30 Април, 2024
0.0265

Збогум десница, добредојде Левица

Објавено во: Колумни 10 Ноември, 2015

Добивај вести на Viber

Светот влегува во нова, неизвесна фаза од која никогаш повеќе нема да излезе ист. На политички, геополитички, идеолошки, социјален план, човештвото влегува во коренити трансформации. Ова е доба на одлуки! Во една од минатите колумни, драги мои, ви пишував за заблудите на капитализмот. Тие толку се намножија што веќе и неговите најистурени експоненити и негови „продукти“ ги гледаат противречностите и неможноста истиот да одговори на современите предизвици. Така, неодамна милјардерот Бил Гејтс, во едно интервју за The Atlantic, изрази сомнеж дека капитализмот има потенцијал да одговори на најголемиот предизвик – климатските промени. Светот како сè повеќе да разбира дека трупањето на богатството кај поединци, никако не помага за подобар живот за сите. Не бадијала на разни краеви во светот се забележуваат силни придвижувања „кон лево“. Затоа денес левичарски движења и пораки можат да се слушнат не само во „политички егзотични“ држави, како Грција или Шпанија, туку и таму каде што можеби најмајлку се очекува. Во САД, или Британија. Џереми Корбин, Берни Сандерс денес звучат колку свежо, толку и шокантно за западните уши. И додека светот се бранува и витка под притисокот на болестите на капиталот, ние се радуваме на извештајот на Doing Business, не разбирајќи дека впрочем искачувањето на неговата листа е симптом на капиталистичка болест. Оти тој извештај не е ништо друго, освен алатка на капитализмот. Како да не се разбира дека таму можеме да бидеме и први, а во реалноста да имаме граѓани кои живеат во крајно нечовечки услови, токму заради тој капитал. Оти тој извештај мери по параметри кои го тангираат капиталот, не животот. Затоа, драги мои, време е за промена. Ова е доба на одлуки! Ние како држава сме на прагот на голема, историска промена. Ние влеговме во доба во која историјата повикува за промени. Наречете ме Хегелијанец, но верувам дека треба да се препознае нужноста во историските збиднувања. За ова што ќе го изнесам, веројатно ќе збеснат како „левите“, така и „десните“ во Македонија: ВМРО-ДПМНЕ беше историска нужност! Болка што моравме да ја одболуваме. Тие беа, задоцнета, но нужна фаза во нашето историско зреење. Од три причини: Прво, тие го израснаа Левијатанот наспроти кој единствено беше можен отпорот. Фуко е согласен дека отпорот се јавува секогаш наспроти некоја моќ. Треба да сме „благодарни“ на таа моќ што го роди отпорот. Никогаш порано во државава немало толку многу граѓански здруженија, иницијативи, форми на отпор, невладини....никогаш порано никој толку многу не го освестил граѓанството дека е граѓанство, како што тоа го направи ДМПНЕ. Граѓаните се родија како политички субјекти од Левијатанот на ДПМНЕ. Второ, никогаш порано никој не се обидел да креира таков тотален наратив. И ако сакате и тоа е нужна фаза од развојот на една нација. Со ДПМНЕ дефинитивно се монополизираа историските, националните, економските, политичките, моралните идеи. Само со таа монополизација, сфативме дека треба да се демонополизира - оти ни припаѓа на сите. Дека големиот наратив е потребен, но дека треба да е изграден од малите наративи. И трето: во практикувањето и функционирањето на власта тие всушност го доведоа до крај она што СДСМ го започнаа. Тие само го доведоа до перфекција сè она што не требаше – партизација, монополизација, злоупотреба и псеудодемократија, псеудоинституционалност. Од искучоците и стихијноста на СДСМ, тие направија (квази)систем. Пороците, недостатоците на СДСМ ги претворија во предност. Со нив дефинитивно ни стана јасно дека никогаш не сме граделе демократија, туку партократија. Сето ова доведе до тоа да се разбуди граѓанинот во секој од нас. ДПМНЕ градејќи го големиот наратив разбудија илјадници мали наративи, го фрагментираа општествениот простор на мали, ситни моќи, кои преку отпор дојдоа до историска самосвест. Затоа во овој миг, најлошо би било против ова монополизација да се бориме преку инсталирање на истата шема, со старата партија. СДСМ нема ниту капацитет, ниту историска улога да донесе суштински промени. Не се работи за формална промена, не е доволно да „стане Мурто, да седне Курто“, се работи за радикална општествена трансформација. Впрочем, социјал-демократијата – таа ниту риба, ниту жена идеологија – веќе никого не може да прелаже. Затоа сметам дека таа нова историска самосвест веќе нема место во ниту една од двете големи партии. ДПМНЕ ја заврши својата историска улога. СДСМ, таа како никогаш и да не ја имала. Верувам дека во Македонија има нов бран кој сега мора да ја препознае сопствената нова историска шанса за трансформација. Се создаде една нова генерација која разбира дека „нема правда-нема мир“ и таа енергија никоја од постоечките партии нема капацитет да ја апсорбира и артикулира. За оваа генерација никој нема слух, оти оваа генерација, од една страна растеше во нихилизмот на транзицијата, но од друга страна израсна во аристократска генерација, образована, политички писмена и самосвесна. Затоа ним им е туѓ „елитизмот“ на СДСМ, исто колку и „патриотизмот“ на ДМПНЕ. И таква генерација сега ни треба – аристократија на духот, левичарство во умот! Можеби за прв пат, во Македонија се раѓа автентична левица, калена во суровите транзициски услови. И таа и таква отворена, умна, либерална, но и јасно идеолошки профилирана генерација мора да ја донесе трансформацијата. И уште повеќе, јас верувам – конечно да ја изгради нацијата. Затоа што отвореноста, демократичноста, строгата идеолошка насоченост на левичарите и нивната наднационалност, не значи и безнационалност. Напротив, тие се свесни дека социјалното ослободување е неодвоиво од националното, впрочем тоа е остварливо воедно и како национално ослободување. Притоа, таа е свесна дека националното не може да се монополизира како до сега, ами напротив, дека само преку неговата демонополизација, која ќе значи демитологизација, може да се изгради кохезивна модерна нација.  Новите дечки од улиците многу добро го разбираат ова, затоа што сите беа различни, а сепак исти. Да го парафразирам Троцки: секој што посакува мирен живот, згрешил што се родил во овој историски миг во Македонија! Ова е доба на одлуки! Овој историски миг не смее да се испушти, ова е миг на катарза, на враќање на сувереноста во рацете на суверенот – народот. Време е да се јавне историскиот бран и да се препознае шансата што историјата ни ја нуди. Или тие илјадници млади луѓе што неодамна ги наполнија улиците на Македонија ќе ја пишуваат историјата, или историјата ќе ги избрише. Од нас зависи. Ова е доба на одлуки! Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД