23 Ноември, 2024
0.0328

АДВОКАТ КУЗМАНОВСКИ: (Нe)уставната одлука на Уставниот суд

Објавено во: Колумни 25 Јануари, 2024

Добивај вести на Viber

Последиците што ќе ги предизвика примената на Законот за измена и дополнување на Законот за облигациони односи во делот на застарување на побарувањата ќе бидат несогледливи во негативна смисла, крајно штетни и со сериозни реперкусии за мнозинството на граѓани, но конечно, на долг рок, и за државата. Колку и тоа сега да изгледа како да е во полза или поповолно за државата и за граѓаните. Не, тоа не е така, и набрзо поради ваквата состојба државата ќе плати многу висока цена. Со тоа и мнозинството граѓани. Особено што Уставниот Суд, по поднесените иницијативи за оценка на уставноста на донесените измени, не собра сили да ја согледа целата ситуација од аспект на правната несигурност и правниот релативизам што се создава со донесените измени за застарување на побарувањата, што пак најголемо влијае има врз уставното начело за владеење на правото кое е дефинирано како темелна вредност на Уставот (член 8 став 1 алинеја 3). Во таа смисла, очигледно е дека донесените закони се спротивни на ова уставно начело и дека Уставниот Суд не ја завршил работата како што треба, бидејќи таму каде што се создава правна несигурност и правен релативизам, не може да има владеење на правото и правна држава. Но, фактичката состојба е таква каква што е, исто како и одлуката на Уставниот Суд. Сепак тоа не значи дека не може да се даде краток коментар за одлуката на Уставниот Суд и последиците кои ќе бидат предизвикани со примена на законите. Особено затоа што се работи за законски измени на општи норми, кои важат за сите категории на граѓани, физички и правни лица.

Во краткото образложение на својот сајт, Уставниот Суд навел „неприфатливо е тврдењето во иницијативите дека се повредува правото на сопственост на доверителите“. Не знам како ова го разбираат уставните судии, но прашање е, на пример, што ќе се случува со извршувањето на таканаречените сопственички пресуди, каде судот утврдил право на сопственост и сопственикот во постапка за извршување бара предавање во владение на стварта за која судот одлучил дека е во негова сопственост. Правото на сопственост не застарува, но што е со реализацијата на тоа право-побарување ако тоа поради било која причина не е реализирано во рок од десет години по поднесеното барање за извршување? Правото на сопственост не застарело, но сопственикот не може да поднесе нова сопственичка тужба и да добие нова извршна исправа затоа што се работи за пресудена работа, ниту може да поднесе ново барање за извршување по истиот основ бидејќи извршната постапка по истекот на десет години била запрена поради застареност. Тоа значи дека сопственикот на стварта, особено ако се работи за недвижност, не може да го реализира (добие) правото на сопственост. Кое, патем, не застарува. Бидејќи уставните судии изгледа дека ова прашање не го разбрале најдобро, јавноста треба да се запраша, особено оние граѓани кои имаат вакви проблеми, зошто за уставните судии било неприфатливо тврдењето дека со законските измени се повредува правото на сопственост на доверителите? Ова е најочигледниот пример дека со законските измени, всушност, се повредува правото на сопственост. Но, патем, истото важи и за другите побарувања на доверителите, без оглед дали тие се однесуваат на пари или на ствари. Бидејќи и тие побарувања се во сопственост на доверителите.

Понатаму, во краткото образложение на сајтот, Уставниот Суд навел дека „оспорениот член 4 од Законот за облигациони односи нема повратно дејство, односно ретроактивност бидејќи се однесува на постапки кои се уште траат, не се завршени, а не и на оние постапки кои пред влегувањето во сила на законот завршиле“. Да бидам искрен, ваквото образложение тешко кој може да го разбере. Не знам дали е тоа јасно и за самите уставни судии. Како тоа нема ретроактивност затоа што законот се однесувал на постапки кои се уште траат и не биле завршени, но не се однесувал на оние постапки кои пред влегувањето во сила на законот завршиле. Според Уставниот Суд, ретроактивност би имало само доколку законот се однесувал на постапки кои завршиле пред влегувањето во сила на законот!!?? За да биде појасно, тоа се постапки кои ги нема во правниот промет затоа што се завршени, или народски кажано тоа се “мртви” постапки поради што не е јасно како би можеле тие да се поврзуваат со ретроактивно дејство. Значи, ретроактивноста треба да се разгледува во контекст на “живи” предмети, или предмети што се во тек. Во таа смисла, ретроактивноста во правото подразбира примена на правна норма на настани што се случиле пред нејзиното влегување во сила. Или, во време кога таа правна норма не важела. Во овој случај, новите законски норми ќе се применуваат на постапки што започнале пред влегување во сила на овие измени, или новите законски норми ќе се применуваат токму за настани кои се случиле пред тие да влезат во сила. Или, со други зборови, на постапки започнати според други важечки правни норми, ќе се применат новите одредби. Значи, новите одредби ќе се применат наназад, ретроактивно, иако правните норми, по правило, важат во иднина (pro futuro). Начинот на кој е регулирана примената на новите законски измени претставува класично ретроактивно дејство на веќе започнатите постапки, што е спротивно на основното уставно начело за забрана на ретроактиовно дејство на законите.

Од друга страна, не само што законските измени важат ретроактивно, туку во измените не е предвиден ниту таканаречен период за прилагодување, поточно измените влегле во сила веднаш. Со ваквата одредба не само што се прави повреда на минималниот период на vacationlegis од 8 дена од објавувањето на измените во Службениот весник, туку сосема е нејасно и неразбирливо кои се тие исклучително оправдани причини, поради кои Собранието утврдило измените да влезат во сила веднаш. Бидејќи токму уставот налага да има исклучително оправдани причини за да може некој закон да влезде во сила веднаш (без период на прилагодување). Вака донесените измени на законот, без образложение зошто влегуваат во сила веднаш, или поточно, кои биле тие исклучително оправдани причини што наметнале вакво решение, исто така се во спротивност со уставот, и никому не е јасно зошто тоа не го виделе уставните судии.

Понатаму, на својот сајт Уставниот Суд навел дека „Овој предмет е работен темелно со анализа на уставно-судската пракса и обезбедено е мислење преку Форумот на Венецијанската комисија, што значи прибрани се искуствата на повеќе земји меѓу кои Словенија, Хрватска, Австрија, Босна и Херцеговина, Латвија, Полска, Шведска, Данска итн“. Одговорно тврдам дека доколку уставните судии направиле анализа на уставно-судската пракса во наведените земји ќе утврделе дека во ниту една земја не постои застарување на побарување доколку за негова реализација е поведена постапка за извршување. Не знам во кој контекст е наведено дека било обезбедено „мислење преку Форумот на Венецијанската комисија“, поради што јавно прашувам од кога почнала Венецијанската комисија да дава мислење преку Форум, и од друга страна, од кога Венецијанската комисија почнала да дава мислење на Уставен Суд по повод оценка на уставноста на некој закон? Добро би било да се произнесат упатените во работата на Венецијанската комисија околу овие прашања. Добро би било и новинарите да ги истражат овие прашања, како и прашањето која му била целта на Уставниот Суд кога ова го објавил на својот сајт како оправдување на одлуката што ја донел.

Како автор на овој текст, со сигурност можам да тврдам дека решението што го содржат измените и дополнувањата на Законот за облигациони односи за наплата на побарувањето по поведена извршна постапка не само што е крајно невообичаено, туку е непознато во законодавствата на земјите од ЕУ, но и пошироко. Ниту една земја што е наведена на сајтот на Уставниот Суд нема вакво решение. Напротив, во сите овие земји содржано е решение какво што претходно постоеше во нашиот Закон за облигациони односи до измените што беа предмет на оценка пред Уставниот Суд. Тоа значи дека во компаративната правна регулатива ваква законска одредба не постои, поради што нашата држава со овој закон е доведена во ситуација да биде единствен и уникатен пример во регионот, цела Европска Унија и пошироко.

Според тоа, нема простор за задоволство кај мнозинството на граѓаните. Последиците кои ќе ги донесе примената на измените се лесно предвидливи:

-хаварија во правниот систем на државата со последици не само по правната држава, туку и во економијата, банкарството, финснсикиот систем, претприемништвото, бизнис климата, странските инвестиции, со реална опасност да го загрози владеењето на правото и правната сигурност.

-хаварија во економскиот систем на државата, бидејќи со општата правна несигурност што ја создава, овој закон има директно влијае на правната заштита на имотниот интерес на доверителите, со тоа и на нивната ликвидност и солвентност, што крајно може да доведе до регрес и паѓање на економскиот раст.

-промоција на финансиска недисциплина, бидејќи според измените, непочитувањето на законите и сопствените обврски не само што не е неморално и нечесно, туку тоа е вообичаено и исплатливо, дури и таквото однесување се наградува.

-доверителите-физички и правни лица освен што се временски лимитирани во своите можности за наплата на побарувањата, ќе бидат изложени на дополнителни материјални издатоци и принудени да трпат материјална штета поради ретроактивната примена на законот. Во таква ситуација, големите економски оператори ќе бидат принудени да превземаат мерки за заштита (исто како во време на криза) преку отпуштање на работници, зголемување на цените на услугите или раст на банкарските камати, што во крајна линија, ќе се одрази врз и онака лошиот стандард на граѓаните и на зголемување на сиромаштијата.

Властите што поскоро треба да ги пресретнат ваквите последици, кога веќе тоа не го направи Уставниот Суд. За да не биде повторно се на грбот на огромното мнозинство чесни и совесни граѓани.

Љупчо Кузмановски, адвокат

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.