БИЗНИСМЕНОТ АЗМАНОВ ОТКРИВА: Да, точно е дека продавам акции, а со парите сакам повторно да градам во Македонија, но ако тука не бива, ќе одам во Грција
Објавено во: Економија 23 Јули, 2024
Во последниов период сме сведоци на големи продажби на акции на фармацевтската компанија „Реплек“, кои досега ги поседуваше градежното претпријатие „Настел“ на познатиот бизнисмен Зоран Азманов.
Фактор се интересираше и пишуваше зошто овој долгогодишен акционер во „Реплек“, кој подолг период поседуваше сосема солиден процент од акциите на компанијата, реши да продава од своето сопственичко портфолио.
Одговорот реши да ни го даде самиот бизнисмен Зоран Азманов, раскажувајќи ја за Фактор својата деловна приказна, и откривајќи дека средствата кои сега ги добива од продажбата на акциите на „Настел“ во „Реплек“, всушност сака повторно да инвестира во градежништвото, неговата пасија и примарна цел на неговото градежно претпријатие, а која, како што вели, не можел да ја оствари за време на претходната власт на СДСМ и ДУИ.
„Едноставно, со парите сакам повторно да градам во Македонија, и очекувам дека новата власт тоа ќе ми го овозможи, но, доколку тоа не се случи, тогаш ќе градам во Грција“, открива Азманов за Фактор.
Тој во разговор за нашата редакцција објасни дека во 2016 година неговиоте две компании, односно „Интекс“ и „Настел“, купиле 12 отсто од акциите на „Реплек“, но во изминативе години тој купувал акции и во други македонски компании и банки што котираат на берзата. Причината била неможноста да се гради, иако за таа цел биле купени локации.
„‚Настел' во изминативе шест години инвестираше на Берзата и купуваше акции, бидејќи од претходната власт бевме ставени на некаква тајна црна листа, што се манифестираше со укинување на ДУП-ови каде што сме ги купиле локациите со веќе донесени ДУП-ови, и потоа цели шест години не се носеа нови ДУП-ови, иако кога ќе се укине ДУП од страна на Уставен суд или од друга институција, законска обврска на општините, односно на градоначалниците и советите, е да донесат нов ДУП, со отстранети евентуални недостатоци доколку ги имал тој ДУП пред да биде укинат. Сето ова придонесе ние, од фирма која пред 2016 година го држеше пазарот во Скопје со 25 проценти, дојдовме до тоа што после 2016 година не добивме ниту една дозвола за градба до ден денешен, а имаме дури 7 - 8 локации каде што има ГУП, а има укинато ДУП-ови или променети ДУП-ови без никаква основа. ‚Настел' всушност беше доведен во ситуација да не може да гради, со цел градежните компании кои беа пулени на тогашната власт да немаат конкуренција и да можат да го преземат тој дел од пазарот кој ‚Настел' го држеше пред 2016 година“, раскажува бизнисменот Азманов.
Потенцира дека токму од овие причини решил да купува акции преку берзата, што е многу пологично отколку парите да се чуваат стерилни на сметка, во услови кога неговата компанија не можела да гради.
„Инвестиравме и на домашната берза, но и на меѓународните берзи, бидејќи се отвори и таа можност, да се купуваат акции на странски компании, а јас, пак, веќе имав големо искуство од инвестирање на меѓународни берзи“, објасниува Азманов.
Но, сега сака повторно да работи градежништво и да инвестира во тој бизнис, и се надева дека оваа нова власт ќе му го овозможи тоа.
Вели дека во изминативе денови продавал од акциите во „Реплек“, а тоа се случило и вчера на домашниот пазар, и ќе продолжи да продава и во наредниот период. Продава акции кои ги има и во други компании и банки, односно и од Комерцијална, и од НЛБ Банка. Азманов вели дека одлично заработил од продажбата на акциите, но за тоа најчесно и уредно го платил данокот што и следува на државата, како и секогаш досега. А, продава акции и на странските пазари.
Од продажбите на акциите на сметка веќе располага со 10 милиони евра, и сака нив да ги инвестира во градење во земјава, ако за разлика од претходната, тоа му го дозволи новата власт. Но, ако излезат пречки и не може да инвестира во Македонија, тоа ќе го направи во соседна Грција, и тоа во Солун и на Халкидики, каде што веќе има купено локации, а има и преддоговори за градење, кои се уште не ги реализирал.
Единствено што го очекува од новата власт е да овозможи еднакви услови за работа за сите компании во градежниот сектор. Односно, дека ќе биде праведна кон сите конкурентски компании. Неговата најголема желба е да ги инвестира своите пари во нашата држава, и тоа во градежниот бизнис, каде што веќе ги внесува и своите две деца.
Азманов сака да истакне уште една работа, а таа се однесува на работењето на компанијата „Реплек“. Вели дека откако пред две години беше сменето старото раководство, односно Управниот одбор, тоа АД бележи одлични резултати, и тоа зголемено производство за 43 отсто, зголемен профит за 25 отсто, како и зголемена дивиденда за акционерите.
„Доколку овој тим предводен од Душан Пецовски продолжи на овој начин да ја раководи компанијата Реплек, таа ќе има светла иднина. Реплек е во вистински раце, и мене ми е драго што и јас имав свој придонес во тој пресврт, односно смената на претходното раководство“, вели Азманов, дополнувајќи дека растот на цената на акциите говори сам за себе, со оглед што токму берзата е најправилниот одраз на вредноста на една фирма.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.