Добивај вести на Viber
Cовремена гравиметриска мрежа на територијата на цела Македонија, до крајот на годината, ќе воспостави Агенцијата за катастар на недвижности (АКН), информира директорот Cлавче Трпевски на денешната прес-конференција. Тој посочи дека таква мрежа се воспоставува првпат во нашата држава, а во иднина ќе биде основа за спроведување разни видови гравиметриски премерувања.
Cпоред Трпевски, од реализацијата на проектот, македонската економија во иднина ќе има голема корист. Податоците од гравиметриските мерења, сами или во комбинација со други, информира Трпевски, ќе може да се користат во рударството при истражување рудни богатства, природен гас и нафта, геологијата за откривање подземни шуплини, пештери, хидрологијата при лоцирање подземни води, сеизмологијата за следење на промените на земјините маси при потреси и во инженерството при проектирање и изведба на капитални проекти, патна и железничка инфраструктура, тунели, мостови, брани.
Договорот за воспоставување на основната гравиметриска мрежа е склучен на 52.000 евра, а планираниот буџет за спроведување на гравиметрискиот премер што треба да се врши наредната година изнесува 300.000 евра. За два дена ќе стартуваат мерењата со изнајмени два инструменти - гравиметри со оглед дека нивната набавка е скапа, односно еден чини над 100.000 долари.
Саше Димевски, стручен советник во Катастарот, најави дека основната гравиметриска мрежа во Македонија ќе ја чинат три апсолутни гравиметриски точки во Скопје, Охрид и во Валандово и 25 релативни гравиметриски точки распространети на целата територија на државата на растојание од 30 до 40 километри.
Последните гравиметриски мерења во Македонија се вршени во седумдесеттите години од минатиот век од страна на тогашната Федерална геодетска управа на СФРЈ, но резултатите од мерењата никогаш не и се ставени на располагање на државата.