„Султанот“ и „царот“ продолжуваат со дружбата
Објавено во: Колумни 29 Мај, 2023
Иако на официјалните резултати од претседателските избори во Турција ќе почекаме некое време, актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, по вчерашниот втор круг објави победа. Тоа го потврдија и првите резултати на Државната изборна комисија. Ердоган освои околу 52 проценти од гласовите, додека неговиот противкандидат Кемал Киличдароглу , околу 48 проценти.
Изборот го призна и Киличдароглу. Во емотивното обраќање до 25-те милиони избирачи, кои го дадоа гласот за него, тој повика да ја поддржат борбата за демократија. Нагласи дека станува збор за најнефер изборен процес во последните години. Во кој „сите средства на државата беа мобилизирани во политичка партија, ставени под нозете на еден човек“. Киличдароглу упати посебна благодарност до жените и младите, кои ги нарече „вистинските херои на нашата борба за демократија“. Според него на овие избори јасно се појави волјата на народот за промена на авторитарна власт и покрај сите притисоци. Тој најави големи проблеми со кои ќе се соочува земјата.
Изборите само што беа завршени, а Ердоган почна да добива честитки за победата. Први го поздравија претседателот на Азербејџан Илхам Алиев, емирот на Катар Тамим бен Хамад Ал Тани, премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, а и претседателот на Узбекистан Шавкат Миризијоев. Догодина ќе има избори за претседател и во Русија и воопшто не смее да се исклучи учеството на Путин на нив. Дотолку повеќе што со уставните промени пред две-три години неговите мандати се „анулираа“, па тој слободно може да се кандидира за нови два мандати. Така што би можел да биде на чело на Русија и во четвртата деценија од овој век.
Но, овој пат има едно големо „Но“. Ниту Путин, а уште помалку Ердоган ја имаат поддршката од населението како во изминатите години. Владимир Путин со војната во Украина се’ уште се држи на висок бран на популарност, но бранот станува помал. И не се знае дали ќе расте или пак ќе оди уште надолу. Се зависи од тоа како ќе се развива ситуацијата со војната во Украина. По „кримската операција“, кога без испукан куршум Крим се присоедини кон Русија популарноста на Путин одеше во облаци. Нов Крим не е можен. Но затоа поволен, за Русија, прекин на огнот во Украина или крај на војната може одново да го направи супер популарен. Изгледите за такво нешто, од денешен аспект, се мошне мали.
ПОДЕЛЕНО ОПШТЕСТВО
Ердоган, пак, на внатрешен план е во уште понеповолна ситуација, ако се гледаат бројките. Турција е поделено општество. Речиси пола на пола. Тој доби мандат да ја продолжи својата политика, но нема да му биде лесно.. Економијата е во катастрофална ситуација. Корупцијата го разјадува општеството. Неколкуте милиони бегалци се товар кој не можат да го издржат дури ни високо развиени држави од Европа. Курдското прашање се’ уште е без одговор кој би ги задоволил обете страни. Авторитарното владеење зема се поголем замав. Над вода го држи националистичката политика. Го поддржуваат најголем број од медиумите, кои му го потхрануваат авторитаризмот.
На надворешен план се добива впечаток дека турскиот претседател постигнува успеси. Особено со „неоосманизмот“. Неговото влијание во туркојазичните држави во Средна Азија е големо. Исто и на Балканот. Од него се „плашат“ и во ЕУ. Во западните медиуми, па и од некои политичари, во контекстот на кинеското и руското влијание во Европа, посебно се нагласува и турското. Се разбира како непосакувано. Ова особено од причина што Турција станува „непослушна“ членка на НАТО. Членка која се одвоила од „стадото“. Членка која може да им рече „не“ дури на Американците. Членка против која санкции воведуваат и сојузниците. Но, за неа тоа како да не е ништо. Таа купи руски противракетен систем „С-400“ и покрај противењето на САД. Таа станува регионална сила. Со сите привилегии, но и одговорности.
Односите со Русија за Турција, за разлика од односите со СССР, се прагматични. Нивен главен креатор е токму Ердоган. Но неуспешната „арапска пролет“ во Сирија навестуваше дека тие односи ќе се заострат. Се заострија по уривањето на рускиот авион од страна на турските воздухопловни сили, но „султанот“ замина кај „царот“ да бара прошка. Оттогаш настана пресврт во односите, особено по неуспешниот државен удар во Турција, кога рускиот претседател Владимир Путин, прв му телефонираше на Ердоган и му понуди помош, притоа давајќи му поддршка. Соработката околу Сирија, кон која се приклучи и Иран, дава резултати. Турција која не сакаше да чуе за претседателот Башар ал Асад, сега е на пат да го признае. Сирија пред извесно време се врати и во Арапската лига. Ердоган сега најавува враќање на сириски бегалци во делови од кои, според него, се протерани исламистите блиски на Исламската држава.
Голема е соработката меѓу Русија и Турција на економски план. Турција добива руски гас по повластени цени. Турција доби кредит од Русија за изградба на атомска централа. Турција пред избори доби одлагање на враќање долг кон Русија од над 600 милиони долари. Се очекува Турција да добие одлагање на плаќање и на други долгови кон Русија во висина од 3-4 милијарди долари. Има договор со Русија Турција да стане главен јазол за дистрибуција на гас кој ќе доаѓа не само од Русија, туку и од Блискиот исток. Руски туристи се главни клиенти на хотелите на турското крајбрежје. Турција извезува големи количества храна во Русија, Нејзини градежници градат во Русија. Има инвеститори.
ТУРСКИ ИНТЕРЕСИ ПРЕД СЕ’
Војната започната од Русија во Украина, а испровоцирана од односот на Западот кон Русија, не беше пречка за продолжување, па дури и зголемување на соработката меѓу двете земји. Тука Ердоган одигра мошне мудро. Го сакаат и Русите и Украинците, иако со кисело задоволство. Тој не се водеше од идеологијата или политичката коњуктура. Го водеа турските интереси. И Турција заработи и заработува големи пари. На Украинците им продава оружје, современо и ефикасно. Беспилотни летала „Бајрактар“, транспортери, воени џипови и друго оружје. Ја поддржува целосноста и суверенитетот на Украина. Русите се лутат, не им е сеедно, но мораат да молчат. Од Русија, против коај не воведоа санкции, заработуваат големи пари. Не само од гасот. Туку и од нафтата. Невидено е зголемена трговската размена меѓу двете држави. Русија добива пари за својата нафта, иако не е задоволна, бидејќи ја извезува според ценовник за „воено време“. На Украинците ова не им се допаѓа, но и тие премолчуваат. Барем јавно. Турција беше посредник за извозот на украинското жито, кога Русија се закани дека ќе го блокира. Во Истанбул беше постигнат и мировен договор меѓу Русија и Украина во март лани, само месец по почетокот на војната, но Американците, Британците и Французите не им дозволија на Украинците да се спроведе. Цената ја знаеме и ја гледаме секојдневно. Досега на обете страни од строј се исфрлени неколку стотици илјади војници. Многу мртви, многу ранети. За трите држави противници на договорот, важно е што не гинат нивни луѓе. А што ќе ги испразнат своите воени арсенали, воопшто не им е грижа. Ќе се отвори работа за воената индустрија. И нови нарачкки.
Но, да се вратиме на Турција и Русија. Кемал Киличдароглу во предизборието и меѓу двата изборни круга ја нападна Русија дека се меша во изборите, што од Кремљ беше наречено дека е лага. Русите премолчено навиваа за Ердоган. Иако официјално изјавуваа дека се подготвени да соработуваат со секој од кандидатите за претседател кога ќе биде избран. Турција за Русија е отворениот прозор кон светот. А тоа мора да се цени. Во Москва не очекуваат тој прозор да се подзатвори. Впрочем Ердоган и во предизборието и меѓу двата круга зборуваше за соработката со Русија која ќе продолжи. Русите му направија и мал „подарок“, кога се заканија дека ќе ја блокираат зделката за украинското жито, па, веројатно на барање на Ердоган, ја продолжија за два месеци, иако во меѓувреме не беа исполнети нивните барања околу неа. За многумина ова беше потег во полза на Ердоган. Да се покаже дека е мировник, способен да посредува и во тешки услови.
Разликата во проценти во победата на Ердоган може да се толкува и како придонес на Синан Оган, човекот кој во првиот круг од изборите доби околу пет проценти од гласовите. Тој пред една недела ги повика своите приврзаници во вториот круг да гласаат за Ердоган. Па така Оган стана јазичето на вагата кое помогна Ердоган да добие нов мандат. Сигурно Оган од турскиот претседател ќе добие нешто за возврат. Се зборуваше дури и за министерски места. На Ердоган нема да му биде тешко да спроведе некои националистички барања од Оган, но секако ќе ги одбегне ултра националистичките. Тој сега има петгодишен мандат. Има мнозинство во парламентот. Па така Оган и да се обидува да врши притисоци, резултатите од нив ќе зависат од волјата на Ердоган.
За крај, не изостанаа честитките од Зеленски и од Путин. Украинскиот претседател на својата Твитер страничка напиша:„ Му честитам на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган по повод победата на претседателските избори. Тој додаде дека Украина смета на натамошно зацврстување на стратешкото партнерство на благо на двете земји, а исто така на засилување на заемната работа за безбедност и стабилност во Европа“.
На сајтот на Кремљ беше публикувана телеграмата од Путин до Ердоган. Рускиот претседател го нарекува Ердоган пријател за кој победата на изборите е закономерен резултат на неговата напорна работа како лидер на Турција, очигледно сведоштво за поддршка од турскиот народ на неговите напори за „зајакнување на државниот суверенитет и водење самостојна, независна надворешна политика“. Путин уверува дека руските власти високо го ценат личниот придонес на Ердоган „за зајакнување на пријателските руско-турски односи, заемно корисна соработка во различни области“. „Би сакал да ја потврдам нашата подготвеност да продолжиме со нашиот конструктивен дијалог за актуелни прашања од билатералната, регионалната и меѓународната агенда. Придаваме големо значење на доследно спроведување на планираните заеднички проекти, пред се изградбата на нуклеарната централа Акују и создавање на гасен центар во Турција“, нагласува Путин во телеграмата.
После се, јасно е дека „царот“сака да продолжи дружењето со „султанот“ за секакви прашања. Од локални до светски. Не помалку заинтересиран во тоа е и Ердоган. Европа и Западот, САД, нема да бидат задоволни од епилогот на изборите. Тие навиваа за Киличдароглу. Ќе почекаат уште пет години, ако се биде во ред со мандатот на Ердоган. Особено со неговото здравје. Во предизборието ме потсети на Борис Елцин, кој во 1996 година, многу болен, мораше да оди на митинзи, само да го победи комунистот Генадиј Зјуганов. А потоа во вториот круг со помош на американски политтехнолози и со гласовите од генералот Александар Лебед, кој беше трет во првиот круг со освоени речиси 15 проценти од гласовите, победи со околу 53 проценти од гласовите. А тоа си носи последици, па во 1999 година пред истекот на мандатот го назначи Путин за негов наследник.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.