25 Април, 2024
0.2747

ЖФК

Објавено во: Колумни 05 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Во овие луди времиња на скоро непоправлива поделеност на луѓето или поларизација, како што милувате, неразбирлива е, до апсурд доведена, и навивачката. Од каде му се на обичниот, секојдневниот човек желбата и поривот да припаѓа на една или на до непријателство сведена спротивна фудбалска групација? Прашање што веднаш за одговор му го отстапувам на некој социолог, во најмала рака.

Скопје никогаш не било во рангот на градовите со фудбалско ривалство од типот на Глазгов, Мадрид, Милано, Белград кои имаат традиција на дерби средби чии исходи се прикажуваат со генерации. Ги има Вардар и Работнички, кои отскоро градат вистински ривалски однос и историја на непомирливост на фановите до фанатичност. Но, ги има Дебар маало и Железничка колонија и Тафталиџе чии жители скоро од ред  своевремено навиваа за Локомотива - Железничарски фудбалски клуб, колективот од кој потекнуваа повеќето икони на романтичарите, кои многупати им го загорчуваа животот на вардарците, посебно во долгите и жолчни пецкања на навивачите, седнати во Идадија на по една како релаксација откако ќе помине времето за фудбал.

Цоци го запознав сосема случајно, но намерно го замолив да зборува за своите спомени врзани за ЖФК. Вистинското име му е Јордан, но како што вели, не се ни обѕрнува на повикот ако не е прекарот што самиот си го одредил како спомен на истоименикот, негов другар, кој млад заминал од овој свет. Роден е во 1940, а фудбал играл од 58-ма до 73-та само во Локомотива. Лојалност за почит иако имал неколку понуди да ја смени средината, но и останал верен на екипата на која и ги должи своите најубави спомени - велат најдолго се паметат убавото и пријатното. Играл се од голман до крило, но најмногу халф. Се уште ја има книшката со фалсификат година на раѓање 41-ва за да може да настапува за младинската селекција на Македонија, но не заиграл, само останал споменот за махинацијата толку својствена за најважната споредна работа на светот. На крајот од кариерата добил за спомен саат Дарвин. Со растреперен глас и со многу чувства ми раскажува за соиграчите од првите негови фудбалски години, но и за сите други кои доаѓале и си заминувале. Постарите мои сограѓани сигурно си спомнуваат за Поер, Скубе, Црв, Тупан, Мајмун, Торбаков, Цубале, Тртал, Левак... и кој уште не...

Но, и за нивниот страрег, тренер, основач на Локомотива, фудбалскиот бренд на дебармалци, бекрија и боем, со големо не само спортско срце - Александар Атанасоски. Име и презиме што малку кој ги знае ако на нив не се додаде Мариовец. Иако му бил фудбалски учител и прв тренер Цоци за него зборува како за другар - понекогаш заедно седеле во меана или играле карти по средбите во мал фудбал на кошаркарското на Вардар на Гуец, Кинез и дружината. Работел во железница, во ложилница, каде што се прави ремонт на локомотивите и вагоните. Познат е и како мајстор Ацо, но нема стручни фудбалски знаења освен безграничната љубов и припадност спрема овој спорт што му даде белег и на маалото каде што живееше заедно со семејството, сопругата, ќерката и двата сина.

Иако по занимање е молер, Цоци едно време работи во железница каде што бригадир му е Мариовец, време на несогласување со Локомотива кога размислувал сериозно да помине во Слога. Работниот век го завршува како чувар во основно училиште. Не може а да не се сети на мечот со Вардар за Купот на Маршалот, но и на оној на кој Локомотива требало да загуби за три гајби скопско, но тоа не се случило и останеле жедни, но совеста му е чиста, иако имало како што вели наместени натпревари но фудбалерите за тое и не знаеле. Цоци е песимист кога е во прашање иднината на нашиот фудбал. Едноставно се нема срце и волја, паметот им е само во парите, а ние игравме за чај и лимун и за понекое патување и гостување какво што е она во Банат каде што играле и против подоцна познатите Рус и Бечејац.

Го оставам Цоци со неговите пајташи со желба уште долго да ја кажува приказната за Локомотива, клубот сегашен член на втората македонска лига формиран во 1954 и постојан учесник во натпреварите на тогашниот скопски потсојуз.. Но, доста со историја! 

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД