Добивај вести на Viber
Државната комисија за антикорупција ќе ги чешла тендерите во Струмица, додека ВМРО ДПМНЕ и денеска излезе со нови обвинувања за Заев. Од СДСМ пак реагираат, ВМРО ДПМНЕ си ги присвои институциите, но бараат државните службеници чесно и професионално да си ја завршат својата работа
Антикорупциската денеска отвори предмет за тендерите во општина Струмица, за кои изминативе денови ВМРО ДПМНЕ излезе со обивинувања дека градоначалникот Зоран Заев ги местел на свои роднини. Антикорупционерите сега ќе проверуваат дали има непотизам и судир на интереси во овеи случаи.
Ако изминатите денови прво таткото , чичкото, па братот на Заев беа посочувани како лица кои добивале општински тендери, денеска од владејачката партија излегоа со ново обвинување дека и снаата на Заев се офајдила од зделките и заработила околу илјада евра.
„Станува збор за фирмата “Ева Стаил” ДООЕЛ увоз – извоз од Струмица, во сопственост на Славица Заева која впрочем е сопруга на Вице Заев, родениот брат на Зоран Заев. Истата оваа фирма на ден 21.03.2011 година склучува договор за јавна набавка со Средното Општинско Училиште ’Димитар Влахов’ во вредност од 65.320 денари наменети за изработка на училишни униформи“, изјави Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ.
Во реакцијата од СДСМ пак се вели дека власта на Никола Груевски институциите на системот ги претвори во партиски испостави на ВМРО-ДПМНЕ, а како реакција на одлуката на Државната комисија за спречување корупција да отвори предмет за Заев. Оттаму ги повикаа надлежните институции да постапат согласно законите и да ги проверат сите постапки за доделување тендери во општина Струмица, но додаваат дека на СДСМ му е јасно дека вработените во државните институции се под силен притисок.
„Антикорупциската комисија вчера се стави во улога на портпарол на Гордана Јанкулоска. Власта на Никола Груевски, институциите на системот ги претвори во партиски испостави на ВМРО-ДПМНЕ.
На СДСМ му е јасно на каков притисок се изложени вработените во државните институции, да најдат некаква незаконитост во работењето на градоначалникот на Струмица и претседател на СДСМ, Зоран Заев.
Претседателот Заев е подготвен на се. Но заради доброто на Македонија, ги охрабрува овие луѓе, да се одважат и чесно и професионално, согласно законите, да си ја завршат својата работа“, стои во соопштението од СДСМ.