14 Мај, 2024
0.0251

Aлиби политика за долгот и курсот на денарот

Објавено во: Колумни 03 Март, 2014

Добивај вести на Viber

Убаво е да се слушне кога некоја меѓународна институција оддава признание за остварувањата на одделни сегменти на макроекономската политика или поддршка на одделни политики. Меѓутоа, проблемот е во тоа што тие најчесто се земаат „здраво за готово“, како недискутабилни, па и неприкосновени. Се експлоатираат позитивната или негативната констатација независно од контекстот во кој се изречени, не водејќи сметка дали се однесуваат на тековни движења или на подолгорочни трендови. Се занемарува дека она што е добро денеска веќе утре може да биде неповолно и да предизвика нарушување  на стекнатата стабилност, со големи жртви. Во овој контекст маркетиншки максимално беа искористени  поддршката од ММФ за одржувањето на  фиксниот девизен курс на денарот спрема еврото и констатацијата за умерениот степен на задолженост на централната власт. Гувернерот, по кој знае кој пат, остана цврст и доследен на ставот дека нема причини за промена на политиката на курсот на денарот. Непоколеблив е и во оценката дека успешно ги остварува целите на монетарната политика- стабилност на цените и курсот на денарот, а за интензивирањето на нерамнотежите во сферата на економските односи со странство укажува дека тие се прашање на структурни реформи, а не на монетарната политика. Парцијално набљудувано тоа е точно, но, никако не може да биде алиби политика на централната банка, бидејќи монетарната политика е значаен сегмент на макроекономската политика и таа треба да делува синхронизирано со неа. Најмалку што може е да укаже зошто, веќе две децении, изостануваат таквите реформи. Нема ли влијание и „минималната“ апрецијација на вредноста на националната валута? Или, зошто преструктурирањето на стопанството изостанува и покрај тоа што долговите растат? Во овој контекст, за централната банка не е алиби ниту тоа што таа уште минатата година укажа дека проблем станува вкупниот долг на земјата иако степенот на задолженост  на централната влада е меѓу неколкуте најниски во Европа. При евентуално влошување на состојбите во односите со странство, изразените ставови и мислења  не можат да го оправдаат „нечинењето“ да се спречат неповолните трендови. Почитувајќи ја девизата според која „коментарите се слободни, а аргументите се свети“, монетарната и макроекономската политика повеќе немаат простор да ги игнорираат фактите кои се школски пример за последици на преценетост на вредноста на домашната валута. Тие веќе подолг период се силен сигнал за можните закани врз стабилноста на економијата, остварена, пред се’, со значајни жртви поради политиката на внатрешна девалвација (осиромашување на населението и зголемување на нееднаквоста и покрај значајна редиструбуција на доходот) и пораст на долговите кои ќе ги оптоваруваат и идните генерации.  На политиката на курсот на домашната валута  треба да престане да се гледа како на нешто недопирливо и покрај сите манифестирани неповолни ефекти врз развојот на стопанството, и никако не како на еднократни мерки на девалвација или ревалвација на денарот, бидејќи проблематиката на девизниот курс не се исцрпува со тоа. Само да потсетиме на неповолните ефекти. И покрај мерките на внатрешна девалвација, постои се’уште, иако мал, степен на апрецијација што ги дестимулира извозните, а ги стимулира увозните активности. Резултатот се изразува во постојан пораст на трговскиот дефицит, кој во последните пет години се одржува на ниво над 20,5% од БДП. Расте и дефицитот на тековната сметка на платниот биланс (се проценува дека минатата година ќе биде најголем во измнатите четири години-3,4% од БДП). Се случи и намалување   на девизните резерви, иако тие се’уште се на ниво кое ги задоволува потребите за нормално одвивање на надворешните трансакции, но, ако не се зголемуваат, можат да претставуваат проблем за сервисирање на значително поголемите обврски (670 милиони евра односно 7,5% од БДП) кои стасуваат за плаќање во 2015 година. Не е добро ако за таа цел ќе мора да се продава и дел од преостанатиот државен капитал или да се задолжуваме со нови долгови за да се враќаат старите. Не треба да се потценува дека поради нарушувањето на односите меѓу домашните цени и  цените во земјите на нашите најзначајни партнери се создава неповолен амбиент за развој на извозно ориентирано производство. Со години нема развој на нови производи за извоз. Впечатокот го подобруваат странските директни инвестиции во технолошко-индустриските развојни зони, меѓутоа, тие не можат да бидат долгорочен фактор за успех во развојот, доколку не сметаме дека нам ќе ни успее тоа што на ниту една друга земја, со над два милиони жители, не и’ успеало- развојот да го темели врз странска акумулација, поддржувана со стимулативни погодности и олеснувања. Во овој контекст треба да се има предвид дека и покрај сите напори на владата за привлекување на странски инвестиции, нивното учество во БДП е само половина од учеството на остварените во 2009 година. Минатата година, по многу години континуиран пораст, се намали и издашноста на приливот на девизи од тековните трансфери. Минатата година нивното учество во БДП се намали за два процентни поени во однос на претходната година-од 21,1% на 19,1% И тн. Ова се факти кои заслужуваат поинакви ставови и коментари отколку алиби политика за курсот на денарот и долговите. Тие изнудуваат и преиспитување на изразената подготвеност на властите пред ММФ „да ја заострат монетарната политика колку што е потребно за да се зачува фискниот валутен курс“. Впрочен таква политика веќе имаме и таа не втурна во повеќегодишниот магичен круг на ниски стапки на раст. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка