Пливаат во пари! Кои три наши фирми располагаат со 2 милијарди евра, а не се банки?
Објавено во: Економија 24 Јануари, 2024
Трите друштва кои управуваат со парите на идните пензионери стануваат главни инвеститори на македонскиот пазар на капитал. По последниот пресек водат пари на повеќе од 584.000 граѓани, а располагаат со 2,23 милијарди евра. Тоа значи дека секој нивни член просечно заштедил досега над 3.800 евра!
Банките, веројатно се најуспешните, но не се најголемите финансиски институции во Македонија. Тоа е факт што го покажуваат официјалните податоци на државната МАПАС (Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување).
Трите друштва кои управуваат со парите на идни, а и сегашни пензионери, раководат задолжителни пензиски фондови во вториот столб кои заклучно со завчера (22 јануари 2024 година) чуваат 2,23 милијарди евра. Тоа се пари на нешто повеќе од 584.000 во голема мерка идни, а во мал број и сегашни пензионери, а заедничко им е тоа што сите се членови на трите задолжителни пензиски фоднови со кои управуваат друштвата: „Сава задолжителен пензиски фонд“, „КБ Прво задолжителен пензиски фонд“ и „Тргиглав задолжителен пензиски фонд“.
Што покажуваат најновите поединечни официјални податоци за трите фонда?
Официјалните најнови податоци на МАПАС се однесуваат на состојбата до крајот на септември 2023 година. Најголем од трите задолжителни пензиски фондови од вториот столб води друштвото за управување со задолжителни фондови КБ Прво пензиско друштво. Во бемалку дваесетгодишната корпоративна историја на овие друштва КБ Прво ќе биде првото македонско друштво кое управува со повеќе од една милијарда евра средства на своите членови! На крај на септември лани вредноста на фондот изнесувала 1,036 милијарди евра средства на идните пензионери акумулирани во кеш, обврзници, удели во фондови и акции. Ова друштво на тој пресек (датум) опслужувало околу 243.000 членови кои имаат статус задолжителни. Заедно со доброволните членови нивниот број надминувал 276.000 лица.
Сава пензиско друштво е вториот најголем задолжителен фонд од вториот пензиски столб. На крај на септември имал повеќе од 229.000 членови со статус задолжителни, а на доброволна основа давал услуги на уште околу 27.700 лица. Вкупно друштвото кое ги води фондовите на Сава пензиско на крај на септември опслужувало 258.000 членови. Нето средствата на членовите на фондот на крај на септември лани вределе 921 милиони евра!
Најмал и убедливо најмлад е фондот со кој управува друштвото на Триглав задолжителен пензиски фонд. Податоците на МАПАС покажуваат дека на крај на септември опслужувале над 51.000 членови во задолжителниот фонд, а неговата вредност односно нивната заштеда за пензионерски денови на тој пресек (датум) вредела 128 милиони евра.
Официјалните податоци на МАПАС покажуваат дека најмногу пари на идните пензионери друштвата кои управуваат со задолжителните фондови чуваат во македонски државни обврзници. Нивната вкупна вредност на 30 септември надминува 1,35 милијарди евра. Втора категорија според вредноста на вложувањата се странски инвестициски фондови во кои трите друштва вложиле над 522 милиони евра пари на идните пензионери.
Повеќе детали за македонските инвестициски мастодонти на следниот линк https://mapas.mk/wp-content/uploads/2023/10/kvartalen-statistichki-izvestaj-71_30092023_web.pdf
Р.Ф* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.