Сенката на Доналд Трамп
Објавено во: Колумни 15 Јули, 2024
Обидот за убиство на
поранешниот американски претседател, Дoналд
Трамп, ја потврдува познатата поговорка „Кога се сее ветер, се жнее бура“. Вo очекување на официјалните
резултатиод
истрагата, може само да се нагаѓа за причините за пукањето во Трамп. Иако,
словачкиот премиер, Роберт Фицо, кој самиот беше жртва на обид за убиство пред
некој месец, напиша на Facebook дека сценариото за убиство на Трамп и врз него е „чиста копија“.
„Сценарио, како под индиго“. Политичките опоненти на Трамп се обидуваат да му
ја затнат устата, а кога не им успева ја нервираат јавноста толку многу, што
некој сиромав се фаќа за оружје. И сега ќе гледаме разговори за потребата од
помирување, смирување, простување“ напиша Фицо. А западните лидери укажаа дека
вакво нешто не треба да се случува во демократски земји. Дали САД не се
демократска земја? Во Холандија веќе е најавено дека се преземаат мерки за
заштита на десничарските политичари!
И сега сенката на Доналад Трамп ќе биде надвисната на се’ она што ќе се случува во Америка до 5 ноември, кога треба да се одржат претседателските избори. Треба, бидејќи никој не знае како ќе се развива ситуацијата до тогаш. И покрај повиците за единство, обединување и избегнување на шпекулации. Повици да се остават службите да си го кажат своето.
Сенката на Трамп беше надвисната и на неодамнешниот јубилеен самит на НАТО, одржан во Вашингтон, на 75 годишнината од основањето на Алијансата. Свеченото отворање се одржа токму во салата Ендрју Мелон, каде што во далечната 1949 година беше потпишан Северно атлантскиот договор. Јубилејниот самит требаше да донесе нешто големо, небаре како што беше одлуката за основање на Алијансата, но според она што допре до јавноста, преку усвоената декларација, најактуелно беше прашањето околу Украина, војната, руската агресија, а секако и очекувањето на Украинците да добијат некаков знак дека членството во НАТО не им гине.
И навистина Украинците добија ветување дека некогаш ќе бидат поканети во алијансата. Во заедничката декларација се вели дека “иднината на Украина во НАТО е неповратна“. Се разбира поканата за членство ќе биде испратена во момент кога сојузниците ќе се согласат дека Киев ги исполнил сите неопходни услови за членство. За волја на вистината, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг се изјасни дека нема НАТО за Украина се’ додека не заврши војната. А, ако се знае дека тој порано има изјавувано дека Украина ќе биде поддржувана од Алијансата се до „победа врз Русија“, тогаш работите околу времето кога Украина ќе влезе во НАТО стануваат позамрсени.
Декларирано е и дека во 2025 година Украина ќе добие помош од 40 милијарди евра за финансирање на одбраната на Украина. Но во Украина, аналитичари, сметаат дека ова внесува многу неопределености. Унгарија го поддржа финансирањето, но се исклучи од него. Нема намера да дава пари за тоа. Другите држави се договорија парите да се потрошат за купување воена опрема за Украина, за бесплатно давање оружје и друга опрема, за трошоци за опслужување и логистика на воената техника, трошоци за обука на украински војници, за оперативни трошоци поврзани со воената поддршка на Украина, за инвестиции во одбранбената инфраструктура и индустрија...Јасно е дека голем дел од овие пари ќе се вратат кај финансиерите.
На самитот е решено НАТО да основа организација за помош и обука во сферата на безбедноста на Украина, NSATU, која ќе ги координира испораките на воена опрема и обуката од страна на сојузниците и партнерите. НАТО декларира дека не се стреми кон конфронтација и не претставува закана за Русија. Се додава дека ќе се продолжи со натамошно ширење на Балканот и Црноморскиот регион. Ќе има претставник на НАТО во Украина, од која се бараат дополнителни демократски реформи за идно членство. НАТО е вознемирено од потезите на Русија во поглед на нуклеарните сили, кои преставуваат закана за Алијансата. Слично и за Кина, која натаму го развива својот нуклеарен арсенал.
Во НАТО растат трошоците за одбрана. Во 2024 година дури за 18 проценти. Најмногу за последниве десетлетја. Оттука треба да растат и трошоците на членките над 2 проценти од БДП. Клучен приоритет за НАТО сега е зголемување на муниција и средства за ПВО. Најавена цел е и развивање на присуството во Финска. Кина е обвинета дека станала „решавачки фактор во војната на Русија против Украина“ преку големата поддршка на одбранбената индустрија на Русија и продажба на стоки со двојна намена. На самитот на НАТО 23 земји потпишаа на договор со Украина наречен Ukraine Compact, обемен документ кој содржи обврски за поддршка на Украина. Тоа е документ кој ги обединува веќе потпишаните договори за безбедност на Украина со 21 членка на НАТО. Така што и не е некоја новост. Повеќе личи на повторување на обврските што ги презедоа земјите при потпишувањето на билатералните договори со Украина.
Како и да е, во Канцеларијата на Зеленски се задоволни од резултатите од самитот на НАТО. Заменикот раководител на Канцеларијата на претседателот Игор Жовква во интервју за „Гласот на Америка“ изјави дека самитот во Вашингтон бил за нив поплоден од ланскиот во Литванија. Демек во Вашингтон добиле практични резултати. Во прв ред формулацијата во декларацијата за „неповратниот“ пат на Украина во НАТО. Меѓу другото тој ги истакна јасните ветувања за ПВО, зголемувањето на обемот на тренинзи на украинските пилоти и специјалисти за авионите F-16, новата мисија на НАТО во Украина за координација, а исто така и воената помош од 40 милијарди евра. Се чини дека неговото задоволство во целост не го дели украинскиот министер за надворешни работи Димитриј Кулеба. И тој ја нагласува воената помош на Украина, но смета дека Украина треба да влезе во Алијансата во догледна иднина. Во интервју за CNN, Кулеба изјави:„ Ние не можеме да чекаме уште 75 години за да го одбележиме влегувањето на Украина во НАТО. Тоа треба да се случи порано, а не подоцна. Затоа што тоа е единствениот пат, кој ќе гарантира стратешка безбедност и стабилност во Евроатлантскиот регион“.
Самитот во Вашингтон се одржа после дуелот на претседателот Џо Бајден и Донлад Трамп на 27 јуни. Тој одекна ширум светот и сигурно многумина учесници на НАТО самитот посакаа на дело да го видат Бајден и да се уверат во неговата состојба. Politico напиша дека европски дипломати и официјални лица приватно изјавија дека се запрепастени од грешките и погрешните изјави за време на најновите јавни настапи на американскиот претседател Џо Бајден. Меѓу другото, изданието пишуваше за реакцијата на дипломати и официјални лица од Европа на изјавите на Бајден на самитот на НАТО во Вашингтон. Тогаш американскиот претседател го претстави украинскиот претседател Владимир Зеленски како Владимир Путин, а неколку часа подоцна ја нарече потпретседателката на САД Камала Харис, Доналд Трамп. Politico тврди дека по погрешните изјави, еден од присутните на самитот им испратил порака на новинарите: „OMFG“ (oh my fucking God). Друг извор рекол дека „европските лидери се смрзнаа на сцената“ и „од сите сили се трудеа да продолжат да се смешкаат и да аплаудираат“.
Очигледно, Доналд Трамп и Владимир Путин се „ноќна мора“ за Бајден, а можеби и за некои други лидери. Многу западни лидери, по конфузните изјави на Бајден, јавно го поддржаа. Канцеларот, Олаф Шолц забележа дека погрешни изјави се случуваат и ако помно се следат сите политичари, тогаш може да се забележат доста грешки. Според Politico висок европски дипломат во Вашингтон изјавил дека негови колеги веќе неколку месеци воспоставуваат контакти со луѓе, кои би можеле да влезат во тимот на Трамп, доколку тој ги добие изборите. Во одговор на прашањето дали европските лидери вршат притисок врз нив во врска со овие напори, еден дипломат рече: „Не. Не би си ја исполниле нашата должност, ако сега не се обидеме да воспоставиме контакти со неговите луѓе“.
Во Вашингтон и пред самитот се презедоа многу чекори за да се спречи евентуално вмешување на Трамп во некои решенија, особено околу Украина. Па така форматот „Рамштајн“, каде сојузниците на Украина ја координираа воената поддршка на Украина, а кој беше под раководство на САД, сега преминува во рацете на НАТО. Но она што се случуваше пред и за време на самитот на НАТО, а да не го спомнуваме обидот за негово убиство, сигурно ќе го зголеми притисокот за откажување на Бајден од претседателската трка. А Трамп не еднаш го критикуваше НАТО и се закануваше дека нема да соработува, па дури и дека нема да го почитува членот 5 од Вашигтонскиот договор. Кога ја спомна и Црна Гора, „која имала воинствен народ“.
Сега на Запад во тек е кампања во која се тврди дека Русија врши вистински пожари и диверзии и планира убиства на територијата на Алијансата, обидувајќи се да ја поткопа поддршката на Украина меѓу населението. И во тој контекст се става Трамп, кој се заканил дека ќе дава помалку разузнавачки податоци на европските сојузници, што би било сериозен удар за нив. На Трамп не му ги забораваат зборовите дека „ќе и дозволи на Русија да прави што сака“ со оние држави кои „не плаќаат“ два проценти од БДП за одбрана. Исто не му се забораваат заканите дека ќе ги повлече САД од НАТО. По овој повод во „Новаја газета Европа“, се јави некогашниот помошник на генералниот секретар на НАТО, нам добро познатиот, Џејми Шеј. Според него зборовите на Трамп треба да се земаат со претпазливост. Па дека, во најмала рака е фалбаџија околу зголемувањето на трошоците за одбрана во Европа. Постои страв и од изјавите дека ќе ја „заврши војната во Украина за 24 часа“. Се споменува и наводен план на луѓе од неговата околина, според кој Зеленски ќе мора да седне на преговори со Путин, а во спротивно ќе биде откажана помошта за Украина. „Претседателството на Трамп ќе биде вознемирувачко време за Украина. Сепак, републиканците во Конгресот сè уште го поддржуваат Киев, Претставничкиот дом во април сепак одобри пакет дополнителна помош за Украина од 61 милијарда долари. Како и во минатото, многу ќе зависи од рамнотежата на силите и влијанието меѓу републиканците изолационисти и републиканците интернационалисти. Трамп е секогаш непредвидлив, а лекцијата за Европејците е дека тие ќе мора да преземат многу поголем дел од помошта за Киев, бидејќи дури и ако САД продолжат со својата поддршка, таа најверојатно ќе биде многу помала“,тврди Шеј.
„Нема да ја напуштам Украина. Ќе го одржам НАТО силен. Токму тоа го направивме и тоа е токму она што ќе продолжиме да го правиме“, рече Бајден на прес-конференцијата по самитот на НАТО во Вашингтон. Тој нагласи дека иднината на американската политика зависи од американскиот народ, кој мора да го направи својот избор во ноември...Во овој контекст, тој потсети како неговиот претходник Доналд Трамп ги напуштил обврските од членот 5 од Вашингтонскиот договор, кој се смета за основа на колективната безбедност. После обидот за убиство на Трамп ќе биде интересно кој ќе биде изборот на американскиот народ. А дотогаш сенката на Трамп ќе ги следи и Бајден и Украина.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.