Забрзано се конструира модуларната болница во Гевгелија
Објавено во: Македонија 23 Ноември, 2020
Министерството за здравство информира дека активностите околу изградбата на модуларната болница која ќе биде ковид-центар во Гевгелија се во полн ек.
-Теренот на кој ќе биде поставена ковид модуларната болница во Гевгелија е подготвен, кон крајот на оваа недела се очекува да почне изведбата на болницата. Целосно е завршено бетонирањето, а поставена е и инфраструктурата, довод, одвод до канализациска мрежа, подземен кабел за струја. Ковид центарот во Гевгелија ќе биде со површина од 400 квадратни метри со посебен влез за персоналот. Посебен влез ќе има и за прием, евиденција, преглед, тестирање, можност за рендген, ЕХО преглед на пациенти и одредување терапија. Во последниот сегмент ќе има соба за изолација и стационар за хоспитален третман до максимум 15 пациенти, соопштуваат од Министерството за здравство.