Добивај вести на Viber
Клиничкиот центар во Скопје, почна да се гасифицира, со што природниот гас ќе го замени мазутот како енергенс за добивање топлинска енергија од постоечката топлана во рамките на комплексот клиники.
За приклучување на гас на најголемата здравствена установа во земјава, ќе бидат потрошени 800 илјади евра, а според министерот за здравство Никола Тодоров, со спроведување на гасификацијата ќе се оствари годишна заштеда од 300 до 350 илјади евра.
Најавено е дека проектот целосно ќе се реализира најдоцна до 1 октомври. Тој опфаќа изградба на гасоводна мрежа во должина од 1,5 километри и замена на постоечките со комбинирани котли за мазут и гас во топланата.
Покрај заштедата на пари, со овој проект ќе се надмине постоечкото загадување на главниот град од топланата, која во просек годишно испушта по 100 тони сулфур диоксид.