Добивај вести на Viber
Денеска во Струга се одржува Акционерско собрание на македонскиот нафтен гигант „Макпетрол“. Можни ли се акционерски прегупирања, како што, наводно, се шпекулира во јавноста?
Во јавноста веќе подолго време се шпекулира дека наводно руски инвеститор бил заинтересиран за влез во македонскиот нафтен гигант Макпетрол. Според информациите, кои за Фактор ги потврди
Љубица Рубен, која е претставник на рускиот инвеститор чие име сеуште не се открива, се работи за голем инвеститор од Русија кој бил поврзан со руските државни енергетски компании и бил заинтерeсиран за влегување во „Макпетрол“ и за инвестирање во областа на енергетиката во регионот. Според информациите кои Фактор ги доби од Рубен, веќе дел од надворешните акционери и дел од пензионерите ги потпишале полномоштвата за учество на собранието.
Сепак, што ќе се случува на денешното акционерско собрание, засега никој не сака да прогнозира.
Руски стратешки инвеститори две години го анализираат нафтениот бизнис на Балканот
Според информации на „Фактор“, група руски стратешки инвеститори од нафтената индустрија последните две години ефективно ја следеле и анализирале состојбата со нафтениот бизнис на Балканот. Експертите од групата заклучиле дека влошената економска состојба во нафтените компании од регионот, посебно во Македонија, не била резултат на објективни фактори, туку на субјективни причини. Според информациите што се лиферуваа во јавноста, рускиот инвеститор имал долгорочен план и бил подготвен процесот за преземање да го води во текот на следните месеци, со цел, како што тврди успешно завршување.
Загубата на Макпетрол во 2012 година е речиси 952 илјади евра
Согласно официјалните податоци за искажаната загуба во МАКПЕТРОЛ АД Скопје загубата за 2012 година изнесува речиси 952 илјади евра.
Компанијата „Макпетрол“, во првото тримесечје од оваа година, оствари загуба по оданочување во висина од 161 милиони денари. Искажаната консолидирана загуба, како што соопшти компанијата на Македонска берза е резултат на намалувањето на оперативните приходи за 15 индексни поени во однос на истиот период од претходната година. Истовремено, оперативните расходи се недоволно намалени, односно се намалени само за 14 индексни поени.
Во искажаната загуба Макпетрол Пром - Гас ДООЕЛ Скопје учествува со 12,71 мил. денари. Кај расходите голем удел имаат расходите по основ на намалување на залихата на биодизел, коишто во однос на минатата година се зголемени за 80 милиони денари. Понатаму, приходите од финансирање се намалени за 35,6 индексни поени, додека расходите од финансирањето се зголемени дури за 30,6 индексни поени во однос на истиот период од претходната година.
Намалувањето на приходите е резултат, пред сé, на падот на прометот на нафтените деривати за 4 индексни поени и падот на прометот на природниот гас и тоа за 54 индексни поени во однос на истиот период од претходната година.
Како причини за падот на прометот на нафтените деривати во првиот квартал од 2013 год. може да се наведат, пред сé, сезонскиот карактер на прометот на нафтените деривати, континуираното опаѓање на индустриското производство и на стопанската активност, со што значително е намалена економската сила на стопанските и нестопанските субјекти, продолжување на трендот на намалување на куповната сила на населението, како и зголемување на нивото на нелојалната конкуренција на домашниот пазар, се вели на крајот во образложението од Макпетрол.
Редакција Фактор