18 Април, 2024
0.0253

Злоупотреба на паричните картички во функција на перење пари

Објавено во: Колумни 03 Септември, 2014

Добивај вести на Viber

Перењето пари со помош на парични картички спаѓа во т.н. современи техники на перење пари. Развојот на технологијата и банкарските производи и услуги им овозможува на комитентите да уживаат во плодовите од тој развој. Но, новите производи и услуги можат да се најдат на нишан на субјектите коишто вршат перење пари и кои настојуваат да ги злоупотребат паричните картички за остварување на своите цели.

Индустријата на парични картички се состои од следните четири вида  субјекти: здруженија (асоцијации), банки издавачи на парични картички, банки застапници на парични картички, како и претставници на банките издавачи и банките застапници. Здруженијата на издавачите на парични картички се задолжени за обезбедување компјутерски систем кој ќе ги пренесува податоците помеѓу банките издавачи на парични картички. Исто така, овие здруженија се задолжени за донесување оперативни стандарди со кои се дефинираат политиките, улогите и одговорностите на банките кои се членки на тие здруженија. Банките - членки на горенаведените здруженија се јавуваат во улога на издавач на парични картички, застапник на парични картички или во двете улоги. Давањето услуги на корисниците или посредниците е задача на банките, а не на нивното здружение. Најголеми здруженија во светски рамки се Visa и MasterCard. Иако не е здружение, American Express има договори со повеќе банки во светот за издавање на неговите парични картички. Банките издавачи имаат улога да ги информираат и советуваат потенцијалните комитенти и да издаваат парични картички. Овие банки го преземаат ризикот во поглед на одредувањето на кредитниот лимит на имателите на картички и третманот на комитентите кои не се придржуваат до пропишаните стандарди. Банките издавачи на парични картички се задолжени за обезбедување и чување на податоците за имателите на картички. Исто така, тие се задолжени за порамнување на трансакциите и водење евиденција за извршените трансакции од страна на имателите на картички. Банките застапници на парични картички склучуваат договор со трговците за прифаќање на картичките од нивна страна. Банките застапници се задолжени за односи со трговците во смисла на порамнување на трансакциите и водење  евиденција за трговците кои се јавуваат во својство на комитенти. Претставниците на банките издавачи и банките застапници имаат задача да ги претставуваат горе наведените банки пред потенцијалните комитенти. Претставниците се во можност да ги контактираат потенцијалните комитенти по пониски трошоци отколку банките, затоа што ги користат предностите на т.н. економија на обем. Претежно стапуваат во контакт со трговците и им ги објаснуваат предностите од употребата на паричните картички. Доколку се изврши анализа на трите фази од процесот на перење пари, ќе се дојде до заклучок дека е многу тешко паричните картички да се користат во првата фаза - пласманот. Имено, правилата за употреба на парични картички се многу рестриктивни во поглед на плаќањата извршени во готови пари. Банките издавачи или застапници на парични картички обично не дозволуваат директна уплата во готови пари на сметките на кои се евидентираат паричните картички. Исто така, секоја уплата е проследена со соодветна документација која остава трага зад депонентите на парите. Поради лимитите за подигање готови пари од паричните картички, постои верување дека е многу тешко или невозможно да се користат картичките во функција на перење пари. Но, паричните картички можат да бидат злоупотребени во втората и третата фаза од процесот на перење пари - прикривање и интеграција. На пример, доколку субјектите коишто вршат перење пари успеат да ги депонираат своите пари во банката преку некоја од традиционалните техники (депозит во готови пари), тие со помош на паричната картичка ќе набават одредени производи или услуги и ќе успеат да им дадат легитимитет на своите криминални приноси. Некои од институциите кои работат со парични картички се на мислење дека рестрикциите при работењето со готови пари и процесот на следење на извршените трансакции се доволна заштита од феноменот наречен перење  пари. Вниманието на индустријата на парични картички повеќе е насочено кон намалување на измамите и кредитниот ризик, отколку кон борбата со перењето пари. Банките издавачи и банките застапници на парични картички тврдат дека преку системот на следење на трансакциите и откривање на измамите, ќе откријат и случаи на перење пари и ќе преземат мерки против оваа појава. Сепак, мора да се истакне дека сѐ поголем е бројот на институции кои се во бизнисот со парични картички и кои посветуваат големо внимание на борбата со перењето пари. Тоа внимание се манифестира преку идентификација на комитентите, анализа на трансакциите во поглед на нивниот вид, обем, фреквенција и локација, увид во салдото и прометот на сметките на имателите на парични картички и сл.   д-р Гоце Трајковски             

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок