06 Мај, 2024
0.0232

Зголемената буџетска потрошувачка ја храни корупцијата?

Објавено во: Колумни 24 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Со бројните меѓупартиски препукувања, чии приврзеници повеќе ги  злоупотребувале своите овластувања во полза на лични или партиски интереси, целосно се замагли острицата на критиката. Во периодот пред претседателските и парламентарните избори „покорисна“ им се чини оптужбата кој повеќе крадел или ја злоупотребувал службената позиција без неопходна аргументација, отколку навистина да се укаже во што е проблемот. Ако некој ги прекршил прописите треба да се казни, а ако постојат недостатоци во прописите тие треба да се изменат. Вака само се замајува јавноста и често се тревожи поради огромните суми кои се лиферуваат како остварени бенефити поради злоупотреба на службени позиции на одделни „партиски луѓе“, без да бидат санкционирани. Нема сомнение дека критиките без аргументи се за наменска употреба. Но, тоа не значи дека   нема и појави на мито и корупција не само во споменатите државни активности, туку и во другите сфери на работење финансирани преку буџетот. Доказ за тоа е и перцепцијата на јавноста дека во земјата има многу појави на мито и корупција, многу пунктови во кои некои државни службеници организираат „свој дуќан“, продавајќи ги услугите за кои веќе се платени од буџетот. А тоа што на прсти можат да се наведат случаи кога актерите се казнети  само придонесува да се мисли дека митото и корупцијата се толерирани однесувања, иако се противзаконски. И не е случајно што, по повеќегодишната практика на партиски препукувања за тоа кој повеќе крадел, во јавноста се смета  како да постои премолчна согласност на актерите на политичката сцена да се толерира однесувањето на „нашите“ кога се на власт, а кога другите ќе бидат на власт не е проблем да се критикуваат, но не треба да се покренуваат никакви постапки за утврдување на одговорност, бидејќи постои надеж дека повторно ќе се вратат на власт. Имајќи го ова предвид погрешно е да се заклучи дека како луѓе сме склони кон вакви однесувања и тие тешко можат да се елиминираат. Јасно е дека не се работи за нивно искоренување. Ќе ги има секојпат поради склоноста на поединци да ги искористат своите позиции во државната структура за лични цели. Но, нема сомнение дека ваквите појави можат да бидат редуцирани на ниво на криминогените поединци (наспроти практиката на толерирано однесување, која поттикнува и други да ја „валоризираат“ својата позиција). Како? Се разбира, со системски решенија во кои, во најголема мерка, се редуцираат правата на дискреционо одлучување на поединци во врска со трошењето на буџетските средства и со воспоставување на ефикасна контрола на трошењето. Секако, и со примерно казнување на прекршителите на правилата, за да не им се исплати „дуќанџиското работење“ од државни позиции. Во овој контекст, до пресврт во  борбата против митото и корупцијата значајно влијание може да изврши и редуцирањето на буџетската потрошувачка, со оглед на тоа што ако се намалува потребата за прераспределба на доходот во земјата што ја врши државата, ќе се стесни и просторот за злоупотреба на службените позиции. Притоа, сепак треба да се каже дека,  и покрај перцепцијата за висока корелација меѓу порастот на буџетот и  на појавите на мито и корупција во Македонија, не може да се бара врска на ниво на општ закон меѓу порастот на буџетската потрошувачка и на појавите на мито и корупција. Доказ за тоа се состојбите со митото и корупцијата во скандинавските земји. Овие појави таму се помалку присутни, иако тие покажуваат значително повисока буџетска потрошувачка (и над 50% од БДП, а во земјата, во последните осум години таа се движи од 32 до 35%). Но, тоа не значи  дека таквите појави во  Македонија немаат врска со порастот на буџетската потрошувачка. Таа е услов без кој митото и корупцијата не можат да виреат и да се развиваат. Сепак, денешните состојби повеќе упатуваат на заклучок дека државата, со зголемување на ингеренциите во бизнисот не успеа да создаде, од една страна, соодветни механизми на трошење и дистрибуција на буџетските средства, а од друга   страна, да изгради совесни  и стручни извршители, отпорни на партиски и политички влијанија.  И од овој аспект гледано, не е случајно што постојано се укажува на потребата за радикална реформа на државната администрација, затоа што очигледно е дека на Македонија уште многу ќе и треба да биде „скандинавија“. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина