2,5 милиони евра К-15 за вработените во државната ЕСМ, Ангеловска смета дека е некоректно
Објавено во: Економија 25 Јуни, 2020
Државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) им исплатила на вработените регрес за годишен одмор за 2020 година во вкупна вредност од 166 милиони денари или над 2,6 милиони евра во текот на овој месец. К-15 добиле сите 5.661 вработени и тоа по 26.422 денари или по една просечна плата за секој. Исплатата се случила во време на криза, веднаш откако Уставниот суд ја стави вон сила Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци за плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба. Тоа значи дека исплатата на К-15 е со законска основа. Сепак од Министерството за финансии за Фактор велат дека оваа постапка не е коректна.
Според наши информации освен ЕСМ и други државни претпријатија исплатиле регрес за годишен одмор во текот на овој месец. Од компанијата за производство на електрична енергија ја потврдија информацијата.
„Управниот одбор ги согледа сите околности, остварените резултати, преземените чекори во услови на криза, како и проекции од работењето на компанијата во следниот период и донесе одлука за исплата на регрес на вработените. Исплатата е извршена откако Уставниот суд ја стави вон сила Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба. Додека уредбата беше на сила, АД ЕСМ не исплаќаше дневници за патувања во земјата и надоместоци за прекувремена работа за своите вработени, како и хонорар за членовите на Надзорниот одбор, стои во одговорот од ЕСМ.
На 1 април Владата усвои информација за намалување на непродуктивните расходи која содржи неколку заклучоци меѓи кои и времена забрана за нови вработувања, ангажирања на привремено и нови договори на дело, кратење на непродуктивните расходи за спонзорства, реклами, репрезентации, набавка на мебел, опрема, возила и други непродуктивни расходи кои суштински не се поврзани со справување со COVID-19. Меѓу препораките беше и да не се доделува регрес за одмор во јавен сектор и да не се реализираат другите права од Општиот колективен договор за јавниот сектор. Исто така јавните претпријатија беа задолжени да ги намалат за 15 проценти тековните расходи, а беше укажано и препорачано и на единиците на локална самоуправа како и јавните претпријатија и АД во државна сопственост и сите останати субјекти во јавниот сектор да ги почитуваат донесените мерки и да се воздржат од помалку суштинските расходи кои не придонесуваат во справувањето со Ковид -19.
Од Министерството за финансии велат дека не биле известени за ова и додаваат дека овие јавни претпријатија требало да го земат предвид моралниот аспект на постапката.
„Со укинувањето на уредбата од страна на Уставниот суд, нема законски основ по кој може да им се ограничи ваквата исплата на јавните претпријатија, но сепак во вакво време сите треба да го имаме предвид и моралниот аспект и одговорноста и оправданоста на секоја одлука која ја носиме, велат оттаму.
Александра Томиќ
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.