20 Април, 2024
0.0263

Зошто се врши ограничување на плаќањата со готови пари?

Објавено во: Колумни 25 Јануари, 2019

Добивај вести на Viber

Постојната законска регулатива во нашата земја содржи забрана за плаќање со готовина на стоки и услуги во износ од 1.000 евра или повеќе во денарска противвредност во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, што не е извршено преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги. Од 1 јуни 2019 година лимитот ќе биде намален на 500 евра во денарска противвредност.

Со оглед на тоа што во нашата земја голем дел од трансакциите се извршуваат во готови пари, горе наведеното ограничување отвори повеќе прашања и дилеми на кои треба да се даде соодветен одговор.

Универзалната прифатливост на готовите пари, брзината и едноставноста на извршувањето на готовинските трансакции, како и отсуството на било каква трага доколку готовинските трансакции се вршат надвор од системот на финансиски институции, ги прави истите доминантни во однос на безготовинските трансакции или плаќањата извршени со виртуелни валути. Овој начин на плаќање им одговара на двете страни вклучени во одреден облигационен однос, затоа што во исклучително краток временски интервал се менува сопственоста над паричните средства. Во најголема можна мера станува збор за легални и легитимни трансакции. Сепак, карактеристиките на готовите пари, како и карактеристиките на готовинските трансакции им овозможуваат на оној мал дел од граѓаните коишто се занимаваат со недозволени активности лесно и брзо да ги остварат своите криминални цели.

Имено, употребата на готови пари, доколку не се постават соодветни „правила на игра“, може да доведе до експанзија на даночната евазија и перењето пари. Ваквиот развој на настаните негативно влијае врз системот на финансиски институции; ја намалува продуктивноста во реалниот сектор преку несоодветно диверсифицирање на ресурсите и ги поттикнува криминалот и корупцијата со што се забавува економскиот раст и се разорува надворешниот сектор (меѓународната трговија и движењето на капиталот). Во крајна инстанца, даночната евазија негативно влијае и врз висината на буџетските приходи, па државата е принудена да бара алтернативни извори на финансирање преку задолжување на домашниот и странскиот пазар.

Имајќи ги во предвид сите горе наведени фактори, сосема нормално е да се постават ограчувања на плаќањата во готови пари извршени надвор од системот на финансиски институции. Вакви ограничувања постојат речиси во сите земји на Европската унија, при што висината на ограничувањето се движи од 500 до 15.000 евра. Со оглед на тоа што просечната плата во нашата земја изнесува околу 25.000 денари, куповната моќ на граѓаните е ограничена, а стапката на невработеност е релативно висока, се чини дека е најдено оптимално решение во поглед на висината на ограничувањето што е дадена во нашата легислатива.

Што се однесува до примената на ова законско решение, кај дел од јавноста се појавија дилеми како истото ќе биде прифатено од страна на субјектите на пазарот. Голем дел од нашите граѓани имаат навика да плаќаат во готово, па моменталниот лимит од 1.000 евра во денарска противвредност во одредена мера ја нарушува нивната удобност. Сепак, тие и самите знаат дека нивните трансакции се легални, па и покрај нарушената удобност, нема зошто да бидат загрижени доколку нивните трансакции се евидентирани во системот на финансиски институции. Загрижени треба да бидат само оние граѓани чиишто трансакции се наоѓаат од „другата страна на законот“, но со нив ќе се занимаваат надлежните државни органи.

Еден од чекорите коишто треба да ги направи нашата земја на патот кон европските и евроатлантските структури е и хармонизацијата на националното законодавство со европската легислатива. Значаен сегмент од таа хармонизација претставува борбата со сивата економија и негативните последици што произлегуваат од даночната евазија и перењето пари. Ограничувањето на готовинските трансакции извршени надвор од банка, штедилница или институција која дава платежни услуги има за цел во значителна мера да ги ограничи девијантните појави во нашето општество и даде значаен придонес кон прифаќањето на европските мерила и стандарди во нашата земја.

 д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народната банка на Република Македонија

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок