27 Април, 2024
0.0271

Заразени со политика!

Објавено во: Колумни 22 Јануари, 2015

Добивај вести на Viber

Ќе се случи ли некогаш вестите да почнат со приказни за малите, обични луѓе. За тоа како живеат, што сонуваат, што е тоа што ги интересира, независно дали се тоа позитивни или негативни приказни, помалку или повеќе успешни стории. Со информација за еколошка акција, со премиера на некоја  театарска претстава, со информација за млад уметник кој прави нешто што ќе остане со децении.  Од кога немаме чуено нешто за Симон Трпчевски, зарем тој не работи? Наш исклучително талентиран сликар и зограф две и пол години несебично работеше на фреските во манастирот свети Јован Бигорски, а нема интерес да се информира за ова! Немаше интерес и да се направи приказна за завеаните села, кои останаа без струја и новата година ја дочекаа со свеќи. Само некои интернет медиуми информираа за ова. Наместо тоа бомбардирани сме, со вести од типот: “Економските аналитичари на Светска банка прогнозираат дека оваа година Македонија ќе оствари економски раст од 3,5 отсто, а стабилен економски раст се предвидува и за наредната 2016 година кога според нив се очекува македонската економија да забележи пораст од 3,8 проценти. Според овие проценки Македонија и натаму останува на лидерската позиција по однос на економскиот раст во регионов”  Вест која за економистите сама по себе не значи ништо, или не е никаков показател за напредок на државата. Можеме да зборуваме за економски раст кога ќе се спореди  со стапката на раст на долгот, буџетскиот дефицит, трговскиот дефицит, стапката на инфлација, движењето на потрошувачката кошница...и ако за сите овие показатели,  економетрискиот модел покаже дека имаме позитивен економски тренд, во тој случај имаме вест на која сите можеме да се радуваме, и да се фалиме. Овие вести не им значат ништо на обичните луѓе кои крпат крај со крај, и не гледаат ништо позитивно во насока на зголемување на стандардот на живеење. ПР експертите би рекле дека станува збор за селективно информирање, занемарување на целата слика, класично спинување (ПР техника со која се одвлекува вниманието од суштинските теми). Зарем не беше тоа целта и со процесот на лустрација, кога со месеци, години, секојдневно не информираа, како да е тоа најважната работа на светот, а всушност дел од процесот беше ,,лов на вештерки,,. Спиновите немаат крај, на секој  протест, контрапротест, со што дел од јавноста е збунета. Луѓето се недоверливи, зошто постојано се наметнува една теза во медиумите дака граѓаните некој се обидува да ги излаже за свои партиски цели. На пример откако студентите се побунија, за екстерното тестирање , вниманието се сврти кон професорите.  Луѓето наместо да бидат информирани за општествената реалност, постојано се збунуваат, и им се наметнуваат теми кои не го подобруваат нивниот живот. Темите поврзани со политиката, кој што кажал од политичарите, анализите и претпоставките од обичните луѓе се најчестите муабети меѓу Македонците. Мислам дека не постои друга земја на светот, каде толкав број на луѓе изигруваат маалски политичари, и каде толку многу се знае кои се пратениците во парламентот. Уште ми е во глава една анкета во Австрија, каде над 30% од населението не знае кој е нивниот премиер. Интересен феномен е и фактот дека многу од тие луѓе (заразени со политика), па дури и оние кои постојано критикуваат (и се гласни за промена), не излегуваат да гласаат, не одат на протести, оставајќи некој друг да ја крои нивната општествена судбина. Кај нив постои рамнодушност и во моменти кога треба да бидат бунтовни, активни и кога треба да го покажат со дело своето мислење. Дали некогаш ќе живееме во деполитизирано општество? До кога ќе се пренасочува вниманието од реалните теми, кон тотално небитни работи. Зошто политичарите да бидат најголемите медиумски ѕвезди?! Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД