„АКО НЕ СИ НАПРАВИЛ НИШТО ПОГРЕШНО, ВРАТИ СЕ И ДОКАЖИ ГО ТОА“ - порака од американската амбасадорка до Артан Груби
Објавено во: Македонија 04 Јануари, 2025
Во поткаст за ТВ Телма, американската амбасадорка Анџела Агелер изјави дека е задоволна што поранешниот вицепремиер Артан Груби е на црната листа на САД. Таа рече дека за случајот каде што тој е обележан од американските власти, доказите се на дофат на македонските власти.
„Доказите се тука, најголемиот дел од нив, не сите. Може да се отвори случај од она што е достапно тука и во регионот и тоа е она што ние како амбасада се надеваме дека ќе се случи, но исто така ние не сме орган на прогонот. Јас нема да му влезам никому дома, но се надевам дека ова поттикнува акција и можам да кажам дека последните неколку имиња на црната листа навистина предизвикаа реакција“, нагласи Агелер.
Американската амбасадорка, како што објасни, не знае каде се наоѓа Артан Груби, а на потпрашањето дали е во Алчбанија, Агелер рече дека во нашата земја често се пуштале гласини.
Она што е најбитно за американската амбасадорка, е дека, како што рњче, луѓето не бегаат ако немаат што да кријат.
„Јас се надевам, е токму како што велите, одговорност – да ја преземеш одговорноста ако не си направил ништо погрешно. И ова важи за секој кој е ставен под санкции, односно за секој кој е под некаква судска постапка во оваа земја. Ако немаш што да криеш, тогаш врати се и докажи го тоа. Постои правен процес овде, и дел од тој процес започна со господинот Груби во врска со различни обвиненија што му се покренати. И, пак, ќе речам, ако нема што да крие… и знам дека многу се зборува за – и знам дека е така – дека има влијание во судството – тоа може да биде проблем, но луѓето во оваа земја сакаат да видат дека се води процес. Луѓето сакаат да разберат за каков процес станува збор и зошто одредени работи се прават. И најдобриот начин да се врати довербата на јавноста овде е да има отворен процес, а тоа значи дека некој што е обвинет за одредени дела треба да се врати и, како што велиме, да се соочи со последиците, рече таа.