29 Април, 2024
0.0249

Животот е театар!

Објавено во: Колумни 02 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Отсекогаш ќе се сеќавам на моментот кога пред многу години, додека сеуште студирав и испитите беа најголемата обврска во тој период од животот, на воздржаноста на мојата баба Нора, кога пред испит, нервозен и напнат не можев да поднесам некој нешто да ми каже, или пак да ме натера нешто да направам. Таа знаеше како со мене со својата старечка мудрост, нешто што или го имаш или не го поседуваш. И така гледајќи ме нервозен, се воздржува да прави муабет, а всушност глуми дека работи нешто во кујната,  по извесно време ќе ме праша дали сакам кафе...повторно продолжувајќи со својот молк...откако го испив кафето...само го преврте филџанот, и по некое време со драматичен тон малку тетрално искоментира “Не се секирај ќе положиш“...ништо повеќе не проговори, ме насмеа и ми внесе некоја смиреност со таа нејзина убедлива реченица. Во тој момент си размислував како  некои од нас не знаат да премолчат дури и кога треба, а некои пак постојано се тивки и неприметни, и ги кажуваат вистинските работи. Некои луѓе ме заморуваат со својата енергија, некои ме смируваат. Не сакам кога ми наметнуваат работи, а најдобро функционирам кога самиот се поттикнувам. Претпочитам да соработувам со луѓе кои се тивки и работливи, отколку со галамџии, кои постојано повторуваат што направиле. Не можам да се опуштам во близина на луѓе кои ти го мерат секој збор, кои ја запоставуваат суштината, кои по неколку пати ми раскажуваат едни исти приказни, и кои забораваат на се предходно, само заради театралноста, за да изгледаат попаметни. Почитувам луѓе кои се храбри, и кои дури и во најтешките моменти не го губат ведриот дух, и кои љубезно ви одговараат на прашањето. Мразам дрски луѓе, поготово оние кои кога се нервозни сите им се криви. Скопје е океан од различни карактери, “тертипи,  од луѓе мелем за рана, а и од такви од кои треба да бегаш! Се е како театарска претстава, во која сите имаат своја улога, некои се само статисти и помагаат за сценографијата, некои се главните актери во претставата, а други имаат споредни улоги.  Повеќето нешто глумат, трудејќи се што полесно да поминат во животот.  Некој нешто забележува, друг ништо!  Различности колку сакаш, а прашањето е како со сите нив. Со отвореност може да го загубиме работното место, или пак да покажеме став и карактер што ќе ни овозможи да напредуваме, да се зајакне врската или да се разниша. Од нас самите зависи дали во театарската претстава строго ќе се држиме до сценариото одобрено од режисерот или пак ќе импровизираме, бидејќи така повеќе ни се допаѓа.  Така, некои луѓе се само глумци во животот, правејќи најчесто нешта кои другите им ги кажуваат, или едноставно бидејќи другите така сметаат и го очекуваат тоа од нив. Малкумина се водат по својата совест и убедување, а не по сценариото, ослободени од егото на режисерот, не користат излишни реченици, најважна им е емоцијата, и затоа импровизираат и ризикуваат, водејќи сметка за човечноста и етичноста. Нечија глума остава трага, друга брзо се заборава! Добрата театарска претстава се препознава, добива второ, трето издание, публиката е исполнета и задоволна од виденото. Но, најдобрата претстава е онаа во која глумците се задоволни со својот перформанс, сигурни дека го дале најдоброто од себе, а најголема награда за нив е аплаузот. Така  е и во животот среќни сме кога добиваме потврда за она што го работиме, но најсреќни сме кога знаеме дека го даваме  максимумот, дека го искористуваме својот потенцијал, правиме добри нешта и некого усреќуваме! Затоа најдобро е секогаш да бидеме свои и да ја задржиме својата индивидуалност. Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД