30 Април, 2024
0.0292

За оние кои не напуштија и болно ни недостасуваат

Објавено во: Колумни 06 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Цело е кога има се и тогаш е најубаво, најпозитивно, најблагопријатно, најфункционално. Но кога целото ќе се разедини, кога од целото ќе се откине дел, кога целото ќе се распарчи е тогаш е сосема поинаку, тогаш се се менува, бидејќи целото без деловите не е цело. Секој дел од целото си има свои специфики, свои обележја, свои функции и свои вредности. Секој дел е засебен дел, индивидуален, но е дел и од колективното, заедничкото цело. Целото треба да се гаи, да се негува, да се љуби, да се поддржува. Целото треба да се возвишува, да се милува, да се слави и да се чествува. Целото треба да се вознесува, да се чува, да се брани и да се оддржува. Зошто едно делче ако се оддели, еден атом ако се откине, еден сегмент ако си замине повеќе целото не е цело, тоа е друг ентитет, засебен, потполно различен од она претходното цело.

Во семејството научив дека за да бидеш почитуван треба да почитуваш

Семејството е едно цело, семејството е ентитет, семејството е клетка сама по себе и за себе. Семејството за мене е светост, тоа е местото каде ги стекнав моите животни вредности, во него научив што е вистина, а што лага, во него научив што е добро, а што лошо, што е правилно, посакувано, позитивно, а што негативно и погрешно. Во семејството научив дека за да бидеш почитуван треба да почитуваш, за да бидеш ислушан треба да ислушаш и за да бидеш ценет треба да цениш. Во семејството создадов модели на идентификација и имитација и тоа во ликот на моите родители, позитивни модели, благодарение на кои мојот животен пат го врвев по правилни, а не по кривулести патеки. Во семејството бев пофалена за добро стореното дејание, но и критикувана доколку одредена активност беше надвор од доменот на општествено прифатените норми. Семејството беше моја најголема поткрепа во мигови на тага и беспаќе, во мигови на болка и стрес, постојано одѕвонувајќи ми во ушите една максима-споделената мака и болка со ближни и драги луѓе е помала болка. Семејството беше моја најголема поддршка во мигови на научна оплотеност, научно творештво и развивање на мојата научна имагинација. Семејството беше и е моја морална поткрепа, моја интелектуална поддршка и моја среќа. Бесценетоста на семејната љубов е непроценлива.

Делот што го нема е оној кој сега ми е толку многу требен како што му е требно сонцето на житото

Целото се скрши, целото веќе не е цело, еден дел од целото се откина, замина, не напушти. Еден дел од семејството засекогаш отиде меѓу великаните, замина тивко, нечујно,без врева, без глас, без воздишки. Се откина еден дел од целото, оној дел кој боли, оној дел кој те милува како тивок ветрец, оној дел кој те галел нежно, шепотејќи ти милно, тешејќи те дека и во мигови на тага и страв некој е постојано крај тебе, некој кој неизмерно те сака, некој чие срце бие за тебе, мисли и размислува за твојата среќа и твојата иднина. Делот што го нема е оној кој сега ми е толку многу требен како што му е требно сонцето на житото, како што му е требна водата на посеаното, како што му е требна храната на гладното, како што му е требна виделината на невиделото, како што му е требна топлината на замрзнатото, како што му е требна прегратката на негушнатото, како што му е требна љубовта на нељубеното.

Се откина како цвеќе во мигот кога најмногу ми требаше

Столбот на семејството е мајката, жената која ти ги брише солзите таговници и радосници, жената која ти ја држи раката и бакнува образот, вдахнувајќи ти топлина, милина и љубов, жената која е секогаш тука да те ислуша, да те посоветува, да ти даде ука и поука за секој животен проблем, личноста која те советува во мигови на животни размисли и пресвртници. Се откина како цвеќе во мигот кога најмногу ми требаше, замина со насмевката која беше украс на твоето милно лице, замина без да не загрижиш и без да ни се пожалиш дека нешто те тишти и мачи. Замина како голем човек, гледајќи не во очи и велејќи ни колку си горда на нас и колку ние те правиме среќни. Милата моја мајчица, мојата животна добродетелка, мојата морална икона е делот кој се откина од семејството. И сега веќе не е цело и сега веќе не е се....

А душа боли, а душа боли....

Таму горе, некаде меѓу ѕвездената шир, со оние кои биле дел од нашите животи а сега се со тебе, верувам и знам дека мудруваш со нив, така отмено и милно како што го правеше тоа со нас. Таму горе, во вечноста, повторно стоиш исправена, перчејќи се гордо со твоите две среќички и мудро се смешкаш радувајќи се на секој успех. Таму горе во вечното пространство ја шириш позитивноста и благодетта кои беа твои препознатливи обележја. Замина со остварена последна желба-моите две среќички да си се среќни, благородни и вечни со нивните љубови. Ти љубена жено и мајко, ти мудрице и добродетелке, ти пријателке и советничке....ти ми недостигаш и денес посебно те чествувам...И полека милно си ја потпевнувам твојата....А душа боли, а душа боли....

П.С.1. Семејството е најголемото богатство на секој човек и јас сум ја имала среќата да растам, битисувам и живеам во среќно, честливо и благородно семејство. Посебно сум благодарна за тоа и затоа со чисто срце и чиста душа топло препорачувам чувајте си го семејството како зеницата во вашите очи.

П.С.2. За сите оние кои не напуштија, а беа дел од нашите животи, да ги споменеме и да се сетиме на сите убости и добрини кои ни ги направиле. И ти мое другарче од детство-Танчо кое замина и ти ќе ми недостасуваш многу, но барем знам дека таму горе мојата милна мајчица ќе те чува...Во чест на овој ден Задушница, нека им е вечна слава и нека почиваат во мир, а ние ќе ги споменуваме постојано бидејќи оставиле многу зад себе.

Д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД