25 Јуни, 2022
0.0302

Украина: 100 дена војна – мирот не е на хоризонтот

Објавено во: Колумни 06 Јуни, 2022

Добивај вести на Viber

Пред два дена изминаа точно 100 дена од почетокот на војната во Украина. Од почетокот на инвазијата на Русија во таа земја, која Русите ја нарекуваат „специјална воена операција“. До денес неофицијално има десетици илјади жртви од двете страни. Најмногу војници, но и цивили. Крајот на војната никој не го гледа.

Кои беа целите на Русија по почетокот на инвазијата? Прокламирани беа демилитаризацијата на Украина и денацификацијата. Исто така и заштита на населението на Донбас, на двете самопрогласени републики, кои Русија ги призна ден пред нападот. Најверојатно цел на Русија беше и смената на украинскиот претседател Володимир Зеленски, а и брзото освојување на Киев. Русите беа на броени километри до украинскиот главен град. Имаше повик до украинските генерали да ја преземат власта.

Од сето ова не се оствари речиси ништо. Украинците долги години се укрепуваа на истокот на земјата потпомогнати од воени експерти од САД, Британија и други НАТО членки. Истовремено се вооружуваа. И се обучуваа на западни стандарди. Сето тоа придонесе да не успее Русија во своите првобитни намери и да има голем број воени жртви и уништена воена опрема. По ова Русија се префрли на програмата „минимум“. Освојување на истокот и на југот на Украина. Односно освојување на целите територии на некогашната Луганска и Доњецка област, обезбедување на грбот на Крим и мечтаење за земање на Одеса под своја контрола и излегување на границата со Романија и Молдавија.

Засега од овој план реализирани се големи освојувања на територии во Луганската и Доњецката област, но борбите се’ уште не се завршени. Тие се жестоки. Зеленски пред некој ден рече дека дневно гинат до 100, а се ранети до 500 украински војници. Според украински извори, од руските сили досега имаат загинато околу 32 илјади војници. Секако, последниве бројки треба да се земаат со резерва.

НЕПОЗНАТА ДЕСТИНАЦИЈА

Во меѓувреме во март беа преземени чекори за прекин на војната и почеток на преговори, но Западот ги убеди Украинците да ги прекинат и да се откажат од нив. Во замена за мир, Украинците се согласија на неутралност, невлегување во НАТО, преговори околу статусот на отцепените територии, а подоцна, ако има можност и за Крим. Но од ова ништо. А како што се развиваат работите така ќе биде уште долго. Зашто западните куратори на Украина им велат на Украинците дека кога се оди на преговори треба да се има нешто во рацете. На пример победа.  А сега, според Зеленски, Русите и сепаратистите контролираат 20 отсто од украинската територија. Во такви услови Запад не им гарантира и не им советува на Украинците да седнат на преговарачка маса. А тоа значи војната продолжува. Има експерти кои што тврдат дека во: „Долгорочна перспектива предноста ќе биде на страната на Украина, затоа што ќе добие ново оружје, па дури и некои мали повлекувања нема да значат кршење на украинската армија. И дека украинската армија ќе се брани се до оној момент кога ќе може да почне со контраофанзива во некои правци. Кога ќе биде тоа ние не знаеме, за неколку месеци да, но треба да се коригираат загубите на Украина кои сега ги трпи на Донбас“.

А што бара и бараше западот во судирот меѓу Русија и Украина?  Интересен е приодот на Дамјан Крњевиќ Мишковиќ во негов прилог во The national interest. Поводот му е излагањето на Хенри Кисинџер на Светскиот економски форум во Давос за потребата од преговори за мир во Украина. Мишковиќ ќе констатира дека по сто дена патување дестинацијата останува непозната. „На основното прашање за воените цели на Западот во конфликтот околу Украина едноставно не е одговорено - не само јавно, што е добро, туку најверојатно приватно, што е неприфатливо. Дали целта е промена на режимот во Кремљ? Уништување на способноста на Русија да се бори и да добива војни? Враќање на советскиот стандард на живеење на граѓаните на Руската Федерација? Трибунал за воени злосторства? Прекин на огнот? Мирен договор? Територии? Нова европска безбедносна архитектура?“, прашува авторот. И додава дека: „нормално во отсуство на единствен одговор на такви и слични прашања Западот останува обединет во невиден политички и финансиски напор да го поддржи Киев, што е главната причина зошто Киев се спротивставува на напуштањето на максималистичката стратегија на војување и преговори“.

Дека е така доволно е да се потсети на изјава на советникот на претседателот Зеленски, Владимир Подољак кој ги повикува европските држави за „повеќе санкции и повеќе оружје“ за да може да се реагира на руските ракетни напади. Тоа го велат и други украински политичари, Зеленски на пример кога се обраќа до странците, плус барајќи пари, најмалаку пет милијарди долари месечно за тековни финансиски потреби во земјата. Но за Мишковиќ вистина е, колку и да е непријатно, дека Украина била и останува предмет на односите на големите сили, а не субјект на меѓународниот поредок. „Навистина, би било тешко убедливо, да се тврди дека земја која речиси целосно зависи од бесплатно оружје, муниција и разузнавачки информации обезбедени од странски сили е или целосно суверена или целосно независна, без оглед на нејзиниот тип на режим“, вели тој.

ПАПАТА БАРА ВИСТИНСКИ ПРЕГОВОРИ

Најголем успех на Западот е што успеа да се обедини во рамките на НАТО и помалку во ЕУ, околу руската инвазија. Немилосрдни санкции и илјадници тони оружје и муниција се влеваат во Украина.  Русија тврди дека таа не војува со Украина, туку со Западот, иако жртвите главно се украински војници. Западни политичари, посебно од Полска и Балтикот повикуваат на борба до победа врз Русија. И Џо Бајден, американскиот претседател не еднаш рекол дека не треба да се дозволи победа на Русија. До неодамна бараше да се смени режимот во Русија, сега постојано потврдува дека тоа не е цел на Америка. Имаше многу негови изјави во минативе месеци по кои „преведуваа“ што сакал да каже. И германскиот канцелар Олаф Шолц е против победа на Русија. Што само го потврдува рускиот став дека е во војна со Западот, а жртвите се украински. Во ваква поставеност на работите за да се дојде до преговори, за што Украинците треба да имаат нешто во рака,  нормално е војната да трае не со месеци , туку со години, како што постојано велат од САД или од Западот.

Но со ова не се согласуваат некои држави од ЕУ. Емануел Макрон, францускиот претседател  неодамна изјави дека со инвазијата Русија прави историска и суштинска грешка на штета на сопствениот народ и на целата држава. Тој додаде дека: „Не смееме да ја понижуваме Русија за да можеме на денот кога ќе престанат борбите, да изградиме излезна стратегија преку дипломатијата “. Тој се’ уште не стапнал во Киев од 24 февруари. Често разговара телефонски со Путин. Украинците реагираа. Шефот на украинската дипломатија Дмитриј Кулеба му порача на Макрон дека со оваа изјава всушност ја понижил и својата земја и себеси. И Германците не ги уриваат сите мостови за комуникација со Русија. Италија пак направи и мировен план.

Во саботата се јави и Папата Франциско. Тој предупреди за мирот во Украина: „Ве молиме, не го втурнувајте човештвото во уништување“, рече поглаварот на Католичката црква пред 25.000 верници во Рим. Тој ги повика „одговорните во земјите“ да започнат „вистински преговори за прекин на огнот и одржливо решение“ на конфликтот. „Луѓето се борат меѓу себе, се убиваат, луѓето... се протеруваат од нивните домови“, рече Папата. Како и во претходните изјави за војната во Украина, папата не ги именуваше Русија или претседателот Владимир Путин како агресори. Ватикан вели дека сака да ги држи отворени опциите за посредничка улога. Инаку на Велигден, Папата вознемири многумина на Западот со интервју во кое, барем индиректно, префрли одредена одговорност на НАТО за руската агресија и војната. Папата рече дека „лаењето на НАТО пред вратите на Русија можеби довело до инвазија на Владимир Путин на Украина“.

НОВА КРСТОНОСНА ВОЈНА

Стоте денови од почетокот на војната се совпаднаа и со одлуката на САД да испорачаат ново артилериско оружје на Украина, но и проблемите со храна во светот. Интересен беше Џо Бајден. На 30 мај медиумите ја пренесоа неговата изјава:„ Ние не се подготвуваме да испорачаме артилериски системи способни да нанесуваат удари врз руската територија’, изјави Бајден, одговарајќи на барањето на Зеленски. Веќе следниот ден претставниците на администрацијата објавија дека САД ќе и испорачаат ненаведувани ракети од среден дострел, но не и ракети од далечен дострел. Обид да се „задоволи“ Украина, но и да се „успокои“ Русија. Украинците ветија дека нема да пукаат врз цели во Русија.

Владимир Путин изјави вчера дека новото американско оружје не менува ништо, бидејќи Украина веќе има такво оружје, а далечината на стрелањето зависи од ракетите што се користат. Тој се закани дека, ако Украина добие ракети од далечен дострел, тогаш Русија ќе нанесе удари врз оние објекти кои досега останале поштедени. Тој не кажа кои објекти ги има предвид. Но заменикот претседател на Советот за безбедност на Русија, Димитриј Медведев не еднаш се закануваше дека Русија ќе удри  врз „центри каде што се носат решенија“. А кои не се во Киев!.

Ако нешто може да радува во целата ситуација, тоа е навестувањето на решение за извоз на украинско жито. Украинците велат дека поради блокада на Црно море од страна на Русите тие не можат да го извезат житото. Русите пак велат дека се’ може да се реши, ако Украинците ги расчистат мините во морето и ја деблокираат Одеса. Но Украинците се плашат дека ако го деблокираат морето тогаш Русите би можеле лесно да направат поморски десант. Путин предложи житото да оди низ Белорусија, па низ Латвија и Естонија во Балтичкото море. Белорусија можеби ќе бара нешто во замена за ова. Има варијанти низ Полска, низ Романија, по Дунав и сл. На пример ублажување на санкциите. Најблиску е решението во соработка со ОН и Турција како гарант и житото да почне да оди во светот, а Украина да добие неколку милијарди долари, три до четири, за него.

Испораката на житото би била добро, но уште подобро би било да се постигне компромис за мир. Кога? Ако се чека до нечија победа ќе поминат уште многу години. А можеби некој го посакува тоа. Што би значело вовед во Трета светска војна, за која многумина велат дека е во тек. Анатол Ливен предупредува од нова Студена војна и катастрофите од неа, кои САД би можеле да ги избегнат овој пат. И дома и во странство. А најлошо сценарио, според него, би било прераснување на конфликтот во почеток на нова глобална крстоносна војна. 

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Казахстан ја има прочитано украинската лекција

Казахстан ја има прочитано украинската лекција

БИЗНИС АГИЛНОСТ - ТЕРМИНОЛОГИЈА НА НОВОТО ВРЕМЕ

БИЗНИС АГИЛНОСТ - ТЕРМИНОЛОГИЈА НА НОВОТО ВРЕМЕ