30 Април, 2024
0.0301

Заблуда е дека со порастот на БДП сите ќе се усреќиме

Објавено во: Колумни 09 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

И покрај релативно поволните стопански текови, македонскиот граѓанин сеуште нема почувствувано зголемување на животниот стандард и намалување на сиромаштијата. Стапката на економски раст и приливот на странски директни инвестиции, не само што не доведоа до зголемување на платите туку тие со години се забетонирани, а реално, поради инфлацијата, тие и губат од нивната поранешна вредност. Но, и покрај тоа ние се радуваме на податоците за економскиот раст и на се’поголемиот број на странски директни инвестиции. И тоа е нормално. Се зголемува богатството што се создава во земјата и се зголемува бројот на вработените. Меѓутоа, заинтересирани за моменталните придобивки, забораваме дека платите ни се меѓу најниските во Европа и не се поместуваат нагоре, односно растот на БДП се’ помалку се чувствува  во растот на   стандардот на населението. Се живее во илузија дека со порастот на БДП (и со помош на зголемување на бројот на странските директни инвестиции) сите поединечно ќе се усреќиме. Меѓутоа, во практиката, тековите не соодветствуваат на очекувањата. Веќе се поставува прашањето како е можно општественото производство да се зголемува, а ефектите да не се чувствуваат? Каде одат парите од зголемениот раст на БДП? Зошто не се случува како што се очекува, со растот на БДП да се почувствува пораст и на стандардот на населението? Може ли да се очекува да се променат состојбите? Одговорите на овие прашања лежат во карактерот на БДП и во зацврстувањето на доминацијата на капиталот во општествената репродукција. Бруто домашниот производ, како што покажува и името, се создава во текот на една година во земјата (дома), меѓутоа, проблемите што ги споменавме се последица на тоа што добар дел од БДП, покрај домашните, го создаваат и фирми кои се во сопственост на странци. БДП (производството изразено во вредност) се создава во земјата, меѓутоа, финансиските ефекти од него ги присвојуваат сопствениците на капиталот, со право да можат да го изнесат од земјата. А тоа се’ почесто го прават и покрај стимулациите, заработките да ги инвестираат во земјата. Ова не е критика на странците што дел од заработувачката остварена во земјата ја изнесуваат од земјата, туку само потсетник за дострелот на економскиот раст мерен преку БДП. Растот може да биде уште поголем, доколку се остварат надежите за реализација на бројни инвестиции од страна на странски инвеститори, меѓутоа, „ќарот“ т.е. позитивниот ефект од растот на БДП ќе се почувствува само преку бројот на вработените од земјава и платите за нив, како  и преку даноците и царините кои ги плаќаат. Во вредноста на БДП, се разбира, влегуваат и средствата што се издвојуваат за амортизација и нето добивката на фирмата, но тие се во полза на сопствениците на капиталот. Со издвојувањето за амортизација на средствата што ги користат тие ги обновуваат користените средства, создавајќи основа за идни повисоки заработувачки, додека добивката им е неприкосвено право. Можат да прават што сакаат со неа, вклучувајќи го правото и да ја изнесат. А каков е „ќарот“ за земјата нема потреба да се елаборира, со оглед на погодностите што државата ги дава  за поттикнување на странски директни инвестиции во земјата  и утврдената минимална цена на трудот. Следејќи го движењето на споменатите елементи на БДП во изминатите неколку години (2007-2011, за што има податоци) дојдов до заклучок зошто економскиот раст не се чувствува во пораст на стандардот на вработените и населението. На сцена се процеси на прераспределба на БДП во полза на капиталот и тоа не само на странците туку и на домашните инвеститори, наспроти средствата за трудот. Додека БДП (по тековни цени) во 2011 во однос на 2007 година порасна за 26%, средствата за вработените се зголемија за 36%, а нето добивката за 46%. Средствата за царини и даноци пораснаа за 12%, а средствата за амортизација за 2%. За пореално прикажување на состојбата илустративни се податоците по вработен. Во споменатиот петгодишен период средствата што им припаднале на вработените, по вработен, пораснале за 19%, додека средствата за нето добивка се зголемиле за 29%. Во 2011 година секој вработен создавал годишно речиси подеднакво за себе (291.514 денари) и за капиталот (287.849 денари). Во последните две години од анализата, средствата што им припаднале на вработените го намалиле своето учество во БДП од 39% на 37%, додека нето добивката го зголемила своето учество од 31% на 36%. Очигледно е дека во спротивставеноста меѓу трудот и капиталот, товарот паѓа на послабиот, на трудот. Уште повеќе што и странскиот капитал, поведен од ниските трошоци на работната сила во земјата, останува тврдо на затекнатите цени на трудот и покрај привилегиите, како што се ослободување од плаќања на персонален данок и на другите придонеси од плата. Оттука, треба да се ослободиме од  илузијата дека со порастот на БДП, само по себе, треба да се очекува пораст на платите и придонесите преку кои се реализира повисок стандард на населението. Тоа не се случува автоматски, особено не во општества со висока невработеност и слабо синдикално организирани работници. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД