ЗАРАЗНАТА БОЛЕСТ ШТЕНЕЧАК Е ШИРОКО РАСПРОСТРАНЕТА: Граѓаните се исплашени, ЈП „Лајка“ апелира за редовна вакцинација
Објавено во: Македонија 14 Февруари, 2023
Стравот од
болеста штенечак со која се заразуваат кучињата е се поголем кај граѓаните на
Скопје кои имаат свои миленици и кои за Фактор тврдат дека при секојдневните
прошетки се сведоци на болни улични кучиња, оставени сами на себе.
- Не знам дали стравот да не се зарази моето куче е поголем од жалта кога ќе видиме кученце кое се тресе среде улица оставено само на себе. При вакви средби, мојот миленик го враќам дома, и веднаш земам храна и водичка да му однесам на уличното куче. Се гледа дека е болно. Знам како изгледа штенечак. Цел живот чувам кучиња. Се јавуваме и во неколку организации, активисти за заштита на кучињата, се јавувавме и во „Лајка“, но еве со денови е тука. Работата е што во Лајка не ни креваат телефон. На тој број што е оставен за пријавување 02/2565859 никој не се јавува. Јас лично не сум вртел само за ова болно куче. Пред неколку месеци се јавував и за да згрижат една кучка со неколку мали кученца, но никој не дојде. Сега ќе дојдеме, утре ќе дојдеме, не заловуваме мали...што да ви кажувам, вели разочарано Митко С. од Скопје.
За Фактор сосема слични приказни споделија и други граѓани на Скопје, а нивни реакции може да се прочитаат и на социјалните мрежи, заради што Фактор се обрати до ЈП „Лајка“ од каде побара одговори каков е нивниот ангажман околу сето ова и за колку опасно заболување станува збор. Потврдија дека болеста е широко распространета не само во Скопје, туку и низ другите градови низ Македонија.
Болеста е широко распространета низ цела Македонија
-Болеста за жал е широко распространета во рамките на градот но и во државата е иста сликата, и со нертпение очекуваме промена на времето кога се надеваме дека и временските услови ќе помогнат за намалување или исчезнување на болеста.
Болеста Distemper односно штенечак кај кучињата е една од најчестите заразни заболувања, токму затоа во секоја поливалентна вакцина против заразни болести е вклучена и заштита против оваа болест. Во ЈП Лајка првото куче кое беше детектирано дека било со оваа болест е во месец декември 2022 година, односно скоро осум месеци успевавме да се заштитиме од оваа болест. По појавата на првото позитивно куче прогласивме карантин во претпријатието и превземавме дополнителни мерки, изменивме дел од протоколите за работа, воведовме засилени хигиенски мерки, рестрикција на движење на вработените во рамките на претпријатието, засилени протоколи за вакцинација и ревакцинација на кучињата во претпријатието и задолжително тестирање на сите кучиња кои имаат било каков симптом. Инаку, од крајот на 2021 година имавме информација од активистите за појава на оваа болест во рамките на државата, прво во неколку градови различни од Скопје. Потоа во месец март минатата година активистите не информираа за неколку локации во рамки на градот со појава на повеќе кучиња заболени од штенечак во Скопје и околината. Во тој период заедно со здруженијата организиравме акција на вакцинација на уличните кучиња на овие локации, со цел да превенираме ширење на оваа болест и второстепено да не се појави оваа болест во прифатилиштето, со цел континуиран процес на работа на ЈП Лајка и третман на колку може поголем број на кучиња скитници. За да превенираме појава на оваа заразна болест воведовме и нови протоколи за функционирање на претпријатието, од процесот на заловување до враќање на кучињата на локација. Во овие протоколи беа пропишани мерки со цел да не влезе болеста во прифатилиштето и доколку влезе истата да не се шири од прифатилиштето кон јавните површини на градот, посочуваат за Фактор од ветеринарниот тим на ЈП „Лајка“.
Истовремено, оттаму велат дека успеале да се справат со болеста и дека смртноста во ЈП Лајка е многу ниска на кучињата кои биле позитивни.
-Тоа се должи благодарение на воведените протоколи за лекување за кои се консултиравме и со колеги ветеринари кои месеци претходно се бореа со оваа болест, и благодарение на целосна посветеност на целиот персонал во претпријатието. Во моментот имаме брз хуман третман на кучиња, што претставува општ преглед, крвна слика, тест за социјализација, тест за лајшманија, кастрација или стерилизација, вакцинација против беснило и заразни болести, чипирање и поставување на ушна маркичка доколку се враќа на локација. Односно гледаме за најкус можен период кучињата да се вратат на локација, целта ни е да ја да ја зголемиме фрекфентноста на третирани кучиња, да ја намалиме бројката на кучиња кои престојуваат во претпријатието а со тоа и можноста за ширење на болеста. Незастојувањето на кучињата во прифатилиштето значи намалена можност за заразување на кучињата помеѓу себе.
Во однос на тоа како се шири заболувањето, ветеринарите од „Лајка“ велат дека како и секое вирусно заболување така и штенечакот има периодичност во своето појавување односно најчесто се појавува во студените месеци од годината, но не е исклучено да се појави и во потоплите месеци. Вина за ширење на болестите меѓу кучињата гледаат и во самите сопственици за кои оценуваат дека не ги вакцинираат редовно нивните миленици. Освен тоа, сметаат дека и државата нема механизми за зголемување на свеста за правилна грижа на домашните миленици.
-За жал во Скопје и Македонија децениски немаме соодветна стратегија за намалување на уличната популација на кучиња, во која не се само вклучени бездомните туку и домашните кучиња кои неодговорно ги пуштаме да се прошетаат без придружба. Во државата има голем број на улични кучиња, но и нивото на вакцинирани домашни кучиња е ниска, а тоа води кон зголемена можност за неконтролирано ширење на болеста. Треба да ги потсетиме граѓаните дека кучињата се вакцинираат еднаш годишно против беснило кое е законска обврска, и против заразни болести кое е препорачливо токму заради заштита на милениците од заразни заболувања како штенечакот. Во државата нема воспоставени механизми и кампањи за зголемување на јавната свест за правилнна грижа за домашните миленици, одговорно сопствеништво и благосостојба кај животните. Свеста на просечниот граѓанин на овие теми е на ниско ниво и тоа е една од причините за ширење на заразни болести кај кучињата, вклучително и штенечакот, поради неконтролираното размножување на кучињата и соодветно големиот број на кучиња. Ова заболување се шири преку секрети од заразени кучиња, преку душкање помеѓу себе, заедничка игра, користење на исти површини за шетање, исти садови за вода и храна..., потенцираат од ЈП „Лајка“
ЈП Лајка не е организирана и опремена за лекување на кучињата
Фактор праша и дали доколку некој од граѓаните се јави дека видел болно куче, Лајка веднаш го заловува и го лечи, дека претпријатието не е организирано за лекување на животните.
-ЈП Лајка е претпријатие чија примарна задача е да го стави под контрола проблемот со уличната популација на кучиња, Во моментот има многу кучиња на улица, и нашите капацитети ги кориостиме за оваа намена. Се случува повремено да прифатиме куче на кое му треба итна помош, но веднаш гледаме истото да се превземе од здружение за заштита на животните, активисти или граѓани. ЈП Лајка не е организирана и опремена за лекување на пациенти, туку за брз хуман третман на кучиња, не располагаме со основни услови за целосна дијагностика на потешки случаи, и затоа може да дадеме само прва помош и потоа пациентите ги пренасочуваме кон други ветеринарни друштва и обврските за овие кучиња ги превземаат активисти, здруженија и граѓани. По појавата на штенечакот во рамките на градот Скопје и околината, приемот на болни кучиња го сведовме на минимум. Во ЈП Лајка првично внимаваме да не заловиме или да не внесеме куче болно со штенечак. Доколку некое куче во ЈП Лајка пројави првични симптоми, кучето веднаш се тестира, се става во изолација и се подложува на терапија. Кога се е во ред со кучето потоа се подложува на целиот хуман третман. Во периодот кога бевме под карантин секое куче пред да се врати на локација го тестиравме за штенечак за да превенираме ширење на болеста во градот.
Што претставува болеста штенечак?
Инаку, како што појаснуваат самото народно име на болеста штенечак го опишува карактерот на истата. Штенечакот се појавува во силни бранови, има сериозни последицикај кучињата и висока смртност. Затоа борбата со болеста е преку превенција односно редовна вакцинација, одговорното сопствеништво и борба против неконтролирано размножување на домашните милениции, борба против напуштање на домашни миленици, стерилизација на домашните миленици.
ЈП Лајка има капацитет да го стават под контрола проблемот со уличната популација на кучињата но за ова да го постигнеме треба останатите надлежни органи сериозно да работат на превенција на размножување и напуштање на домашните миленици и нивното потомство.
Да напоменеме дека штенечакот не е зооноза односно не може да се пренесе од куче на човек.Болеста штенечак е лесно пренослива и многу тешка по здравјето на кучињата, но има една за нас позитивна карактеристика - овој вирус не е отпорен на надворешни влијанија односно трае многу малку во надворешна средина, обичен сапун, детергент, алкохолен раствор, или бактерицидни и вируцидни препарати лесно го уништуваат.
Напоменуваат и дека вакцинирано куче не е 100% заштитено, но редовната вакцинација драстично ја намалува можноста доколку заболи кучето, да се појават сериозни последици по неговото здравје.
Анита Буховски