11 Август, 2022
0.0190

За во среда во Украина е планиран државен удар!?

Објавено во: Колумни 29 Ноември, 2021

Добивај вести на Viber

Опкружувањето на најбогатиот Украинец, Ринат Ахметов, подготвувало државен удар во Украина, кој треба да се случи на 1 декември, изјави во петокот украинскиот претседател Владимир Зеленски. Тој тоа го направи на новинарскиот маратон, неколкучасовна средба со новинарите, пренесувана директно во јавноста, во петокот.

„Добив информација дека на 1 декември во нашата земја ќе има државен удар...Ние имаме не само информација од агентите, туку и снимена информација, каде што претставници од Украина, да речеме, со претставници од Русија го разгледуваат учеството на Ринат Ахметов во државниот удар во Украина. Дека ќе се вложи една милијарда долари и тн.“, изјави украинскиот претседател. Претседателот додаде дека Ахметов го вовлекуваат во војна против државата, која тој, како што рече Зеленски, веќе ја почнал и тоа за него „ќе биде голема грешка“. Според Зеленски олигархот го „вовлекува во војна“ неговото опкружување. Зеленски пред новинарите ги критикуваше медиумите што се под контрола на Ахметов, додавајќи дека не верува дека Ахметов ќе учествува во државниот удар. „Јас немам медиумски сојузници. За жал. Јас сметам дека мој главен сојузник е украинскиот народ“, рече Зеленски, додавајќи „нашата земја е Украина, а не компаниите на Ахметов. Па клучовите од државата не се кај него“. И дека „доказите“ ќе бидат пратени кај Американците.

А за каква војна зборува Зеленски? Пред извесно време беше донесен Закон за олигарси. Ахметов вели дека не е олигарх, туку инвеститор во својата земја, кој со плаќањето даноци придонесува кон нејзин развој. Со Законот за олигарси се предвидува тие да се откажат од медиуми доколку ги имаат. На почетокот на ноември во медиуми во Украина се појави информација дека се влошиле односите меѓу Зеленски и Ахметов и тоа личи на „почеток на војна“. Во Канцеларијата на претседателот ги критикуваа медиумите на Ахметов за давање простор на стари и нови опоненти на Зеленски, што беше демантирано од медиумите. Од кај нив се соопшти дека не е сменета реториката во нив и дека Ахметов не се меша во уредувчката политика. Подоцна од партијата на претседателот, Слуга на народот, соопштија дека ќе ги игнорираат телевизиските канали кои влегуваат во „Медиумската група Украина“, која припаѓа на олигархот. 

ДАЛЕКУ ОД ВЕТУВАЊАТА

Владимир Зеленски стапи на должност на 20 мај 2019 година. По повод изминувањето на половината од неговиот мандат се организираше прес конференција „30 прашања до претседателот на Украина“.  Прес конференциата прерасна во прес маратон. Траеше над пет часа. Поканети беа триесетина медиуми. Прес конференцијата обично е годишна или по некој друг повод. Но се чини дека поводот за сегашната беа некои прашања кои удираат врз претседателот и бараат сериозен одговор. Дотолку повеќе што она што се случува во земјата се одразува и врз неговиот рејтинг. Му опаѓа популарноста. Навистина тој се’ уште е најпопуларен,  но нема ни трага од оние над 70 проценти, кои ги доби на изборите и го започна претседателскиот мандат. Сега неговиот рејтинг е околу 23 проценти и на најблискиот конкурент, поранешниот претседател Петар Порошенко му бега за неполни десет процентни поени.

Зеленски кој стана претседател најмногу со ветувањата дека ќе ја обедини земјата и дека ќе завладее мирот во неа е многу далеку од тие ветувања. Згора на тоа во земјата му се случуваат работи кои не се ништо ново за земја заглавена во корупција. По неколкумесечно најавување и одлагање, тука е истрагата на Bellingcat и телевизиската изјава на поранешниот прв човек на украинското разузнавање, Василиј Бурба, за вмешаноста на Канцеларијата на претседателот во специјална операција, која не успеа и наводното протекување на информација до Русите. Втора работа која беше пак поврзана со канцеларијата на претседателот, беше славењето јубилеен роденден на нејзиниот прв човек Андреј Јермак во државна дача во Карпатите каде што гостите биле носени со хеликоптери на државна сметка. Секако и претседателот со сопругата. И третото е она со кое почнавме, „војната со Ахметов“.

Но претседателот и неговото опкружување очигледно немаат војна само со Ахметов. Нивната работа е истражувана од многу медиуми, кои не се на Ахметов. Од новинари кои сериозно приоѓаат кон истражувањето на разни теми во кои е вклучена власта. Па оттука и нервозата кај Зеленски, кога токму тие новинари му поставуваа прашања, а тој не еднаш мораше да им напоменува дека „тој е претседател“, што значи бара почит и соодветно ниво на разгледување на темите. Но за да те почитуваат, треба и ти да почитуваш. За него и неговите таквите новинари се пропагандисти. Затоа кај „пожестоките“ и полемичните новинари како да е стекнат впечатокот дека Зеленски не треба да се почитува. И кога еден човек, а посебно претседател ќе се најде во таква ситуација, тогаш не му помага ниту способноста да глуми.

ДРЖАВЕН УДАР ОД ПЕНЗИОНИРАНИ ПОЛИЦАЈЦИ

Зеленски беше комедијант, кој стана претседател, но за некои новинари тој и натаму останува комедијант. Лично знам еден од тие новинари. Тој поминал сито и решето во новинарството и во Русија и други места, а подоцна и сега во Украина. Материјално е независен, а многу способен како новинар. Неговата изјава по маратонот со претседателот беше дека не е навреден од односот на украинскиот претседател кон него, затоа што со таквиот однос, не само на Зеленски, туку и на други претседатели, осознавал дека им доаѓа крајот.Односот на Зеленски во разговорот со одделни новинари некои го нарекоа „агресивен“ и го прокоментираа во една реченица: „Чим се лутиш значи не си во право“. Посегнувајќи по фразата од обраќањето на Прометеј кон Зевс:„ Се фаќаш за молња наместо одговор, - значи ти не си во право“. Сакајќи да укажат дека таквиот однос не е ништо ново. Или како кај нас, кога некои во дебати почнуваат да се дерат, мислејќи дека на тој начин аргументите им се посилни. А не знаат дека токму тоа ја покажува нивната слабост. Поранешниот министер за внатрешни работи, Арсен Аваков, кој годинава поднес оставка, вели дека наместо „агресивност“ од претседателот се очекува да „Обезбеди права и слободи на граѓаните. Слобода на изразување. Претседателот треба да ја осигура одбраната и безбедноста. Претседателот треба да осигура економски развој“.

Изјавата за државен удар уште во петокот беше во насловите на медиумите во цел свет. А интерес привлече и поради сегашната состојба на границата меѓу Русија и Украина. Таа информација ги уплаши инвеститорите и ги урна котациите на еврооблигациите на компаниите кои се под контрола на Ахметов. Некои дури над 10 проценти. Реагираа дури и американскиот претседател Џо Бајден и Стејт департментот.  Што можеше да каже Бајден, кога не знае за што конкретно станува збор. Изрази загриженост за зборовите на Зеленски, вети поддршка за Украина и најави телефонски разговор со рускиот и со украинскиот претседател за состојбите на границата. И Стејт департментот реагираше слично. „Ние сме во контакт со украинската влада да го разгледаме тоа што го чувме денес. Работиме врз тоа да добиеме дополнителни информации“, изјавија оттаму.

Вечерта во петокот работите се разјаснија. Изјавата на претседателот се темелела врз разговор на тројца пензионирани полицајци од Крим и еден соработник на руската Федерална служба за безбедност. Тие, меѓу другото, зборувале дека кога тие ќе ја земат власта во Украина ќе треба да се договараат со Ахметов. И покрај тоа што ретко кој ја сметал најавата на државен удар за сериозна, таа стана вест на денот - беше искажана од претседателот. А штетата направена. Не само за Ахметов тука и за Украина. Инвеститорите ќе ја губат довербата во таквиот однос на власта. И ќе ја одбегнуваат земјата.

ДИСЦИПЛИНИРАЊЕ НА ОЛИГАРХОТ

Но тука не завршува сторијата со еврооблигациите. Се чини дека таа е дел од „војната“ меѓу политиката и бизнисот. Меѓу Зеленски и Ахметов. Од канцеларијата на претседателот, зборувајќи за падот на цената на активите на компаниите на Ахметов на меѓународните берзи, изјавија дека за жал тоа е последица на конфликтот меѓу компанијата и државата. Демек не можеш дома да се однесуваш поинаку од европскиот пазар. И дека не треба „да се собираат во твојот етер луѓе кои активно распространуваат информација која често е лажна и влева страв“ и да се смета дека тоа нема да влијае врз „капитализацијата на земјата во целост и сопствениот бизнис“. Од таму нагласуваат дека шпекулативната политика удира по економијата. Затоа не треба да се пуштаа во етерот скандал-мајстори, кои лажат дека „утре ќе почне војна“ и кои никогаш не одговаралче за своите глупи зборови“.

Сето ова зборува дека власта решила  да го дисциплинира Ахметов. Зеленски вели дека преку глава му е кога за Украина зборуваат како земја на олигарси. Па затоа со Законот за олигарси ќе треба да се знае, дали ќе нема олигарси или ќе ги има, ама сите ќе знаат колку. На претседателот му пречат медиумите на Ахметов. Особено во светлината на најавите дека Зеленски сака уште еден мандат. „Тоа ќе зависи од поддршката на мојата личност и рејтинзите. Одам по улица и гледам како се однесуваат кон мене. Луѓето велат „благодарам“ или „има грешки“.Ако речат дека ќе ме поддржат тогаш ќе размислам дали да одам на втор мандат или не. Јас нема да се борам за власт. Јас се борам за Украина. Но ако ме притискаат(некои медиуми) тогаш нема да заминам никаде и ќе се борам до крај“, рече Зеленски. Според него, некои медиуми од кожа излегуваат  од што се плашат тој да не’ се кандидира по втор пат за претседател.

Од она што го (на)прави Зеленски како да се наѕираат кратки нозе. Ако тој имал докази за државен удар во среда зошто нема кривично дело. Дали искажувањата за државен удар и војни се само за одвлекување на внимание од проблемите со големата корупцијата, која пак е дежурна тема за неговите западни патрони. Што станува со другите олигарси. Дали тие се добри, а Ахметов лош? Кои медиуми се правилни, а кои неправилни? До кога Советот за национална безбедност ќе бара непријатели на државата, и на претседателот, без решенија на судовите.  Ќе ги оцрни луѓето, а тие потоа нека се жалаат на суд! Еден украински политичар, коментирајќи ги изјавите на Зеленски вели дека „демократија со елементи на диктатура е како запек со елементи на пролив. Едни со други не се совпаѓаат“.

ГРИЖА ЗА НОВ МАНДАТ

Украинскиот претседател, сега,  на половината од својот мандат како повеќе да е загрижен за нов мандат отколку работите со кои се соочува државата. За она што зборува цел свет и пишуваат медиуми, ќе има ли војна со Русија, тој вели дека ескалација е можна секој ден. Но додава: „Сега  ситуацијата не е полоша отколку минатата пролет, има помалку руски војници. Но повеќе од моментот кога договоривме прекин на огнот летово. Гледаме ротации, собирање, понекогаш гледаме зглемување на воена техника“. И толку.  За него е најважен „државниот удар“. Како за некои овдешни политичари. Од Балканов. А загусти и не одат работите – веднаш „се подготвува атентат или државен удар“.

Зеленски и покрај тоа што има поддршка од Западот, посебно САД за борба со олигарсите, сепак мора да почитува правила на игра. На американскиот „црн список“ има украински олигарси, но тој не удира по нив, туку по Ахметов, кој не е на списокот. Украинецот по малку како да го глуми  рускиот претседател Владимир Путин. И неговиот однос со руските олигарси. Но тука Зеленски заборава едно. Голем број од руските олигарси се хранети од рацете на Путин. Па може тој на еден Олег Дерипаска да му нареди да дава пари на вработените. Кај Зеленски работите се сосема спротивни. Тој јадеше од рацете на олигархот Игор Коломојски. И покрај најавата дека ќе оди до крај во расчистувањето на криминалите на Коломојски тешки неколку милијарди долари и санкциите кон него од САД, Зеленски се’ уште го „чува“ дома.

Во Украина не е можен систем како во Русија. Тоа треба да му е јасно и на Зеленски. И да не се обидува да го имитира Путин во реалноста. Би можел, кога ќе му заврши мандатот, ако се врати на старата љубов, да направи серија, не за украински, туку да глуми да биде комедијант „Слуга на народот“ во Русија. А дотогаш го чека војна не само со Ахметов, туку и со медиуми. Парите што ги изгуби Ахметов на Лондонската берза, стотици милиони евра, ако не и повеќе, утре, задутре ќе вратат. Можеби не во целост. Но дел од нив веројатно ќе се најдат како оружје во битката против вториот мандат на Зеленски.  

Мирче Адамчевски

.


Можеби ќе ве интересира

ЗАПИСИ ЗА ЕДНО ВРЕМЕ ВО МОЈАТА БОРБА

ЗАПИСИ ЗА ЕДНО ВРЕМЕ ВО МОЈАТА БОРБА

Путин и Ердоган – Игра без правила

Путин и Ердоган – Игра без правила

Даночна реформа: За економски раст, сузбивање на сивата економија и фер јавни давачки

Даночна реформа: За економски раст, сузбивање на сивата економија и фер јавни давачки

Русија ќе ни стои на вратот се’ додека Западот нема интерес за нас

Русија ќе ни стои на вратот се’ додека Западот нема интерес за нас