01 Мај, 2024
0.1408

Знаат ли Русија и ЕУ нешто повеќе од нас?

Објавено во: Колумни 24 Април, 2015

Добивај вести на Viber

Руското министерство за надворешни работи по втор пат, за неполни три месеци се јави со коментар за настан поврзан со Македонија, поточно за она што се случуваше околу караулата во Гошинце. Поледен пат тоа беше направено околу аферата „Пуч“. Овој пат Руското министерство вели: „Со длабока загриженост ја примивме веста за напад во ноќта на 21 април од група на вооружени луѓе на македонскиот пограничен пункт Гошинце, на косовскиот дел од границата меѓу Србија и Македонија. Инцидентот на македонската граница укажува дека во овој дел на Балканот постојат длабоки етнички тензии и потенцијален конфликт. Врз ситуацијата првенствено влијае сериозниот дефицит на безбедност и почитување на законите на Косово, што е последица на нерешавањето на косовското прашање во целост. Исто така треба да се обрне внмание  на се почестите големоалбански пароли во регионот. Се надеваме дека македонските власти ќе воспостават ред во овој проблематичен регион и ќе ја добијат потребната меѓународна поддршка“. Кога почна аферата „Пуч“, тогаш напишав дека сум изненаден од испраќањето на коментарот на руското министерство, бидејќи навистина не можев да се сетам, кога последен пат имало такво нешто за внатрешно политичката состојба во Македонија.  Во него се повикуваа политичите сили во земјава да дејствуваат во рамките на уставните демократски институти, а постојниот проблем да го решаваат преку дијалог. Беше предупредено дека „какво било разнишување на состојбите во пријателска Македонија носи ризик за опасно заострување на меѓуетничките тензии во земјата“. Исто така беше потврдена актуелноста на рускиот предлог во рамките на ОБСЕ да се усвои документ за недозволивост на противуставни државни удари. Според мене тогашното соопштение имаше два става. Првиот не беше наменет за Македонија, туку повеќе за меѓународните фактори и беше поттикнат од државниот удар во Украина, па оттука и предлогот за недозволивост на противуставни удари. Бев изненаден и загрижен од вториот став во соопштението, оној за „­­­­­­­­­­'заострувањето на меѓуетнички тензии“. Дали тоа значеше дека Русите имаа некоја информација повеќе, кога го велеа тоа?“ И еве по некој месец меѓуетничките односи се пред нов испит. Што носи последното соопшетние од Москва. Прво, ако внимателно се прочита станува јасно дека Русија не ја признава македонско-косовската граница, па се вели, на границата меѓу Македонија и Србија во делот на Косово. Второ, дека не е решено целосно косовското прашање. Трето, дека се уште постојат политичари кои истакнуваат големоалбански пароли. До овде соопштението како да е наменето Косоварите. А како да се сфати ставот дека „инцидентот на македонската граница укажува дека во овој дел на Балканот постојат длабоки етнички тензии и потенцијален конфликт? И конечно, на крај е надежта дека македонските власти ќе ја добијат неопходната меѓународна поддршка. За што ни е потребна? Дали ова не е предвесник на нова бура, во и околу Македонија? Овој пат се јави и  Европската Унија, преку прес-службата на комесарот за преговори за  проширување, Јоханес Хан. И таму се „загрижени за насилниот инцидент во полициската станица во Гошинце. За неа „од суштинско значење е тоа да се решава на одговорен начин и се очекува властите и политичките партии да вложат максимални напори за да се избегне било какво зголемување на политичките или меѓуетничките тензии“. Знаат ли Русија и ЕУ нешто повеќе од нас? На што предупредуваат? Има ли веќе некои и нечии сценарија? И едните и другите се загрижени за меѓуетничките тензии. Загриженоста е нивна, а работите треба да си ги решаваме сами.  Ние кои што секојдневно се соочуваме со реалноста би требало да знаеме повеќе од нив, како да ги решиме. Ова се однесува токму на заканата од влошување на меѓуетничките односи. На прв поглед интелектуалната елита и голем дел од народот од било кој етникум се сплотени против манипулациите на коалиционата власт. Реакциите и после „Пуч“ и сега, после Гошинце се „ No Pasarán“. Деновите и месеците што доаѓаат ќе минат под постојани притисоци. И од надвор, но и од внатре. Сигурно ќе дојде до експлозија на незадоволство. Но не треба да се дозволи да се оствари ничие сценарио за меѓуетнички конфликт. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД