуте изнесени спротивставени ставови и мислења, конфронтирани како екстерно оценување или државен испит, од највисокото место и не од било кој, туку директно од премиерот дознавме за што се работи. Не било екстерно, било државен испит. Замислете кога премиерот виде кон каде води  бродот, тој недоволно промислено (веројатно само затоа да го извади од „калта“ министерот за образование) го заложи сиот свој авторитет за воведување на државен испит, наспроти критикуваното екстерно оценување. Употреби прилично енергија, (што досега не беше вообичаена практика за прашањата од високото образование затоа што нив секогаш ги оставаше на  „Универзитетската автономија“) да ја објасни разликата меѓу екстерното тестирање и државниот испит. Но за жал, и во расправите самиот  мораше да утврди дека  „воведувањето на државниот испит ќе помогне единствено да покаже дека секој студент има знаење барем за шестка“. Може ли со таков испит да се обезбедат „нови генерации со посилно знаeње“? Може ли со таквиот зафат да се отстранат слабостите во функционирањето на системот кои, всушност,  и доведуваат до ситуација во која постојано се срозува нивото на знање што се стекнува на високообразовните институции? Од ова јасно произлегува дека и ако треба некакво реформирање на системот тоа никако не смее да биде проверката дали секој студент треба да има знаење на ниво од  најниската преодна оценка на студиите.  Какво значење ќе има проверката на знаењето на студент кој остварил просек во студирањето од деветка или десетка, а на државниот не успее да оствари ниту шестка. Ќе има ли предност, при вработувањето, поради високиот просек, откако по седми пат успее да го положи државниот испит. Доколку се пристапи кон ваквото предлог решение, нема ли да се случи знаењето за шестка да се претвори во клучен таргет за време на целото студирање на студентите. А тоа би било полошо од тоа што некои сега лесно, незаслужено, добиваат високи оценки. Впрочем и без државен испит, студентите самите ќе ги презентираат резултатите од својот едукатевен процес во почетокот  на работењето, се разбира, ако има објективно оценување на придонесот на секој поединец. Тоа е најреално вреднување на квалитетот на студентот. Поефикасно е кога студентското знаење се „тестира“ на работата за која секој се подготвувал. Сите овие аргументи упатуваат на заклучокот дека премиерот, непотребно, речиси панично го заложи својот авторитет во одбрана на решение кое однапред се знае дека нема да ги даде очекуваните резултати, бидејќи решавањето на проблемите во високото образование, па и на тие со незаслужени оценки, се подлабоки и покомплексни. Слабостите во оценувањето на студентите се последица на бројни други причини (материјални, финансиски, општествени  и кадровски, со исто таква, ако не и поголема специфична тежина, како и претходните) без чие отстранување не може да се очекува пресврт во високото образование. Не е тајна дека и дел од професорите од само ним познати причини и влијанија пишуваат незаслужени оценки, и се разбира, поради недоволниот увид во нивното работење и однесување. Додека тие професори не се издигнат на соодветно стручно и интелектуално ниво, со висок морален углед  никакви интервенции од надвор не можат да ги поправат состојбите. Дури и кога би било се’ во ред со професорите, тие не можат да бидат надлуѓе за да можат да се носат со повеќе од 2-3 предмети, а некои предаваат по 5-6 па и повеќе предмети. Тие немаат време за подготовки на часовите и минимум време за научно-истражувачка работа, како основа за успешна наставна активност. Да не зборуваме за наградувањето, за недоволната материјално-финансиска состојба на  високо-образовните институции, за потценувањето на научно-истражувачката работа на факултетите, за олабавените критериуми за стекнување на магистерски и докторски титули, за климата на вработување според „партиски книшки“, за партиското делување на надлежните државни органи, за позицијата на студентите на универзитетите и условите за студирање.... Очигледно е дека за да се направи пресврт во високото образование потребни се покомплексни, а не парцијални зафати, особено не такви за  кои однапред се гледа дека ќе ги влошуваат состојбите. Затоа, ако се’ остане исто, и уште едно преполагање на сите испити од факултетот, нема да донесат подобрување  во знаењето. Тоа најмалку  може да се очекува од еден испит, иако помпезно наречен и државен (стручни и државни испити се применуваат и  сега, но за стекнување  на лиценца за работа на определени –лекари, стоматолози, адвокати, судии, нотари ). Нереално е да се очекува  тој што добил преодна, па дури и повисока оценка без знаење, незнаењето да го „надокнади“ само со полагање на еден испит. Целта треба да биде да се изгради систем кој ќе генерира студенти со творечко знаење, наспроти учењето на факти и информации кои доминираат во проверките на знаење само преку тестови, на што се сведуваат екстерните испити. Но, за да се пристапи кон тоа неопходно е политиката што поскоро да ги тргне рацете од високото образование, затоа што истото никогаш не било повеќе исполитизирано. А до тогаш без панични заложувања,  не се плашете и не се обидувајте да го загушите студентскиот активизам за кој и самите сте свесни дека во случајов нема никаков политички предзнак. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина