24 Јули, 2024
0.0311

„Загриженоста во однос на функционирањето и независноста на Судскиот совет останува“: Европската комисија овој пат без препораки

Објавено во: Македонија 24 Јули, 2024

Добивај вести на Viber

Земјите членки и ЕУ во целина се многу подобро подготвени да ги детектираат, спречат и да се справат со новите предизвици поврзани со владеењето на правото отколку пред пет години, се наведува во Извештајот за владеење на правото за 2024 година на Европската комисија, во кој годинава првпат се и четири поглавја посветени на случувањата во Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија.  

- Вклучувањето на овие четири најнапредни земји во процесот на проширување во Извештајот за владеење на правото ќе ги поддржи нивните реформски напори, ќе им помогне на властите да постигнат понатамошен напредок во процесот на пристапување и да се подготват за продолжување на работата на владеењето на правото како идни земји членки - посочи Еврокомисијата.  

Во овој петти годишен Извештај за владеење на правото, Комисијата прави преглед на случувањата во владеењето на правото во земјите опфатени со него, како придонес за издржливоста на европските демократии, взаемната доверба во ЕУ, за добро функционирање на единствениот пазар и за деловно опкружување кое поттикнува конкурентност и одржлив раст.  

- Од неговото прво објавување во 2020 година, Извештајот стана вистински двигател на позитивни реформи: две третини (68 отсто) од препораките издадени во 2023 година се целосно или делумно адресирани. Сепак, во некои земји членки постои систематска загриженост и ситуацијата дополнително се влоши. Овие грижи се опфатени во препораките од овогодинешниот извештај - наведува ЕК. 

Инаку, во Извештај нема препораки за четирите земји од Западниот Балкан опфатени со процесот на проширување, бидејќи, според ЕК, тие се издаваат исклучиво во годишниот пакет извештај за проширувањето.  

Македонија - независноста на судството е многу ниска

Што се однесува до Македонија напоменато е дека иако беа спроведени неколку бранови на реформи во правосудството со цел да се подобри независноста, ефикасноста и професионалноста на правосудниот систем, независноста на судството и институционалниот капацитет за негова заштита од несоодветно влијание претставуваат сериозна загриженост.  

- Нивото на утврдена независност на судството е многу ниско. Загриженоста останува и во однос на функционирањето и независноста на Судскиот совет, иако се преземени чекори во овој поглед. Одлуките за именување јавни обвинители и судии беа критикувани од граѓанското општество дека не се сеопфатно мотивирани или засновани на објективни критериуми, се наведува во Извештајот. 

Според ЕК, преземени се мерки за подобрување на транспарентноста, особено под покровителство на претседателите на Врховниот суд и на Судскиот совет и се воспоставени етички кодекси и за обвинителите и за судиите.  

- Ограничените финансиски средства доделени на судството може да влијаат на нивната финансиска автономија, а дефицитот на човечки ресурси може да влијае на квалитетот и ефикасноста на правдата. Се развиваат дигитални алатки за управување со случаи. Ефикасноста на судството е намалена за првостепените граѓански, трговски и кривични предмети, додека таа остана стабилна за второстепените предмети, се додава во текстот. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во извештајот се посочува дека е воспоставена сеопфатна национална антикорупциска стратегија, но дека има застој во нејзината имплементација.  

- Големиот ризик од корупција останува распространет во многу области. Неодамнешните измени на Кривичниот законик ја ослабеа правната рамка, негативно влијаејќи на справувањето со корупцијата, особено во случаите на корупција на високо ниво. Ограничувањата на ресурсите и недостигот на соработка меѓу националните власти го попречуваат ефикасното справување со корупцијата и го попречуваат воспоставувањето на стабилна евиденција за случаи на корупција на високо ниво, смета Еврокомисијата, посочувајќи дека Државната комисија за спречување на корупцијата продолжи со напорите за исполнување на својот мандат и покрај ограничените ресурси.  

Извештајот наведува и дека иако постои законска рамка и регистри за лобирање, засега се уште нема регистрирано лобисти, како и дека има „неколку празнини“ во однос на финансирањето на политичките партии и дека е ажуриран Законот за заштита на укажувачите. 

- Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги исполнува своите задачи, но останува дополнително да се зајакне нејзината финансиска и институционална независност. Советот за етика во медиумите и понатаму е под притисок. Остануваат предизвиците во однос на транспарентноста на сопственоста на медиумите и загриженоста во врска со одредени елементи на повторното воведување на рекламирањето финансирано од државата, се вели во Извештајот. 

Еврокомисијата посочува дека јавниот радиодифузен сервис се соочува со предизвици, како и дека покрај тоа што Агенцијата за заштита на слободен пристап до информации од јавен карактер обезбедува пристап до нив иако има ограничени ресурси, сепак останува загриженоста за одбивањата и одложувањата на таквите пристапи до информации.  

- Законските мерки ги зајакнаа законските гаранции за заштита на новинарите, но сепак забележани се закани и акти на насилство врз новинарите, се додава во Извештајот. 

Според ЕК, политичката поларизација во македонското Собрание предизвика доцнење во носењето закони, што доведе до „прекумерна, а понекогаш и несоодветна употреба на забрзани законодавни процедури“.  

- Остануваат недостатоци во спроведувањето на процесите за инклузивно креирање политики врз основа на докази. Канцеларијата на Народниот правобранител нема доволно ресурси, а предизвиците за систематско следење на нејзините наоди и препораки остануваат. Граѓанските организации работат во севкупно адекватна средина, но остануваат предизвици за да се обезбеди одржлив ангажман во креирањето политики, се заклучува во делот од годишниот Извештај за владеење на правото во ЕУ за 2024 година посветен на земјава. 

Евробарометар - што мислат Европјани

Во документот се посочува дека според истражувањето на Евробарометар, над 70 отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека Унијата игра важна улога во одржувањето на владеењето на правото во нивната земја, а речиси 90 проценти мислат дека е важно сите земји членки да ги почитуваат основните вредности на блокот.  

Дополнително, 51 отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека се добро информирани за основните вредности на ЕУ и за владеењето на правото, што претставува зголемување во однос на 2019 години кога вакво мислење имале 43 проценти од анкетираните.  

Извештајот вклучува анализа на ситуацијата во ЕУ во целина и како и во секоја од 27-те земји членки, како и оценка за исполнувањето на минатогодишните препораки, врз основа на што се наведени нови препораки.  

Во Извештајот се дадени оценки за состојбата со националните правосудни системи, антикорупциските рамки, слободата на медиумите и плурализмот, како и други институционални проверки.  

Во однос на реформите во правосудството се посочува дека тие биле високо на политичката агенда во текот на минатата година, при што многу земји членки ги спровеле ланските препораки и ги спровеле договорени реформи.  

- Неколку земји членки иницираа или дополнително напредуваа со важни реформи за зајакнување на независноста на судството. Тие презедоа законодавни напори за зајакнување на независноста и ефективноста на судските совети, за подобрување на процедурите за назначување судии, вклучително и во однос на нивните највисоки судови, или за зајакнување на автономијата на обвинителските служби, се вели во Извештајот. 

Во исто време, според ЕК, има и некои системски грижи во однос на независноста на судството кои опстојуваат, а се забележани и конкретни случаи на влошување.  

Во извештај им се препорачува на земјите членки да се справат со предизвиците, како што се потребата од заштитни мерки во постапките за назначување судии, автономијата на обвинителството или потребата да се обезбедат соодветни ресурси за судството, вклучително и во однос на платите. 

- Во земјите опфатени со процесот на проширување преземени се важни реформи, вклучително и на уставно ниво, за зајакнување на независноста на судството и квалитетот на правосудните системи. Сепак, треба да се направат понатамошни работи, особено во областите поврзани со функционирањето на независноста на судството и со назначувањето на судии, посочува ЕК. 

Во делот посветен на корупцијата се наведува дека таа останува сериозна причина за загриженост на граѓаните и бизнисите во ЕУ. 

- Од минатата година, земјите членки ја подобрија својата институционална клима за подобра борба против корупцијата, вклучително и со зголемување на ресурсите и капацитетот на службите за спроведување на законот, органите на прогон и судството, се наведува во Извештајот. 

Сепак во него се посочува дека е потребна понатамошна акција за зајакнување на превентивните рамки, како што се оние што го регулираат лобирањето и судирот на интереси и правилата за декларирање на имот, како и да се обезбеди ефикасна истрага и гонење на случаите на корупција. - Во земјите опфатени со процесот на проширување беа зајакнати правните и институционалните напори, иако истрагите и гонењето на случаите на корупција треба дополнително да се засилат, проценува Комисијата. 

Еврокомисијата ги повикува Европскиот парламент и Советот на ЕУ да продолжат со генералните, но и со специфичните дебати за состојбите за одредени земји врз основа на овој извештај, како и националните парламенти, граѓанското општество и другите клучни чинители и актери да го продолжат националниот дијалог за владеење на правото со зголемен ангажман на граѓаните.  

Воедно, Комисијата ги повикува земјите членки ефикасно да ги искористат можностите и да се справат со предизвиците идентификувани во Извештајот, при што изразува подготвеност да им помогне во нивните напори за спроведувањето на препораките. 

- Комисијата ќе продолжи да го подобрува мониторингот и известувањето и да ги зајакнува контролите и рамнотежата, особено со следење на спроведувањето на препораките. За да се осигури дека Извештајот ги разгледува сите прашања поврзани си Европа, во него ќе биде додадена и димензија за единствен пазар. Ова ќе ги реши прашањата за владеење на правото што ги засегаат компаниите, особено малите и средни претпријатија, кои работат во повеќе земји, нагласува ЕК. 

Во однос на земјите опфатени со процесот на проширување, Комисијата наведува дека ќе продолжи да ги следи идентификуваните проблеми, вклучително и во следните годишни извештаи за проширувањето.  

Според потпретседателката на Европската комисија за вредности и транспарентност Вера Јоурова, владеењето на правото е суштината на европските демократии и на заштита на општите права.  

- Без владеење на правото нашите демократии и економии би биле во хаос. Ние веќе пет години ја дизајниравме алатката за владеење на правото во согласност со нашите заеднички вредности и денес сме многу подобро опремени да се соочиме со предизвиците, истакна Јоурова, додавајќи дека изработката на овој Извештај поттикнува на постојан дијалог на ЕК со земјите-членки. 

Според неа, овогодишниот Извештај покажува дека земјите членки го подобриле и зајакнале владеењето на правото, но дека сепак во некои од нив останува загриженоста во врска со неколку прашања. 

- Ова значи дека уште повеќе треба да се работи за подобрување на независноста на судството, за ефикасна борба против корупцијата и за подобрување на безбедноста на новинарите и граѓанските организации, потенцира Јоурова. 

Комисијата нагласува дека овогодишниот Извештај е подготвени врз основа на целосно почитување на принципот на еднаков третман, при што при издавањето на препораките посебно внимание е посветено на задржување и зајакнување на европските стандарди во согласност со националните правни системи.

- Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија сега се вклучени во Извештај за владеење на правото, како одраз на напредокот постигнат во нивниот процес на пристапување, фокусирајќи се на унапредување на владеењето на правото. Овој пристап во иднина ќе ги вклучи и на другите земји од процесот на проширување, во зависност од нивниот напредок, нагласува Еврокомисијата. 

Можеби ќе ве интересира

БРОЈНИ КАДРОВСКИ ПРОМЕНИ: Владата со нови решенија за раководните позици на многу институции, еве кој се ќе седне во директорско столче

БРОЈНИ КАДРОВСКИ ПРОМЕНИ: Владата со нови решенија за раководните позици на многу институции, еве кој се ќе седне во директорско столче

СТРУМИЧКА АРЕНА ГАМИНГ ОСТАНА БЕЗ ЛИЦЕНЦА: Министерство за финансии утврди неправилности и во работењето на Државна лотарија

СТРУМИЧКА АРЕНА ГАМИНГ ОСТАНА БЕЗ ЛИЦЕНЦА: Министерство за финансии утврди неправилности и во работењето на Државна лотарија

„Вработувањето како точка беше едно од нашите барања“: специјализантите ги чекаат деталите од најавата на Таравари

„Вработувањето како точка беше едно од нашите барања“: специјализантите ги чекаат деталите од најавата на Таравари

ОПАСЕН ПОЖАР ВО НОВО СЕЛО - во близина на бензиска пумпа, испратени пожарникари и армиски хеликоптер

ОПАСЕН ПОЖАР ВО НОВО СЕЛО - во близина на бензиска пумпа, испратени пожарникари и армиски хеликоптер

ПЧЕЛАР ОД СТРУМИЦА ПРЕДИЗВИКАЛ ПОЖАР - при гаснењето добил изгореници

ПЧЕЛАР ОД СТРУМИЦА ПРЕДИЗВИКАЛ ПОЖАР - при гаснењето добил изгореници

ДКСК ГО ИСТРАЖУВА ИСКАЗОТ НА ЈАНУШЕВ - ќе постапуваат и по информациите за патувањето на синот на премиерот

ДКСК ГО ИСТРАЖУВА ИСКАЗОТ НА ЈАНУШЕВ - ќе постапуваат и по информациите за патувањето на синот на премиерот

МЛАД БИТОЛЧАНЕЦ УЦЕНУВАЛ И СИЛУВАЛ МАЛОЛЕТНИЧКА: доби кривична пријава, како и лицето кое му помагало

МЛАД БИТОЛЧАНЕЦ УЦЕНУВАЛ И СИЛУВАЛ МАЛОЛЕТНИЧКА: доби кривична пријава, како и лицето кое му помагало

ФЕЈСБУК, ИНСТАГРАМ, ЛИНКЕДИН... Силјановска и Мицкоски активни на Фејсбук, Гаши има профил на Тик-Ток

ФЕЈСБУК, ИНСТАГРАМ, ЛИНКЕДИН... Силјановска и Мицкоски активни на Фејсбук, Гаши има профил на Тик-Ток

ПОЧИНА ПЕТАР ЅАЛЕВ: Беше сведок на бројните промени во јавниот сервис од независноста на државата

ПОЧИНА ПЕТАР ЅАЛЕВ: Беше сведок на бројните промени во јавниот сервис од независноста на државата