Загрижувачки бројки за уплатата на придонесите: Скоро 50.000 вработени се без здравствено осигурување
Објавено во: Македонија 11 Јули, 2019
Безмалку 50.000 лица во моментов немаат здравствено осигурување бидејќи работодавачите им доцнат со исплата на платите. Поради заснованиот работен однос тие не можат да се пријават и како невработени па да имаат право на здравствено осигурување.
Но не се само тие – проблемите со доцнењето на платите ги погодува и нивните блиски односно децата кои се осигурани преку нив, па дополнително уште над 23 илјади луѓе не можат да се лекуваат на трошок на ФЗОМ .
Инаку, во земјава во моментов како вработени се водат 790.000 лица што значи дека над шест отсто од нив и немаат здравствено осигурување. Бројките се од ФЗОМ, но оттаму не објавуваат детали по колку време овие луѓе немаат осигурување. Велат дека сепак сите може да се лекуваат и да платат, а после Фондот ќе им ги рефундира средствата кога платата ќе биде исплатена.
„Кога ќе бидат платени придонесите за периодот кога е извршено лекувањето, со целата медицинска и финансиска документација, издадена од установата каде што се лекувал, осигуреникот оди во подрачната служба преку која е осигурен и поднесува барање за рефундација на средствата што ги платил за лекувањето. Правото на рефундација е 5 години од моментот на извршената услуга, стои во одговорот од Фондот.
Инаку ФЗОМ не води евиденција колку од овие вработени се од приватни, а колку од државни фирми.
Неодамна беше обелоденето дека над 350 вработени во државното претпријатие Водостопанство на Македонија се без здравствено осигурување, затоа што не земале и плата за два месеци.
Санкции за нередовната исплата на плата со придонеси одредува Управата за јавни приходи, институција која треба да ги блокира неплаќачите.
Н.М.