ОД МИНУС ВО НАТПРОСЕЧНО ВИСОКИ ТЕМПЕРАТУРИ: Еве какво време ќе имаме за Божиќ
Објавено во: Македонија 06 Јануари, 2025
За време на претстојните Божиќни празници територијата на Македонија ќе биде под влијание на претежно стабилна, сува и значително потопла воздушна маса од југ, која ќе услови позначителен пораст на температурите кои ќе бидат натпросечно високи, а исто така ќе има и многу сончеви периоди. Повремено ќе дува слаб до умерен ветер од јужен и од југозападен правец, вели метеорологот Славчо Попоски.
„По котлините, особено оние кои се наоѓаат во Повардарието ќе има појава на магла и на ниска облачност, особено изразена во ноќните и во утринските часови.
И во Скопскиот регион за време на претстојните Божиќни празници ќе имаме стабилно, суво и претежно сончево време, додека во пониските предели од котлината ќе има појава на магла и на ниска облачност, особено изразена во ноќните и во утринските часови.
Што се однесува до температурите, наутро тие на повеќе места ќе бидат позитивни, односно над нулата, додека максималните температури ќе се искачуваат во интервалот од 8 до 15 степени, додека во југоисточните предели тие би можеле да се искачат и за некој степен над 15 степени.
Во Скопје и околината наутро температурата ќе се спушта во интервалот од -3 до 4 степени, а преку ден таа ќе се искачува во интервалот помеѓу 8 и 12 степени.
Само да напоменам дека во текот на ноќта вторник кон среда, особено во западните предели ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд“ вели тој.