Заев: Ќе помогнеме сите, кој колку може за „Глобал“
Објавено во: Македонија 03 Јануари, 2021
Премиерот Зоран Заев денеска направи увид на штетите од синоќешниот пожар во затворениот трговски центар „Глобал“ во Струмица и најави хуманитарна акција за да им се помогне на сопствениците на изгорените продавници и тезги.
„Луѓето овде ја изгубија својата егзистенција и сето тоа што го создале. Глобал е симболот на модерна Струмица, тука живееше струмичкиот дух. Ќе помага целата струмичка деловна заедница, Владата и сите институции солидарно ќе се организираме. Граѓаните да знаат уште утре организираме масовна ударничка акција и за расчистување и возобнување на Глобал, како и финансиски“, најави Заев.
Претседателот на Владата рече дека организатори на солидарна акција ќе бидат владата и општината за што поскоро враќање на уништените имоти во нормала. Покрај комуналното претпријатие кое учествуваше во расчистувањето на теренот , ќе се вклучат и другите служби откако Јавното обвинителство и МВР ќе завршат со убидот и ќе дадат согласност.
„Ќе започнеме со сите кои имаат ресурси за помош. Сите што изгубија материјални добра, да си направат свој попис од своите книговодства, да го попишат загубеното под морална и материјална одговорност за да бидат подготвени кога ќе се проценува штетата“, рече Заев пред медиумите.
Државата и општината ќе ги разгледаат сите можности за финансиска помош, преку алатката за солидарност., додаде тој и порача дека се работи за сопственици кои се што имале од себе и своите родители го вложиле тука и сега го загубиле.