29 Април, 2024
0.0240

Зошто македонските компании треба да користат Односи со јавноста?

Објавено во: Колумни 03 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Успеавме да оствариме извоз во неколку земји, а од неодамна воведовме и највисоки безбедносни стандарди, и константно го зголемуваме производството, раскажува менаџер на македонска компанија, видно задоволен со констатацијата. Одлично, секоја чест, посебно што овие позитивни резултати се постигнати во услови на континуирана економска криза и намалена куповна моќ на населението, но овие информации не треба да завршат тука со нашиот разговор, тука за ова треба да знаат сите. Имаме вест, позитивна вест која позитивно ќе влијае на имиџот на вашата компанија и нејзиното работење и доколку ја искористите ќе ја зајакнете својата бизнис позиција, па дури и уште повеќе ќе напредувате! Имате можност преку избор и комбинирање на соодветни алатки за односи со јавност, да се наметнете кај потрошувачите. Но ние не сакаме да се фалиме! Ма какво фалење, во денешно време е реткост компанијата да има можност за публицитет на релевантен начин. Да, да добро ..ќе видиме Остана на добро! И ретко кој освен вработените во компанијата и нивните семејства дознаа за позитивните информации. Претставниците на оваа македонска компанија не се решија да ги искористат предностите на односите со јавноста, како ефективна, кредибилна, ефтина и исклучително важна техника за промоција, која може да им ја зголеми профитабилноста. За жал, ова е чест случај со нашите компании. А повеќето и не знаат точно што претпоставуваат односите со јавноста, кои се можностите, што влијае во услови на нивна неедуцираност да пропуштаат многу. Ретки се оние домашни компании кои имаат високо изразена свест за важноста на Односите со јавноста! Но тоа не е случај со интернационалните компании, кои се доста агресивни, и од најмал безначаен новитет знаат да иницираат кампањи, и кои имаат долгогодишни пракси на реализација на кампањи за односи со јавност во своите матични земји, како и на интернационалните пазари каде се присутни. Во Македонија помал е бројот на  исклучително успешни домашни компании, но сепак верувам дека постојат повеќе кои се успешни и дека токму поради неинформираност на пошироката јавност за нивното работење, не можат да се позиционираат уште подобро на пазарот. Но да нема дилеми, Односите со јавноста како техника која ќе обезбеди бесплатен публицитет и не се така лесни за реализација. Не секој менаџер за односи со јавност може да реализира успешна кампања. Некогаш сѐ ќе направите како што треба, но резултатот ќе биде лош, бидејќи ја нема онаа мала магија или интуиција која вистински те насочува. Вредноста на лицето кое се занимава со односи со јавност е во неговата способност да препознае добра информација, да ја пренесе на хартија почитувајќи ги непишаните правила на односите со јавноста, пред сѐ за јасност, концизност и валидност на она што се пишува. Односите со јавноста се особено комплексна активност, која пред сѐ се базира на индивидуални способности и лични релации. Нивното квалитетно имплементирање зависи од квалитетот на професионалецот за односи со јавност, познавањето на предностите и недостатоците на секоја различна ПР техника, комуникациските вештини, способноста за јасно и прецизно изразување во писмена форма и секако нешто што е многу важно познавањето на проблематиката за која се работи. Не можеш да бидеш експерт за односи со јавност во секоја област, нешто ти лежи, друго не. Мора да се биде искрен прво кон себе, а потоа и кон клиентот и само така може да се воспостави однос на доверба, што е клучно за да се има квалитетна двонасочна комуникација со пошироката јавност. Штета е македонските компании да не ги користат почесто односите со јавноста, како начин да ја зголемат својата конкурентност, да го подобрат својот имиџ и за да остварат двосмерна комуникација со целната група како единствен предуслов за долгорочен развој. Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД