Замина Ферид Мурати - светски познат лекар и нобеловец со потекло од Македонија
Објавено во: Македонија 06 Септември, 2023
Лекарот со светско реноме, нобеловец по медицинска физиологија, Ферид Мурати, почина денеска, објавија неговите блиски во САД.
Мурати, светски познат лекар, по потекло од Македонија, е роден во 1936 година, а во 1998 ја доби Нобеловата награда за медицина и физиологија. По него е именувана гостиварската болница, а е почесен граѓанин на Општина Чаир и почесен доктор за науки на Државниот универзитет во Тетово.
Мурати е награден со најголемото признание за откривање на улогата на азотниот оскид на кардиоваскуларниот систем. Неготово откритие дека азотниот оксид овозможува крвните садови да бидат релаксирани и проширени, има широка апликација во медицината денес. Се употребува за да се регулира притисокот во крвта, се бори против инфекција и ги третира болестите на срцето и белите дробови, како и ракот, шокот и импотенцијата.
Како професор по медицина и здравствени науки во Универзитетот Џорџ Вашингтон, Мурати добил и многу други награди, меѓу кои Наградата за основни медицински истражувања „Алберт и Мари Ласкер“, Наградата „Циба“ на Американското друштво за срце и Наградата „Бахтер“ за истакнати истражувања во биомедицински науки од Друштвото на американските колеџи по медицина.
Беше член на повеќе меѓународни здруженија и асоцијации. Објавил повеќе книги и статии во реномирани светски списанија.
Од Мурати денеска се опростуваат многу личности од земјава, меѓу кои и министерот за правда, Кренар Лога, кој истакна дека Мурати е научник од светска класа, нобеловец кој и оддаде чест на нацијата и на земјата, и ќе биде вечно запаметен.